Достапни линкови

Волци, мечки и лавчиња - егзотични незаконски миленичиња во Македонија


Лав домашно милениче
Лав домашно милениче

Лавови, волци и мечки за одредени граѓани се егзотични миленичиња кои ги чуваат во дворовите или во кафези. Но, во земјава е незаконски да се чува лав или пак мечка. На огласите на интернет може да се најде и луѓе кои продаваат волци не постари од три месеци. Незаконската трговија со диви животни е развиена во земјава, велат невладините организации.

Кумановец и скопјанец на социјалните мрежи си објавиле фотографија со лав, како домашно милениче покрај скапиот автомобил. Станува збор за лав помлад од една година. Ваквите фотографии алудираат на шверц со диви животни кој што во светски размери, особено по европски закони спаѓа во сериозно кривично дело. Од Царина во одговор на новинарските прашања за тоа дали цариниците забележале влез на младунче од лав велат дека во Царинската управа се евидентирани увози на лавови со издадени дозволи и истите се увезени по барање на Зоолошка Градина Скопје и Зоолошка Градина Битола.

„Увоз на лавови од страна на физичко лице не е евидентиран во системот на Царинската управа“, одговорија од Царина.

За да се увезе диво животно во Македонија, прво треба да се поседува дозвола за извоз од државата од која излегува животното. Потоа, Министерството за животна средина и просторно планирање е надлежно за издавање дозвола за увоз на животни. Дополнително, потребна е дозвола за одгледување и хумано третирање на животните, а кај нас таква дозвола ниту е побарана, ниту е издадена, тврдат од министерството за „Независен весник“.

Македонските невладини организации кои се занимаваат со заштита на животните велат дека во земјава се случува криумчарење на егзотични диви животни кои се чуваат несоодветно како миленичиња додека се мали.

Радмила Пешева од Анима Мунди вели дека сликата на кумановецот со лавче во рака додека вози автомобил е скандалозна слика особено што никој не реагирал на оваа појава. Таа додава дека човекот цела недела се сликал и споделувал слики со лавчето за кое смета дека е нелегално влезено во земјава.

„Се случува многу често, се случува во Криволак, се случува во раце на приватни лица да завршуваат диви животни, кои се автохтони животни кои се заштитени да завршуваат. Се случува и диви животни комплетно да залутуваат кај нас за кои не знаеме на каков начин дошле до тука. Имаме нелегална трговија со диви животни, имаме несоодветно чување, не знаеме кој дава такви дозволи, ова буквално ја прелева чашата. Настрана што тоа животно по нелегален пат е дојдено во земјава“ вели Пешева.

Ивана Мишева од невладината организација Кане Корсо вели дека до нивното здружение им пристигнуваат фотографии и поплаки од граѓани кои се фалат на социјалните мрежи дека чуваат егзотични миленичиња.

„Се фалат со егзотични миленици, да ги наречам така, иако тие во Македонија не се егзотични миленици туку заштитени видови. Конкретно неколку мечки кои се нашле во незавидна ситуација да бидат домашни миленичиња за да бидат пропратно циркуски животни во домовите на луѓето кои што потоа се правдаат дека ги згрижиле и ги нашле напуштени, па немале што да прават. И точно е дека нема што да прават, затоа што и ние немаме што да правиме во таквата ситуација“ вели Мишева.

На јавни огласи се продаваат младунчиња од волци

Таа додава дека во земјава јавно се огласува продажба на волци.

„ Тоа е толку невидено во други држави што немам зборови. Си објавува дека си продава волкче, затоа што си го нашол, или му ја убил мајката или не е ни битно како стигнало до таму“, објаснува Мишева.

Оглас за продажба на див волк
Оглас за продажба на див волк

Мишева посочува дека во близина на село Блаце и кумановските села кон границата со Косово се развива нелегална трговија со волци и мечки.

„ Има многу случаи за кои сум добила дојава дека имаат мали мечиња и мали волчиња кои ги препродаваат и ги пренесуваат преку граница, едноставно го ставаат во кола и никој ништо не прашува и нема ни да го видат“ посочува таа и додава дека сепак тоа се дојави до здружението за кои не посведочила лично.

Цариниците изминатава година не евидентирале шверц на диви животни за разлика од претходни години

Од Царина посочуваат дека во изминатава година цариниците не евидентирале случаи на криумчарење на диви животни. Но посочуваат дека во изминативе години неколку пати спречиле шверц на диви и езготични животни.

„Царинските службеници изминатите години имаат спречено шверц на диви и егзотични животни меѓу кои папагали, гулаби, домашни птици, леопардов гекон, камелеони, шкорпии, змии, аквариумски риби, желки и кучиња. Истите биле запленувани при обид да бидат нелегално внесени во државава. Против сторителите биле покренати соодветни пријави, а со цел животните да добијат соодветни услови за живот биле дадени на згрижување во Зоолошката градина“, се вели во одговорот од Царина.

Пешева додава дека низ земјава во многу ресторани во Источна Македонија како и околина на Тетово и Гостивар во кафези се чуваат заловени диви животни како циркуска атракција.

„Во секоја кафеана во провинцијата има затворени орли, затворени соколи, затворени мечки., неподносливо станува колку од инспекторатот не реагира со извесни исклучоци“ вели Пешева.

Според македонските закони за неовластено ловење, чување и отуѓување на диви животни и птици се казнува со парична казна или затвор до три години.

„Тој што неовластено лови, превезува, пренесува, прикрива, чува, одгледува, купува, продава, или на кој било начин прибавува,отуѓува или препарира диви животни и птици во поголеми количини или од поголема вредност кои се забранети, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако сторителот на делото организира мрежа за извршување на делото или ако делото е сторено во состав на група или друго здружение или заради извезување на дивите животни или птици во странство, ќе се казни со затвор од една до пет години“, се вели во кривичниот законик.

Радио Слободна Европа побара одговори од Министерството за внатрешни работи и други надлежни институции. Сè уште нема повратна информација од надлежните како ова лавче влегло во земјава, ниту дали досега е евидентирана нелегална трговија со диви животни.

Пешева посочува дека честопати пуштаат пријави до надлежните институции, но слух ниту реакција нема, а како што посочува ако се залови диво животно затоа што нема услови да се чува, најчесто решение е, како што вели, еутаназија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG