Достапни линкови

Ангелоски – Да се крати администрација, а не да се воведуваат нови даноци


Ангелоски – Цените на храната нема да се вратат на преткризно ниво
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:54 0:00

Ангелоски – Цените на храната нема да се вратат на преткризно ниво

Имаме јавни претпријатија кои со години бележат длабоки минуси од десетици милиони евра. Сметаме дека има огромен простор за рационализација, намалување на јавната администрација, а не да се продуцираат нови даноци за прибирање пари, вели претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски

Господине Ангеловски, цените на храната на светските берзи паѓаат цела година и се пониски за 20 отсто од лани. Кај нас храната е за 20 отсто поскапа од лани. Владата обвинува дека трговците се богатат на грбот на граѓаните. Како го објаснувате тоа?

Многу луѓе се иселуваат или наоѓаат вработување во други земји и поскапува цената на трудот. Одредени кадри ги немаме во онаа посакувана расположивост, како што би требало, така што за очекување е, не само храната, туку и други сервисни услуги, и други работи кои се јавуваат како трошок во економијата или суровини или енергенси или сè останато дека би можело да поскапи. Минатата година се случи голем шок со војната во Украина, нагло поскапеа одредени прехранбени производи, но во исто време поскапе и цената на трудот и затоа имаме впечаток дека не се вратија цените на храната на посакуваното ниво, како што беа изминатите години. Нашиот заклучок е дека никогаш нема да се вратат на тоа ниво.

Ако некој средношколец сега ве праша што да студирам за да имам сигурна работа и пристојна плата во иднина, што би му препорачале? Еве кои би биле приоритетни три области?

Сведоци сме на голем технолошки напредок, дали во ИТ индустријата, или во други слични инженерски индустрии, така што мислам дека инженерството во овој период на технолошки промени е можеби вистинскиот избор за разлика од одредени други социјални науки.

Иницијативата Опен Балкан почна пред повеќе од 3 години, ама некако бавно оди. Договори се склучуваат, има помпезни најави, ама во Парламентот ретко се ратификуваат, а до спроведување не сме ни стигнале. Во што е проблемот?

Ние исто така имаме одредени забелешки на ова поле во однос на ефикасноста на имплементирање на одредени идеи. Ние иницијативата Отворен Балкан ја поддржуваме и сметаме дека е исклучително позитивна и корисна за сите економии, земји во регионот, но сметаме дека многу повеќе има политички состаноци, а според нашите анализи, има само неколку имплементирани мерки и дека ефикасноста на имплементацијата на овие идеи и мерки треба да биде на повисоко ниво.

Во што е проблемот?

Веројатно имаме разлика. Реалниот сектор секогаш е поефикасен во своето работење за разлика од политичарите. Претпоставувам дека политичарите секога помпезно ги најавуваат своите идеи, но секогаш им фали одреден процент на ефикасност.

Подготвена ли е земјава за слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал? Имаше забелешки дека на пример Србија е побогата, платите се повисоки и луѓето може да заминат таму.

Видете, и во овој момент вие имате слободно движење на луѓето, со малку поголеми административни бариери или со малку помали. Еве, ние сме сведоци дека во угостителскиот сектор се случува еден голем наплив на понуди за работа во одредени големи туристички земји во регионот и луѓето масовно ги прифаќаат тие атрактивни финансиски понуди и одат да работат во тие земји. Реалноста е таква. Одредени економии, ако може подобро да ги платата луѓето од нашата економија, луѓето ќе заминат за подобар живот и не треба да го сфаќаме тоа дека е некоја трагедија, едноставно треба да се потрудиме и нашата економија да може рамноправно да им конкурира на овие економии.

Во вашите јавни настапи барате македонските компании да добијат шанса да инвестираат. За каква шанса зборувате?

Нашава земја и нашава економија не им овозможува доволно шанси на македонските компании да инвестираат, дали станува збор во производни капацитети, не постојат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, дали станува збор за енергетиката, дали станува збор за одредени други можности за да вие го привлечете вниманието и тоа на крајот се забележува и според инвестициите.

Зошто, во што е проблемот со тие административни процедури – нема волја, нема луѓе, нема знаење, што е тоа што кочи?

Претпоставувам комбинација од сите овие причини коишто ги наведовте и претпоставувам, ако на сето ова се надоврзе и корупцијата, добиваме еден фантастичен микс како да не се успее на крајот на денот.

Владата пред крајот на минатата година најави даночна реформа со која планираше да собере дополнителни над 50 милиони евра во буџетот. Дополнително најавија солидарен данок на екстра профит за оние фирми кои во кризата ја зголемија заработувачката. Како гледате на тие најави?

Ние сметаме дека државните институции пред сè треба да се фокусираат на нерационалните трошења коишто се појавуваат во јавните претпријатија, во државниот апарат. Ние имаме јавни претпријатија кои со години бележат длабоки минуси изброени во десетици милиони евра и наеднаш овие компании и менаџментите на овие компании се амнестираат и се промовира еден нов систем на солидарност, кој на крајот на денот може да го постави прашањето солидарност на што. Солидарност на неефективното работење на сите овие, дали станува збор за железнички претпријатија или други јавни системи. Навистина сметаме дека постои огромен простор за рационализација, намалување на јавната администрација, дури сметаме дека постои можност и да се појават вишок средства, а не намалени средства па да се продуцираат нови даноци за прибирање на нови пари.

Власта ја отвори темата за увоз на работна сила од странство. Ако се има предвид дека има над 100 илјади невработени, и уште 200 илјади луѓе во полна работна сила кои воопшто не бараат работа, навистина ли е толку тешко да се најдат работници?

Првенствено сметаме дека треба да се реформира работењето на Агенцијата за вработување, Министерството за образование кое продуцира кадри за кои тешко се наоѓа вработување и можеби да се влијае на сивата економија за да го решиме домашниот проблем. Меѓутоа, одливот на работници кои се вработуваат во одредени држави од регионот или во Западна Европа или во други земји каде што се подобро платени, ние на долг рок некако ќе мора да го надоместиме, така што секако дека ќе мора да размислуваме во тој правец. Статистичките податоци покажуваат константно иселување. Фигуративно, ако имаме еден сад од кој константно имаме истекување на вода, а во ниеден момент да не створиме еден механизам со којшто ќе може да долеваме течност во тој сад и да ја компензираме таа загуба. Значи, на долг рок мора да се размислува.

Од каде би дошле? Во Србија и во Хрватска има работници од Филипини, Виетнам, Непал, но платите се повисоки од кај нас. Зошто би го поминале половина свет за да работат кај нас за пониски плати, кога може да работат во соседството за повисоки?

Добра ви е констатацијата. Со вакви плати тоа нема да се случи, меѓутоа на подолг рок и нашите плати ќе растат и ние ќе дојдеме во ситуација како соседна Србија, Хрватска, Црна Гора или регионот, така што ќе дојдеме и ние во ситуација да мораме на некој начин да ги мотивираме овие работници од тие азиски земји, со одредени бенефиции за евентуално да прифатат да работат во нашата земја.

Целото интервју со претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG