Достапни линкови

Во Скопје скромно, во светот спектакуларни огномети и прослави за новогодишната ноќ


Дочек на новата 2023 година на Тајмс Сквер во Њујорк
Дочек на новата 2023 година на Тајмс Сквер во Њујорк

Мирна новогодишна вечер, без многу работа за полицијата и лекарите. Македонските граѓани ја дочекаа новата 2023 година, некои во домашна атмосфера, други во угостителските објекти, а некои и покрај високата концентрација на отровните честички во воздухот, сепак славеа на градскиот плоштад во Скопје.

И покрај густата магла и загадениот воздух, многумина граѓани синоќа сепак ја дочекаа Новата 2023 година на градскиот плоштад во Скопје. Иако недоволно украсен и светкав, сепак на плоштадот се собраа граѓани кои славеа со песните на музичките уметници од Здружението на естрадни уметници „Естрада”, кое за прв пат беше организатор на новогодишната забава. На полноќ имаше и огномет. Угостителските објекти беа полни, не само вечерта, туку и на дневните новогодишни забави.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која до синоќа ја немаше во јавноста, ниту кажуваше дали и што ќе организира Градот, само објави дека ја дочекала Новата година со Бригадата за противпожарна заштита Скопје.

Дочек на Нова година на градскиот плоштад во Скопје, 31 декември 2022
Дочек на Нова година на градскиот плоштад во Скопје, 31 декември 2022

Многу јавувања од родители кои барале совет за тоа како да постапат со децата кои претерале со алкохол, имало во теренската Служба за итната медицинска помош во Скопје.

Сто интервенции на итната помош, најмногу за алкохолизирани лица

Во изминатото деноноќие Службата за итна помош имала 100 интервенци, од кои 40 од прв степен на итност. Околу 20 интервенции на итната помош биле за алкохолизирани лица, четири до пет за лица повредени во физички пресметки кои биле пренесени во некои од ургентните центри, а се интервенирало и за шест сообраќајки.

Во текот на новогодишната ноќ во Ургентниот центар во Скопје биле извршени 80 прегледи, од кои четири сообраќајни незгоди и четири физички напади.

На токсикологија синоќа завршиле дваесетина малолетници кои претерале со алкохолот. Најмладиот има 14 години. Најмногу биле момчиња, а имало и шест девојчиња.

„Во нашата клиника беа примени 22 пациенти во алкохолизирана состојба, 6 жени и 16 мажи. За жал млада популација, значи малолетници од 14 до 18 години. Сите беа третирани во амбуланта и пуштени дома“, изјави Ридван Бајрами, директор на Клиниката за токсикологија.

МВР: Мирна новогодишна вечер без поголеми нарушувања на јавниот ред

Од полицијата соопштија дека новогодишната ноќ поминала мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека во споредба со минатата година, во ноќта што измина имало 30 проценти помалку пријавени настани.

„Во текот на ноќта, имавме вкупно 10 кривични дела, од кои четири се тешки кражби, а една во обид. Имавме две насилства и две неовластени производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции. Две кражби, од кои една, исто така, е во обид. Имаме регистрирани прекршоци од Законот за јавен ред и мир, вкупно 15. Имаме прекршоци од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, вкупно осум и има 16 сообраќајни несреќи и дополнителни пет други настани кои се пријавени“, изјави Спасовски.

Новата година ќе биде „машка“

Во новогодишната ноќ на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје се родиле четири деца. Првото бебе е машко и се родило една минута по полноќ, по што на свет дошле уште едно машко и две женски бебиња.

Министерот за здравство Беким Сали кој заедно со својата колешка за труд и социјална политика Јована Тренчевска ги посети бебињата, се надева дека целата година, како што рече, ќе ни биде здрава. Се заблагодари и за ангажманот на здравствените работници кои дале се од себе во изминатиот период да профункционира здравствениот систем.

„Сакам да се заблагодарам на сите граѓани, а секако и на сите здравствени работници кои изминатиот период дадоа се од себе да профункционира здравствениот систем и се надевам дека така ќе продолжиме, најпрвин чувајќи го личното здравје и давајќи придонес за здравјето на сите граѓани и оваа година да ја поминеме така,“ рече Сали.

Тренчевска пак порача дека во фокус на Министерството останува да биде детската заштита и овозможување на секое дете пристап до квалитетно предучилишно образование и воспитување.

Во светот - спектакуларни огномети и новогодишни прослави

Новата 2023 година најпрви ја дочекаа жителите на островот Лаеин, кој припаѓа на островската држава Кирибати во Тихиот Океан, како и на Самоа.

По Кирибати, Новата година ја дочекаа и жителите на Далечниот Исток на Азија и Нов Зеланд. По нив следуваа Австралија, Јапонија, Индонезија, Кина, Индија и други азиски земји, потоа Европа и Африка и двата американски континенти.

Австралија влезе во новата година со традиционалниот огномет, а голем број туристи пристигнаа во Сиднеј да уживаат во феноменалната прослава.

Спектакуларни прослави беа организирани и во Лондон, Париз, Токио, Дубаи, Пекинг, Њујорк, Берлин и други поголеми градови во светот.

Велика Британија ја дочека Новата година со огномет над реката Темза, со кој и оддаде почит на покојната кралица со снимка од нејзиниот глас и зборови од актерката Џуди Денч, пред да му оддадат почит на кралот Чарлс, заедно со неговата порака за потребата од зачувување на иднината на нашата планета.

Новогодишниот огномет во Лондон
Новогодишниот огномет во Лондон

Пред одбројувањето и огнометот што започнува на полноќ, парижаните и туристите биле поканети да се соберат на Шанзелизе во 22 часот за да уживаат во музичката програма во чест на француските уметници.

Новата година во Германија започна со неверојатен огномет на небото над Берлин.

Њујорк традиционално ја дочека Новата година на Тајмс Сквер. Публиката до полноќ имаше можност да ужива во изведбите на J-Hope и New Edition, а на полноќ на Тајмс Сквер беше пуштена песната на Френк Синатра „New York“.

Прославата не ја заобиколи ниту Москва, иако властите го затворија познатиот Црвен плоштад поради ограничувањата на пандемските мерки и го зголемија полициското присуство во областа.

Од друга страна, во главниот град на Украина улиците беа пусти, а веднаш по полноќ се огласија алармите за тревога и продолжија нападите но немаше повредени. Претседателот Зеленски на руски јазик им се обрати на Русите со порака дека нивниот претседател „се крие зад вас и ја уништува вашата земја и нејзината иднина.“

Хрватска ја почна новата 2023 со влез во Шенген и еврозоната.

Во Кина и покрај ограничувањата од Ковид 19 граѓаните сепак излегоа на улиците да ја дочекаат новата 2023 година.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG