Достапни линкови

Владан Дробицки: Ентузијазам имаме во изобилие


Плакатот за славеничкиот концерт на СЕТСТАТ
Плакатот за славеничкиот концерт на СЕТСТАТ

Со учество на регионалните џез фаворити – нишкиот ЕЈОТ и софиското СПЕЈС ТРИО, култниот домашен „џез-панк-фанк“ состав СЕТСТАТ и Идриз Амети или ТОКА ШИТЕТ, на 23 и 24 септември, во организација на ПМГ ЏЕЗ, во Филхармонија ќе се одржи третото издание на меѓународниот фестивал „Крај Вардарот Џез“.

На урбано Скопје и на љубителите на џезот и импровизираната музика, на сите оние кои стремат кон промоција на современата македонска музичка мисла, на 23 и 24 септември, во Филхармонија, ќе им се случи третото издание на Меѓународниот фестивал на современ џез, светска и етно музика „Крај Вардарот Џез“. Ова подразбира дека расне и јакне иницијалната идеја на ПМГ ЏЕЗ, како огранок на издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“ да ги претстави актуелните авторски остварувања на високо ценетите и реномирани автори, но и на младите, веќе наградувани и талентирани музичари, всушност „да поддржи една нова генерација домашни музичари, чија музика во себе ги интегрира и балансира автентичниот и современиот светски израз“. Да ги промовира новите, свежи и храбри исчекори на македонските творци на полето на импровизираната музика.

А, по двете условно земени „пандемиски изданија“, првото регуларно на „Крај Вардарот Џез“ на сцената во Филхармонија во две ноќи ги носи нишкиот ЕЈОТ и софиското СПЕЈС ТРИО, култниот домашен „џез-панк-фанк“ состав СЕТСТАТ и Идриз Амети со соло проектот ТОКА ШИТЕТ.

Отворањето в петок, на 23 септември, ќе биде со бугарското СПЕЈС ТРИО, формација составена од неколкумина добро познати музичари од тамошната вибрантна фри-импро сцена - Живко Братанов на пиано, Георги Ангелов на перкусии и Васил Хаџигрудев на контрабас. Триото работи по принципот на „инстант композиција“ а ја води спонтаноста во изразот. СПЕЈС ТРИО се современи слободни импровизатори и креатори на звук, неограничени од стил или класификација. Тоа се луѓе кои обрнуваат внимание на вибрациите, не како реакција на фиксирана идеална изведба, туку, како авантура и се чини, секогаш звучат различно.

Специјално за настапот во Скопје на составот ќе му се придружи македонскиот басист и композитор Дени Омерагиќ истакнатиот џез музичар од помладата генерација добро познат по делувањето со СВЕТЛОСТ и ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТАР.

Од друга страна, ЕЈОТ се смета за еден од најпознатите и српски џез бендови во регионот и воопшто на светската сцена во последнава деценија. Фронтмен е виртуозот на клавир Дејан Илијиќ, а составот го комплетираат: Милош Војводиќ на тапани, Марко Стојилковиќ, бас и Слаѓан Миленковиќ на гитара. Нивната музика претставува еклектичен звук сместен некаде помеѓу рок и џез, панк и амбиент, импресионизам и романтизам, во исто време цврсто потпирајќи се на традиционалната музика на Балканот и онаа на источна Европа.

Втората фестивалска вечер е посветена на денес веќе култните СЕТСТАТ, кои со овој концерт симболично ги одбележуваат трите децении од своето постоење како џез формација. Од таму , публиката ќе има можност да ги слушне и види во досега невидено издание. Во проширен состав-оркестар. СЕТСТАТ ќе се претстават со специјална селекција на музички материјал од својот три децениски опус, кој ќе биде наново аранжиран за ваков состав. Ова ќе биде единствен и прв настап од ваков тип поставен во Филхармонија.

Инаку, СЕТСТАТ досега имаат објавено 9 студиски албуми, а во пресрет на Фестивалот ќе се појави и нивниот нов, 10-ти насловен како „Соба 107“ .

Оваа специјална фестивалска вечер ќе биде збогатена и со соло проектот на Идриз Амети, фронтмен на групата БЛА БЛА БЛА, кој како „Toka Shitet“ креира исклучително возбудлива и интересна авторска музика на инструментот шаркија. Амети е присутен на музичката сцена од 1986 година, зад себе има четири албумски објави, и досега соработувал со низа различни домашни бендови и уметници.

Идејни творци на „Крај Вардарот Џез“ се Владан Дробицки, тромбонист и лидер на СЕТСТАТ и продуцентот Мирко Попов, а во пресрет на ова трето издание на Фестивалот одговори побаравме од музичарот чие присуство на современата македонска музичка сцена во последниве неколку децении е бележито.

Дробицки, меѓународниот фестивал „Крај Вардарот Џез“ годинава е меѓу десетте од Балканот кои ќе учествуваат во програмата за размена на фестивали и клубови од платформата МОСТ музика. Што значи ова за вас како потписници на случувањето?

Веќе подолго време работиме на промоција на современата македонска импровизирана музика и едноставно ни стана јасно дека единствен начин за излез од ќорсокакот во кој се наоѓаме е вмрежувањето. Иницијативата на МОСТ музика е како ние да сме ја замислувале и по првичниот контакт, испративме генералии кои беа препознаени од нејзините потписници. Затоа сега слободно можеме да кажеме дека ни предстои година исполнета со многу работа и исполнување на обврски, но со тоа и интернационално презентирање на актуелната македонска музичка сцена.

Владан Дробицки, лидерот на бендот СЕТСТАТ и организатор на фестивалот „Крај Вардарот Џез“

Колку овој факт ќе влијаеше врз креирањето на програмата на Фестивалот. Конечно, како Попов и Дробицки, како идејни творци на „Крај Вардарот Џез“, ја стокмија годинешната понуда ? Што ви беше притоа најважно да рефлектира таа?

Да бидам искрен, сеуште трагаме по идентитетот на фестивалот. Имавме извонредни минати изданија, но во услови на пандемија. Размислувањата одат на релација дали тоа да биде „опен аир фестивал“, дали случување во некој затворен простор. Техничките предуслови потребни за реализација на сериозна фестивалска едиција, на некој начин ни го диктираат и местото на одржување. Годинава имавме потреба од сериозен инструмент-клавир, а кај нас кога имате лимитирани средства, тоа и не е баш најлесна работа за решавање на пример. Успеавме да го интернационализираме Фестивалот, со настап на можеби најинтересниот српски џез бенд- ЕЈОТ и со основоположниците на бугарската фри џез сцена-СПЕЈС ТРИО, кои за концертот во камерната сала на Македонската филхармонија го поканија гостин да им биде и со нив да музицира нашиот Дени Омерагиќ.

СЕТСТАТ на третиот „Крај Вардарот Џез“ ја одбележува третата деценија од постоењето. Што значи овој , во некоја рака славенички концерт за бенд од вашиот габарит и позиција? За група која поминала низ многу премрежиња и која сеуште се потпира на сопствената прогресивна „панк-фанк-импро-џез“ матрица?

Ние не сакаме да зборуваме за некој „јубилеј“. Едноставно не се чувствуваме „престарени“ за оваа работа. Сеуште сме деца. Наталоженото искуство од годините, па ако сакате и од децениите, ни дава можност само поинаку да ги гледаме работите. Причината поради која сеуште сме тука е во нашите глави избистрена, поискрена од било кога. Само што го снимивме, поточно го завршивме нашиот нов албум „Соба 107“ кој светлината на денот ќе ја дочека пред концертот во сабота, на втората вечер на годинашниот „Крај Вардарот Џез“… И, сега кога гледам... ми се враќа филмот назад и ми станува јасно дека фамозната „Соба 107“ е всушност просторијата во која пред извесен број на години се* започна.

Колку програмата од друга страна ги следи вашите познати заложби за потребата од промоција на една нова генерација домашни музичари, чија музика во себе ги интегрира и балансира автохтониот и светски современ израз?

Во настапот на СЕТСТАТ интегриравме четворица млади македонски џез музичари, кои најдоа свој израз при снимањето на новиот албум на „Соба 107“. Многу логично за нас беше да ги поканиме на заеднички настап. Морам да признам дека енергијата со која тие ни пристапија за нас е исклучително инспиративна.

Фестивалот од тревникот зад МКЦ, во условно новиот термин - средината на септември, влегува во Филхармонија. Дали овој факт говори за зголемените амбиции во однос на идниот раст на манифестацијата? Каде во иднина ќе стреми „Крај Вардарот Џез“ и колку ќе има сили домашната импровизирана сцена на свој начин да и ја претстави на Регионот, на Европската публика?

На ова прашање, конкретен одговор немам. Најверојатно тревникот во некое идно време ќе го инкомпорираме назад. Свативме дека амбицијата за раст, не тера да подобриме некои инфраструктурни елементи, кои со сегашниот буџет не е возможно да ги сработиме квалитетно, а притоа да останеме надвор. Едноставно дојдовме до зид. Домашната импро сцена заслужува достојно, квалитетно презентирање. Тука не правиме компромис. Фестивалот помага во презентирање на домашните артисти на интернационална сцена. Изминатава година остваривме неколку настапи на КАНТОН 6 на Џез фестивалот во Крагуевац, Зеленковац џез фестивал, Карузел фестивал, Аларма панк џез... ТАКСИ КОНЗИЛИУМ свиреа во Софија лајв клуб и на Прилеп џез викенд... а сакам да напоменам и тоа дека гитаристот Филип Букршлиев е прогласен за најдобар млад џез музичар за 2021година.

Зад вас, зад ПМГ Рикордингс како издавач, се неколку сериозни џез изданија кои се само дополнително гориво во авантурата наречена Фестивал во дадениве услови на културно (не)живеење и политичка проституција. Како натаму? Ќе продолжи ли мисијата и конечно од што зависи нејзината успешност?

Дефинитивно работата на ПМГ Џез продолжува. Мислам дека годинава ќе успееме да стигнеме до бројката од повеќе од 40 изданија. Всушност не радува фактот дека сцената е многу вибрантна. Зависи исклучиво од ентузијазмот на македонските млади џез музичари. Како што сега стојат работиве, ентузијазмот го имаме во изобилие.

Продуцентот Мирко Попов и музичарот Владан Дробицки, иницијатори и организатори на фестивалот „Крај Вардарот Џез“

Крај Вардарот Џез“ е еден од неколкуте џез фестивали што во овој период се одржуваат во Македонија. Сметате ли дека бројката е адекватна на потребата и дали квантитетот може да влијае на квалитетот на музичката понуда? Како да се излезе од кругот на дадената организациска матрица?

Малку прави проблем налетот на настани во многу краток временски рок. Еве во случајов – се е натрупано во септември, но тоа е друга проблематика. Реалната бројка и не е нешто преголема. Зборуваме за пет до шест џез фестивала, ама распоредени во градовите од целата држава. Во Скопје, кој е скоро милионски град, во моментот се организираат само два џез фестивала. Ако на ова му ја додадеме информацијата дека ние речиси и да немаме вистински џез клубови, дека ни се ограничени можности за медиумска презентација, дека е слаба или никаква застапеноста на џез музиката и воопшто на она што го творат македонските бендови во етерот, доаѓаме до многу мала, ако сакате и никаква присутност и влијание. Зборуваме за бројка од 50-60 концерти во годината низ сите градови во државата, на сите домашни артисти. ПРЕМАЛКУ !!! Јас мислам дека уште не сме стигнале до ситуација да имаме вистински квантитет. Радува само фактот што раздвижувањето кое се случува сепак го подигна квалитетот на македонската џез сцена. Замислете како би изгледала истата таа домашна импровизирана сцена со џез клуб во скоро секој град, фестивал во секој град, настапи по квалитетни сцени во повеќето градови, издавачки куќи, букинг агенции итн.

Имате ли идеја за следната програмска понуда на „Крај Вардарот Џез“? За она догодина што ќе биде догодина како што се работи во цивилизираниот свет. Каде планирате да ја однесете манифестацијата во иднина?

Програмата за „Крај Вардарот Џез 2023“ е скоро завршена. Остануваат многу малку дилеми, кои од разбирливи причини ги оставивме за идно решавање. Да, размислуваме и за нови сцени. Непознаница-факторите гледаме да ги сведеме на минимум. Ние во ПМГ ЏЕЗ како организатори на Фестивалот се согласивме дека и натаму наша основна водилка ќе остане откривањето и промоцијата на новата македонска џез музика како пред домашната, така и пред светската јавност. Тоа ќе биде нашата задача.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG