Достапни линкови

Говорот на Путин и значењето на она што не го кажа


Рускиот претседател Владимир Путин на Денот на победата во центарот на Москва на 9 мај.
Рускиот претседател Владимир Путин на Денот на победата во центарот на Москва на 9 мај.

Рускиот претседател Владимир Путин во говорот за Денот на победата во Москва не објави општа мобилизација за сеопфатна војна против Украина. Тој не прогласи победа над Украина. Тој дури не ја спомна декларираната цел на Кремљ за оваа војна - „денацификацијата“ – во својот говор. Мајк Екел

На крајот, она што беше забележително во говорот на рускиот претседател Владимир Путин за време на церемониите на Денот на победата е она што тој не го кажа.

Тој не објави општа мобилизација за сеопфатна војна против Украина. Тој не прогласи победа во војната.

Тој не упати никаква закана со рускиот нуклеарен арсенал, нешто што тој и другите функционери постојано го правеа во последниве недели.

Ден на победата: Путин ја брани руската инвазија, Зеленски најави втора победа на Украина

Тој ги спомна нацистите, но не и „денацификацијата“, една од декларираните цели на Кремљ за војната.

Тој дури и не упати генерален повик за мобилизирање на руското население за голема жртва во, или поради војната.

Неговиот говор на 9 мај се очекуваше како еден од најзначајните во неговите 22 години како лидер на Русија – односно дали говорот ќе биде предвесник на повеќе војна, или можеби на мир.

На Денот на победата над фашизмот, Путин на парада, Зеленски во празен град
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Денот на победата – света точка за милиони во Русија и време кога Путин е во центарот на глобалното внимание.

Како и во многу од неговите минати говори за Денот на победата, Путин им оддаде почит на милиони советски граѓани кои загинаа во борбата против нацистичка Германија.

Како и во некои, иако не сите, од неговите минати говори, тој го искористи моментот за да ги нападне САД.

Со оглед на тоа што Кремљ сега ја води најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна, многу набљудувачи бараа индиции за тоа како Путин ќе ја обликува војната во Украина, која според сите пресметки - освен неговата и на неколкумина други - не оди добро за Русија.

На крајот, во 12-минутниот говор тој не понуди никаква јасност. Исто така, не понуди трансформативна промена на политиката за најголемата надворешнополитичка криза на раководството на Путин.


Владислав Зубок, руски експерт за Студената војна и професор на Лондонската школа за економија во врска со говорот на Путин вели:

„Со железната завеса околу Русија изградена со санкциите на западните сили, Путин си го обезбеди својот режим и ќе биде задоволен со тоа со години и години. На крајот на краиштата, тој веќе има речиси 70 години. Меѓутоа, оваа опција претпоставува целосно ладен и циничен лидер, чија реторика на жртва и победа е само една големо бла-бла“.

Годишната помпа на парадата го вклучуваше вообичаеното појавување на стотици војници, морнари и друг воен персонал што маршираа покрај источните ѕидови на Кремљ, заедно со звукот на тенковите, оклопните возила и меѓународните континентални балистички ракети во камиони.

Руски пешадиски борбени возила БМД-4М и оклопни транспортери БТР-МДМ на Црвениот плоштад за време на парадата на Денот на победата.
Руски пешадиски борбени возила БМД-4М и оклопни транспортери БТР-МДМ на Црвениот плоштад за време на парадата на Денот на победата.

Невообичаено, немаше „воздушна парада“ на бомбардери, борбени авиони и хеликоптери низ небото над центарот на Москва.

Ваквото отсуство не е нужен показател за нешто големо дека се случува во Москва, иако неговото откажување беше објавено од портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков неколку минути пред почетокот на церемониите. Тој за тоа ги обвини временските услови.

Путин: Руските сили ја бранат татковината од „неприфатлива закана“

Говорот на Путин содржеше важни елементи на митологизирање на Втората светска војна, чие сеќавање е развлечено - или искривено, како што тврдат некои руски набљудувачи: „култот на победата“, како што го опиша критичарот на Кремљ, Јулија Латинина.

„Овој култ на војната нема никаква врска со вистинската историја на Втората светска војна. Тоа е култ на новиот руски тоталитаризам, чија идеологија е многу едноставна“, смета таа.

Околу 27 милиони советски граѓани загинаа во четирите години од борбите со нацистичка Германија, загуба која оттогаш се пренесува со генерации. Путин ѝ оддаде почит на таа загуба.

„Денот на победата е близок и драг на секој од нас. Нема семејство во Русија кое не е изгорено од Големата патриотска војна. Неговото сеќавање никогаш не згаснува“, рече тој во својот говор.

Украински артилериски единици во акција против руски сили во Харкив
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:18 0:00

Спротивно на тоа, обемот на загубите на Русија во војната во Украина е прикриен од руската јавност. На 27 март последен пат Министерството за одбрана објави официјален биланс на загинати, а тој биланс – 1.351 – е само мал дел од она што украинските и западните власти велат дека е вистинскиот, проценет на повеќе од 15.000.

На бојното поле во Украина, руските сили беа спречени во првите денови на инвазијата, не успеаја да го заземат Киев или другите големи градови, пред да се рекалибрираат и да ги префрлат трупите во офанзива во источниот регион Донбас. Таа офанзива сè уште е во тек и покажува малку знаци за големи достигнувања за руските трупи.

Дури и пристанишниот град Мариупол, кој руските команданти го направија приоритет поради неговата стратешка локација, а се очекуваше да биде заземен пред неколку недели, останува неосвоен, и покрај изјавата на Путин на 21 април за победа таму.

Во обраќањето, тој не го спомна Мариупол -- или која било друга територија што Русија ја окупирала.

„Моето толкување е дека тоа беше паушална работа. Нема триумф, на пример, во Мариупол. Всушност, мислам дека не знае што да прави. Тоа е чувство дека нешто не е во ред, а тие немаат идеја како да го поправат тоа“, изјави за РСЕ Ендрју Вуд, поранешен британски амбасадор во Русија.

Сè поголем број западни воени експерти велат дека високиот број на загинати меѓу руските војници, како и високите стапки на загуба на опрема, се голема пречка за секое тврдење за одлучувачка победа - фундаментален проблем кој веројатно може да се реши само со повеќе војници.

Тоа значи или повикување резервисти или испраќање релативно млади, неискусни регрути во борба - или, поекстремно, најава за општа, масовна мобилизација на општеството.

Некои набљудувачи шпекулираа дека Путин би можел да го стори тоа, заедно со историската симболика на Големата патриотска војна, како што често се нарекува Втората светска војна во Русија.

Тоа не се случи, можеби затоа што би вклучило објавување војна, нешто што Кремљ досега одбиваше да го направи во врска со инвазијата, наместо да ја опишува со еуфемистичкиот термин „специјална воена операција“.

„Путин порано се истакнуваше со држење, манипулации и блефирање, но сега изгледа изгубен во управувањето со вистинска војна“, вели Павел Баев, политиколог и професор на Институтот за истражување на мирот во Осло, додавајќи:

„Дури и да ја нарекува војната со вистинското име, што можеше да биде логично во контекст на поврзување со Големата патриотска војна, за него тоа е чекор предалеку“.

Зеленски по повод Денот на победата: Злото се врати!

Според Баев, најавувањето дури и делумна мобилизација би значело прифаќање на потешка одговорност отколку што подразбира извршувањето на „специјалната операција“.

„Шупливиот говор означува голем неуспех на раководството, што е особено очигледно во споредба со извонредните перформанси на Зеленски“, вели Баев, мислејќи на претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Покрај тоа што го оплакуваше советскиот херој и загубите од пред 77 години, Путин мавташе и со други повторливи фрази: Тој ги нападна Западот и НАТО, а особено САД, обвинувајќи ги дека „го понижуваат не само целиот свет, туку и неговите сателити, кои треба да се преправаат дека ништо не забележуваат и кротко сето тоа го голтаат“.

И токму како што советските сили помогнаа да се победи нацизмот во Европа, тврдеше тој, руските сили беа принудени да дејствуваат против Украина како „превентивно одбивање на агресијата“ од, како што рече, неонацисти и „бандеристи“ поддржани од Западот. Тоа е навреда што ја користат руските официјални лица против Украинците, мислејќи на украинскиот националистички водач од 20 век, Степан Бандера.

„Сè покажуваше дека судирот со неонацистите, со бандеристите, врз кои се потпираа САД и нивните помали партнери, ќе биде неизбежен“, рече Путин. Киев, западните влади и критичарите на Кремљ тврдат дека обидите на Путин да ја оправда инвазијата како превентивен напад се целосно неосновани.

Официјални лица постојано тврдеа дека ниту Украина ниту НАТО не планирале да ја нападнат Русија и дека неговите напори да ги спореди Украинците или нивните водачи со нацистите се неосновани и апсурдни.

Непосредно по говорот на Путин, британскиот министер за одбрана Бен Валас рече дека Путин и неговите генерали се тие кои „ги пресликуваат фашизмот и тиранијата од пред 77 години, повторувајќи ги грешките на тоталитарниот режим од минатиот век“.

Додека тој зборуваше за неонацистите, Путин не даде опсежни изјави за „денацификација“ на Украина - нешто што тој го потенцира дека е од огромно значење кога го најави почетокот на инвазијата на 24 февруари.

Дмитриј Орешкин, политиколог од Москва, вели дека не очекувал Путин да објави војна или општа мобилизација, тврдејќи дека преземањето на кој било таков потег ќе го наруши неговиот имиџ и ќе ги нагласи прашањата за неговото справување со војната.

„Ако започнете војна, тогаш тоа значи да признаете дека специјалната операција завршила без ништо или се покажала недоволна. Вака или онака, тоа се сфаќа како пораз“, изјави Орешкин, додавајќи:

„И ако најавите мобилизација, тоа е исто. Тоа значи дека Русија и нејзината војска немаа доволно сила, дека Украина пружи неочекувано силен отпор и сега треба да поканиме нови луѓе, да регрутираме нова работна сила. Значи, објавата на војна или мобилизација би било нешто како признавање на поразот“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG