Достапни линкови

Топ 10 корисници на државна помош


Странски инвеститори во зони ослободени од даноци, спортски кладилници и казина се дел од фирмите кои добиле најмногу пари од државата за помош во исплата на плати за минатиот месец покажува владината дата база на отворени податоци.Владата досега исплатила 30 милиони евра помош за фирми.

Секој денар плус во домашната каса е добредојден особено кога доаѓа во тешки денови како што е пандемијата со коронавирусот кога многу граѓани останаа без никакви приходи и без заштеда од која би црпеле за да го издржат периодот во кој со рестриктивни мерки за спречување на ширењето на КОВИД-19 беa ставени под клуч цели дејности и фирми.

Владата во буџетот предвиде 190 милиони евра наменети за економски мерки од кои ,според податоците на Министерството за финансии објавени во базата „Отворени финансии“, до 29 мај биле исплатени вкупно 30 милиони евра.

Целта на економските мерки од владата, како што велеа од таму, била да има солидарност со оние кои немаат, но според податоците кои беа јавно објавени, од државната каса земале и оние кои претходно добро заработувале. Критериумите на Владата за доделување на помош за исплата на плати со цел зачувување на работните места значат дека фирмите не треба да исплаќаат дивиденти и бонуси како и да прикажат најмалку 30% намалување на приходите споредено со просекот од минатата година.

Според владините податоци, на сметки на 24.300 компании како помош за исплата на априлска плата легнале по 14.500 денари по вработен, со што се опфатени платите на речиси 126 илјади работници. Од најпогодените дејности, како на пример од угостителската до владата пристигнале 2.377 барања, потоа од секторот транспорт биле поднесени 217 барања, а од туристичките агенции и туроператори вкупно 253 барања. Останатите над 16 илјади се од други дејности. Топ 20- те фирми според дата базата добиле вкупно 4,6 милиони евра помош за исплата на плато за еден месец, што е 15 проценти од вкупно доделените пари од буџетот.

ТОП 5 приматели на државна помош - странските инвеститори

Владината дата-база на отворени податоци покажува дека во топ пет приматели на државни пари за исплата на плати се странските инвеститори во земјава. Прва на листата е битолската фирма – странската инвестиција Кромберг и Шуберт кој е четврта на ранг листата на 100 најголеми приватни компании во земјата според приходите од 250 милиони евра што ги остварила минатата година. Лани оваа компанија остварила раст од 11 проценти во однос на претходната година. На нејзината сметка од државната каса во изминатиот месец по основ исплата на плати се легнати 1 милион и 196 илјади евра. Оваа компанија ,според последните објавени податоци за 100 најголеми работодавачи за 2019 година, имала 6 458 вработени.

Претходно во март и април по основ програмата за поддршка на странски инвестиции и развој на слободна зона од Владата и биле исплатени над 3 милиони евра. Во списокот на донатори кој во април го објави Владата е наведено дека компанијата Кромберг и Шуберт донирала во министерството за здравство пари за борба против Ковид 19.

По неа на листата е странската инвестиција Адинет Сеатингс или поранешната Џонсон контролс која брои 2 170 вработени на чија сметка од државната каса се слеале 440 илјади евра минатиот месец по основ помош за исплата на плати. Странската инвестиција, компанијата Гентерм, која во јули 2016 година ја отвори фабриката за производство на термални системи за автомобили и други уреди наменети за извоз на европскиот пазар и вработила 1944 работници, минатиот месец за исплата на плати од Владата доби 422 илјади евра. По неа на листата е и Адиент Аутомотиве Струмица која е трета фабрика на поранешната Џонсон Контролс со прилив од 351 илјади евра од Владата за исплата на плати за 1633 вработени, како што покажуваат податоците од 100 најголеми работодавци за минатата година. Пари за плати побарала и американската компанија во Тетово Леар Коорпоратион во вредност од 250 илјади евра за 1133 вработени.

Последните места резервирани за кладилници и казина

Во ТОП 10 баратели на помош од државата за исплата на плати наредните неколку места ги пополнуваат спортските кладилници, казина и Клиничката болница Аџибадем Систина.

Од кладилниците, Спорт Лајф која во листата на најголемите 100 компании, се најде на 24 место според приходите од 86 милиони евра заработени минатата година, во мај од Владата во својата област добила најмногу пари за плати, вкупно 183 илјади евра. Потоа следува Делта Бет која од владата за плати добила 132 илјади евра. Дел од сопственичката структура на оваа обложувалница е сопственикот на српскиот Моцарт Дејан Чакајац кој во 2016 година се најде на листата на Форбс на најбогати на Западниот Балкан.

Претходно, обложувалницата Моцарт (Делта Бет) на својата интернет страница наведе дека донирала 50 илјади евра како општествено одговорна фирма за македонските болници.

Од владата помош побарале автомат клубот за игри на среќа Сенатор во вредност од 131 илјади евра, а на сметката на Принцес хотел и казино од Гевгелија легнале речиси 120 илјади евра. На ранг листата на најголеми 100 компании во земјава, ова казино, според приходите заработени лани, е на 60 место. Пари за плати побарале и од Макотен, фирма која е сопстевник на казиното Фламинго што се наоѓа во Гевгелија, но неодамна отвори и казино во хотелот Мериот на скопскиот плоштад.

И клиничката болница „Аџибадем Систина“ побарала и добила помош од владата за да исплати плати на 966 вработени во износ од 140 илјади евра.

На десеттото место е компанијата Брако, во сопственост на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев. На нивната сметка по основ плати од државата на 14 мај биле префлени 105 илјади евра. Околу 100 илјади евра добила и компанијата Пелистерка и земјоделскиот комбинат Пелагонија и фирмата за конфекција Мода ад каде што претседател на одбор на директори е Ангел Димитров.

Топ 10 спортисти баратели на државна помош

Според податоците на Агенцијата за млади и спорт, вкупно 855 спортисти и административци од спортски клубови побарале помош од државата за минимална плата. Поголемиот дел од нив се млади спортисти. Но, меѓу нив на списокот има и звучни спортски имиња.

Вкупно 33 луѓе од Академија Пандев земале од државата плата од 13 500 денари. Станува збор за спортски фудбалски клуб кој игра во првата лига и кој е основан од познатиот македонски фудбалер Горан Пандев кој игра во италијанската лига и спортските портали минатиот месец пишуваа дека донирал 10 илјади евра во Фондот за здравство. Слично е и со ракометниот клуб Голден Арт КЛ- 7 зад кој стои познатиот ракометар Кире Лазаров. Тие побарале помош од државата за плата за 17 лица.

Потоа Стевче Алушевски, кој е прв тренер на европскиот првак во ракомет „Вардар“, а добил плата од државата во вредност од 13 500 денари преку ракометната академијата Алушевски. Неговата колешка Индира Кастратовиќ која, според последната објава на спортските портали, стана дел од сопственичката структура на женскиот ракометен клуб Вардар, минатиот месец побарала помош од државата во вредност од 13500 денари. Тоа го направиле и нејзините колешки Анжела Платон и Андријана Будимир кои се долгогодишни македонски репрезентативки и работат како тренери во ракометниот клуб Вардар.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG