Достапни линкови

„Задумај се“: Млади безделничари или млади од акција?


Учесник во кампањата против гласини „„Гласно сокаче-Будно чикмаче“
Учесник во кампањата против гласини „„Гласно сокаче-Будно чикмаче“

Ако во нечија глава стои гласината дека младите битолчани генерално се мрзеливи и ретко можеш да ги најдеш во акција, а секогаш - на Широк Сокак како денгубат, во агендата на здружението Форум 16 стои намера оваа перцепција да се смени.

Интервјуа, фокус групи и анкети направени од здружението за граѓански активизам „ФОРУМ 16“, го потврдиле она што се шушка во битолските кругови. Велат, меѓу битолчани кружи една стереотипна дефиниција според која младите во овој град само пијат кафе на Широк сокак и денгубат. На оваа, се надоврзуваат и неколку други, повторно врзани со младите.

„Со години и децении присутен е муабетот дека младите во Битола можат да се најдат на Широк Сокак како пијат кафе, па врз основа на тоа се формира стереотипот со кој тие се карактеризираат како „незаинтересирани“ и „мрзеливи“. Ваквата генерализација е лоша и често знае да биде демотивирачка за оние млади кои се ангажирани и активни. Истовремено се слуша и друг муабет дека „сите паметни си заминаа од градот“ и дека „останаа само неспособните“. Исто така и овие наративи знаат да бидат обесхрабрувачки за оние кои избрале Битола да биде нивно место на постојано живеење и придонесуваат на било кој начин за нејзин развој“, изјави за РСЕ, Наташа Чавдаровска, претседателка на здружението „ФОРУМ 16“.

Според нив, јасно е дека се потребни години, па и децении за промена на оваа перцепција, но тоа не го менува фактот дека тие можат да преземат некој чекор за промена.

Нивната кампања против гласини кои се однесуваат на младите има име „Гласно сокаче-Будно чикмаче“, дава фокус на простори низ градот кои се игнорирани или запоставени и цели на грижа кон заедницата. Во акцијата се вклучуваат пред сè млади и секогаш волонтери.

Изминатиов викенд, се обидоа да ја сменат перцепцијата за ангажираноста на младите со уредување на простор околу една битолска зграда, цртајќи графити.

Просторот пред и по акцијата на Форум 16
Просторот пред и по акцијата на Форум 16

Преку вакви акции, младите се запознаваат со нивниот роден град од поинаква перспектива. А меѓугенерацискиот дијалог и соработка низ заедничка работа на млади и возрасни, е една од целите на оваа кампања.

„Особено уживаме во разговорите кои младите ги имаат со соседите кои ги затекнуваме на локациите каде што интервенираме. Младите така имаат можност да ја запознаат Битола одблизу, да слушнат нешто што го нема на Интернет за таа фонтана, улица, маало и слично“, додава Чавдаровска.

„Размислете двапати“

Велат, делуваат локално и прават онолку колку што можат со ресурсите кои им се на располагање. Но, потенцираат дека за видливи, долгорочни промени потребни се долгорочни процеси.

„Особено не е едноставно менувањето на ставовите на луѓето, тоа бара и личен ангажман. Не е доволно само ова што ние го правиме. Но, секој кој ја сака Битола подеднакво како нас, веруваме дека во иднина ќе се „задума“ дали да поверува на муабетите дека „младите за ништо не ги бива“ кога ќе пројдат покрај која било од локациите кои токму младите ги уредиле, а ние сме ги поддржале“, велат од „ФОРУМ 16“.

Кампањата „Гласно сокаче - Будно чикмаче“ е дел од (СТ)АРТ програмата на „ФОРУМ 16“ која предвидува активности за промоција на човекови права на креативен начин. За здружението, ова беше четврта кампања од ваков тип.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG