Достапни линкови

Една „малку“ поинаква свадба


илустрација
илустрација

Многумина од младите кои планираа свадби во изминатата година ги откажаа или пак ги одложија за неодредено време. Некои велат дека ќе почекаат подобри времиња. Други пак раскажуваат за нивните лични искуства на свадба под маски. Угостителите се жалат на големи загуби и бараат „свадби со протоколи“

За многу млади двојки кои изминатата година планираа да склучат брак и да направат веселба по тој повод, пандемијата направи пресврт и од корен ги смени нивните желби и визии за тоа како треба да изгледа еден од најубавите денови во нивниот живот.

Дваесет и шестгодишната Елена е една од оние девојки кои отсекогаш посакувале традиционална македонска свадба, со сите обичаи кои се својствени за ова поднебје. Првичните планови свадбата да биде лани ги сменила пандемијата, а разочарувањето кај Елена постои се уште бидејќи и моменталната ситуација не дозволува однапред закажан датум за свадбена веселба.

„Мене 2020 година ми донесе едно пријатно животно изненадување. Моето момче ми предложи брак и иако пандемијата ги смени животите и плановите на многу млади луѓе во земјава, сметам дека сега не е момент за реализација на нашите планови. Од лично искуство не се согласувам дека сега е време за масовни собири, меѓу кои и приватни собири за одбележување на семејна радост. За мене здравјето на најблиските е најважно, а убавото за нас допрва доаѓа“, вели Елена.

И додека угостителите кои организираат свадби секојдневно протестираат барајќи Владата да им дозволи да работат според постојните протоколи, Елена не брза да закаже датум за свадбена прослава, бидејќи како што вели, не сака најубавиот ден во животот на невестата да помине под маски, без жива музика и оро и со строги протоколи на однесување.

Младата Ивана од Скопје и нејзиниот сопруг сепак се одлучиле да направат свадбена прослава минатата година. Под маски, со триесетина гости, ограничен број на луѓе на една маса и без музика, вака ја опишува Ивана, нејзината свадбена веселба. Таа не жали што свеченоста поминала без традиционалните обичаи иако признава дека свадбата ја замислувала поинаку.

„Ресторанот внимаваше многу на протоколите. Тие ни излегоа во пресрет иако во тој период имаше инспекции и можеше да се случи да ги казнат. Носевме маски, ги тргнавме само кога пред матичарот требаше да одговориме со да, се внимаваше многу да нема групирање, држевме растојание и тој чин на регистрација беше на отворено, во дворот на објектот. Во ресторанот немаше играње, гласна музика, ништо од тоа. И покрај тоа што немаше музика, не бевме тажни, но дека недостасуваше повесела атмосфера, она да станеш да поиграш, луѓето да се расположат, тоа признавам дека недостасуваше“, раскажува Ивана.

Од друга страна пак угостителите- организатори на свадби се жалат дека нивната работа е намалена за речиси 100 проценти споредено со годината пред пандемијата.

Перица Голомеиќ, кој е сопственик на угостителски објекти во Скопје вели дека во 2019 година организирал 70 свадби во само еден од неговите ресторани. Во годината на пандемијата, организирале само 5 свадбени веселби. Тој апелира до надлежните да им дозволат да работат според строго утврдени протоколи иако е свесен дека бројот на веселби нема да биде голем.

„Има луѓе коишто сакаат да одбележат и на ваков начин, интересот апсолутно нема да биде многу голем, но и самите луѓе се свесни како се однесуваат и другите влади. Ако ни се дозволи да работиме како а ла карт рестораните, луѓето ќе имаат можност да направат еден свечен ручек, да се облече жената во една венчаница, младоженецот во смокинг и да направат еден свечен ручек за 50-тина луѓе како што си личи. Тоа не смеат да го направат кај нас, па се кријат во ала карт рестораните и се прикриваат меѓу другите гости, а ако ние тоа го направиме кривично ќе одговараме. Тука има многу нелогичности и тука е направена дискриминацијата кон нас“, вели Голомеиќ.

За забраните за работа реагираа и неколку здруженија на музичари, кои велат дека се револтирани од предлогот на угостителите да се организираат свечености без жива музика.

Во меѓувреме бројот на склучените бракови во четвртото тримесечје од 2020 година е намален за 19.7 % во споредба со истиот период од 2019 година и изнесува 2 689 бракови. Во истовреме пак бројот на разведените бракови во ова тримесечје е 540, што претставува намалување од 19.3 % во споредба со истиот период од 2019 година.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG