Достапни линкови

Вести

ЕУ: Изборите во Косово не придонесуваат за смирување на тензиите

Портпаролот на ЕУ вели дека Унијата жали што косовските Срби на северот на Косово ја пропуштиле можноста да го искористат своето право на глас.
Портпаролот на ЕУ вели дека Унијата жали што косовските Срби на северот на Косово ја пропуштиле можноста да го искористат своето право на глас.

Брисел ќе биде подготвен да ја разгледа можноста за укинување на санкциите кон Косово, но само откако шефот на европската дипломатија Џозеф Борел ќе поднесе извештај до земјите-членки, порача портпаролот на Европската Унија (ЕУ(Петер Стано.

„Во согласност со своите заклучоци од 12 декември 2023 година, Советот ќе разговара за мерките на ЕУ врз основа на извештајот на високиот претставник за исполнување на барањата на Унијата“, вели Стано во писмениот одговор.

По насилството на крајот на мај 2023 година на северот на Косово, кое избувна откако избраните градоначалници од албанска националност влегоа во општинските згради во општините со мнозинско српско население, ЕУ во јуни лани реши да воведе рестриктивни мерки за Приштина.

За потсетување, градоначалниците беа избрани на избори во април 2023 година, откако Србите ги напуштија косовските институции на крајот на 2022 година, во знак на незадоволство од одлуката за регистарски таблички на Владата на Косово.

Партијата Српска листа и локалното српско население ги бојкотираа изборите.

Ситуацијата ескалираше на 29 мај во Звечан кога дојде до судири меѓу демонстрантите и членовите на Мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР).

Владата на Косово, претходно денеска (22 април) ја повика ЕУ да ги укине, како што велат, неправедните рестрикции велејќи дека ја исполниле обврската од договорот со Унијата за намалување на тензиите на северот на земјата.

Владата соопшти дека со завршувањето на изборниот процес на 21 април, за време на кое се гласаше за импичмент односно смена на албанските градоначалници во четири општини на северот на земјата, Косово „ја исполнило својата обврска кон своите граѓани и одговорноста преземена од договорот со ЕУ“.

Стано, пак, посочи дека со гласањето за импичмент на градоначалниците, Косово ја отворило можноста за почеток на нови локални избори „иако организирањето на гласањето за недоверба не било без предизвици“.

Тој нагласи и дека одлуката на политичките партии на косовските Срби да се повлечат од процесот и да повикаат на бојкот довело до низа тешкотии, вклучително и формирање на некои изборни комисии без членови од редовите на косовски Срби.

Портпаролот на ЕУ изјави и оти одлуката на директорите на училиштата од српската програма на северот на Косово да не дозволат користење на школите како избирачки места, неколку дена пред денот на гласањето, создала сериозни предизвици за Централната изборна комисија.

Сето ова, вели Стано, им го отежнало и пристапот на граѓаните до точни информации за новите локации на избирачките места.

„ЕУ жали што косовските Срби на северот на Косово ја пропуштија можноста да го искористат своето право да гласаат и да избираат градоначалници кои би биле вистински претставници“, рече Стано и подвлече дека исходот од изборите не придонесува за смирување на тензиите и поплочување на патот за враќање на Србите во косовските институции, што е неопходно за нормализирање на односите.

види ги сите денешни вести

Меѓународниот кривичен суд побара апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Меѓународниот кривичен суд бара налози за апсење на израелскиот прмеиер Бенјамин Нетанјаху и на лидерот на Хамас Јахја Синвар под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото поради нападите врз Израел на 7 октомври и последователната војна во Газа, изјави главниот обвинител на судот Карим Кан за Си-Ен-Ен.

„Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.

Кан рече дека МКС бара и налози за апсење на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, како и за двајца други водачи на Хамас - Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри, водачот на бригадите Ал Касем и попознат како Мохамед Деиф и Исмаил Ханија, политички лидер на Хамас.

Одлуката го става Нетанјаху „во друштво“ на рускиот претседател Владимир Путин, по кого МКС издаде налог за апсење поради војната на Москва против Украина, јави Си-Ен-Ен.

Судски панел ќе го разгледа барањето на Кан.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 26 април рече дека Израел „никогаш нема да прифати каков било обид на Меѓународниот кривичен суд да го поткопа неговото вродено право на самоодбрана“.

Истрагата на Меѓународниот кривичен суд опфаќа наводи кои датираат од војната во Газа во 2014 година, како и израелската изградба на еврејски населби на окупираната територија што Палестинците ја сакаат за нивната идна држава.

Руски антивоен активист доби 25 години затвор за велепредавство

 Антивоениот активист Илја Бабурин
Антивоениот активист Илја Бабурин

Судот во Сибир го осуди антивоениот активист Илја Бабурин на 25 години затвор под обвинение за велепредавство кое произлегува од наводите дека 24-годишникот планирал да запали неколку воени центри за регрутирање.

Бабурин, кој исто така беше прогласен за виновен за подметнување пожар во музичко училиште и учество во активностите на украинската крајнодесничарска вооружена група Азов, ги отфрли сите обвиненија.

Затворската казна на Бабурин е најдолгата затворска казна што му е изречена на антивоен активист во Русија.

Десетици активисти во Русија се осудени на затворски казни за подметнување пожари врз воени центри за регрутирање откако Кремљ ја започна својата инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Војската на Конго спречила атентат на претседателот

Претседателот на Конго, Феликс Чисекеди
Претседателот на Конго, Феликс Чисекеди

Армијата на Демократска Република Конго спречила обид за убиство на претседателот Феликс Чисекеди во Киншаса, јави Би-Би-Си.

Се наведува дека во обидот за атентат во главниот град биле вмешани конгоански и странски борци.

Генералот Силавин Екенге, портпарол на армијата на Конго, изјави дека се приведени 50 осомничени, меѓу кои тројца Американци и еден британски државјанин.

Претходно тој на државната телевизија РТНЦ изјави дека ситуацијата е под контрола.

Генералот и се обрати на јавноста неколку часа откако вооружени лица упаднаа во домот на Витал Камерхе, поранешен началник на кабинетот и близок соработник на претседателот Чисекеди. Се додава дека очевидци изјавиле дека група од околу 20 напаѓачи во воени униформи влегла во резиденцијата и дека дошло до пукање.

„Потоа двајца чувари и напаѓачот беа убиени“, рече портпаролот на Камерха.

Напаѓачите ја окупираа и Палатата на народите и канцеларијата на претседателот во центарот на градот, која беше специјално обезбедена од Републиканската гарда.

Претседателот Чисекеди досега јавно не ја коментираше ситуацијата.

Локалните медиуми објавија дека напаѓачите биле членови на Движењето на Нов Заир, поврзани со Кристијан Маланг, поранешен конгоански политичар во егзил.

„Маланга беше убиен во претседателската палата откако се спротивстави на апсењето“, рече генералот Екенге.

Неговиот син Марсел Маланга е меѓу тројцата американски државјани уапсени за наводниот обид за државен удар.

Амбасадорката на Соединетите Држави (САД) во Конго, Луси Тамлин, рече дека е шокирана од наводите дека Американците можеби учествувале во обидот за пуч.

„Ве молиме, бидете уверени дека ќе соработуваме со властите на Конго додека го истражуваат ова злосторство“, напиша Тамлин во објавата на X.

Претседателот на Африканската унија Муса Факи рече дека остро го осудува обидот за државен удар.

Претседателот Чисекеди го започна својот втор мандат минатата година во декември, кога освои околу 78 отсто од гласовите на спорните избори. Речиси 20 луѓе беа убиени во насилствата пред изборите.

„Еурактив“: ЕК ги повика Скопје и Атина да се држат до Преспанскиот договор

Седиште на Европската Комисија во Брисел, Белгија
Седиште на Европската Комисија во Брисел, Белгија

Портпаролот на Европската Комисија во изјава за бриселскиот портал „Еурактив“ вели дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“, во услови на нова заострена реторика меѓу Атина и Скопје.

Порталот потсетува дека новата дипломатска криза меѓу двете земји избувнала откако новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, за време на нејзината инаугурација на 12 мај ја нарече земјава „Македонија“ наместо Северна Македонија, кое е официјалното уставно име по договорот за промена на името со Грција во 2018 година, познат како Договор од Преспа.

Од своја страна, Европската Комисија вели дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.

„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција“, изјави портпаролот на Европската Комисија за „Еурактив“.

Инцидентот, како што забележува „Еурактив“, предизвика реакции низ Европа и САД, при што многумина стравуваат од заживување на 25 годишниот спор меѓу двете соседни земји.

Исламска Држава ја презеде одговорноста за нападот во Авганистан

Авганистанец пумпа вода во близина на археолошкиот локалитет на статуата на Буда во Бамијан, централен Авганистан, 18 декември 1997
Авганистанец пумпа вода во близина на археолошкиот локалитет на статуата на Буда во Бамијан, централен Авганистан, 18 декември 1997

Милитантната група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот на вооружени мажи врз туристи во централната авганистанска провинција Бамијан.

Во нападот кој се случи на 17 мај загинаа тројца шпански туристи, а најмалку еден беше повреден, соопшти шпанското Министерство за надворешни работи.

Абдул Матин Кане, портпарол на Министерството за внатрешни работи на владата предводена од Талибанците, изјави дека четири лица се уапсени во врска со нападот.

Според Кане, покрај тројца странски туристи, загинал и еден авганистански државјанин, а повредени се четворица странци и тројца Авганистанци.

Бамијан е дом на место за светско наследство на УНЕСКО во кое се сместени останки од две џиновски статуи на Буда, кои беа урнати од Талибанците за време на нивното претходно владеење во 2001 година.

Во Индија почна петтата фаза од изборите

илустрација
илустрација

Во Индија денеска (20 мај) почна петтата фаза од парламентарните избори од вкупно седум, а се одржуваат во финансискиот главен град Мумбаи и големите индиски држави Утар Прадеш и Одиша.

Во петтата фаза 89,5 милиони гласачи избираат 49 пратеници.

Изборите почнаа рано утринава за да им се овозможи на гласачите да ги избегнат жештините бидејќи Индија ја погоди топлотен бран.

Парламентарните избори во Индија почнаа на 19 април, право на глас имаат 968 милиони Индијци, што е повеќе од вкупното население на САД, Европската Унија и Русија заедно.

Изборите за 543 членови на Долниот дом на парламентот се одржуваат во седум фази до 1 јуни на повеќе од еден милион избирачки места низ земјата.

Гласачките ливчиња ќе се пребројуваат на 4 јуни, а резултатите ќе бидат објавени истиот ден.

Велика Британија ќе потроши шест милијарди долари за гранични процедури по Брегзит

илустрација
илустрација

Според проценките на парламентарната комисија за финансии, владата на Обединетото Кралство, по бројните одложувања, ќе мора да потроши најмалку шест милијарди долари за спроведување на граничните процедури по Брегзит.

Британците гласаа за напуштање на Европската Унија во 2016 година, но дури оваа година беа донесени нови правила за гранични контроли за да продолжат да функционираат синџирите на снабдување, пренесува Ројтерс.

Првата фаза, која подразбира воведување дополнителни сертификати, стапи на сила на 31 јануари. Втората започна на 30 април со воведување на физички контроли во пристаништата. Третата фаза, која вклучува безбедносни декларации, е закажана за 31 август годинава.

Комитетот наведува дека Владата проценила дека ќе и бидат потребни шест милијарди долари за 13 главни мерки кои треба да овозможат проток на стоки преку граница и да се подобри спроведувањето на тие мерки во иднина.

Владата пет пати го одложи спроведувањето на целосните гранични контроли од завршувањето на преодниот период за напуштање на Унијата на 31 декември 2020 година.

Ова предизвика несигурност во деловната заедница, додаде трошоци за владата и пристаништата и ги зголеми ризиците за биосигурност во Обединетото Кралство.

Новиот претседател на Тајван побара Кина да престане да се заканува

Инаугурација на новиот претседател на Тајван
Инаугурација на новиот претседател на Тајван

Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те побара од Кина да ги прекине своите воени и политички закани, велејќи во својот инаугуративен говор дека мирот е единствениот начин и оти Пекинг мора да го почитува изборот на тајванскиот народ.

Обраќајќи им се на насобраните луѓе пред канцеларијата на претседателот во центарот на Тајпеј, Лаи рече дека сака да разговара со Кина, која го гледа островот како своја територија и никогаш не ја отфрлила употребата на сила за да го врати под своја контрола, пренесе Хина.

„Исто така, ја повикувам Кина да престане политички и воено да го заплашува Тајван и да преземе глобална одговорност заедно со неа за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и во регионот, за светот да не мора да се плаши од избувнување на војна. Ние исто така сакаме да му соопштиме на светот: Тајван не прави компромиси за демократијата и слободата. Мирот е единствениот пат и нашата цел е долгорочен мир и стабилност“, истакна Лаи.

Засега нема реакција од Кина, која го нарече Лаи сепаратист пред изборите во јануари.

Лаи (64), кој ја презеде функцијата од поранешната шефица на државата Цаи Инг-вен, чиј потпретседател беше во изминатите четири години, рече дека луѓето мора да бидат реални и да ги сфаќаат сериозно заканите и оти Тајван мора да покаже дека е решен да се брани.

Тајванското Министерство за одбрана во денешниот дневен извештај соопшти дека шест кинески авиони ја преминале линијата во средина во Тајванскиот теснец, која претходно служела како неофицијална граница, но Кина не ја признава.

Во руски напад врз областа Харкив загинаа 11 лица

Последици од рускиот ракетен напад врз Харкив, Украина
Последици од рускиот ракетен напад врз Харкив, Украина

Русија погоди одморалиште во близина на Харкив и ги нападна околните села, при што загинаа најмалку 11 луѓе, а повеќе се повредени.

Ракетните напади се најнови во серијата континуирани руски напади во последните недели врз регионот на вториот по големина град во Украина во североисточна Украина, каде руските сили започнаа офанзива.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги повика западните сојузници да испратат дополнителни системи за воздушна одбрана во Киев за да го заштитат Харкив и другите градови.

„Светот може да го запре рускиот терор, а за да се направи тоа, мора да се надмине недостигот на политичка волја меѓу лидерите“, напиша Зеленски на Телеграм.

„Два Патриота за Харков можат да направат темелна разлика. Системите за противвоздушна одбрана за другите градови и дополнителната поддршка за војниците на фронтот ќе го осигураат поразот на Русија“, додаде Зеленски.

Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Асанж на чекор до конечна одлука за екстрадиција

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж
Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е на чекор од одлуката која би можела да доведе до негова евентуална екстрадиција во Соединетите Држави, кои го бараат по обвинение од 18 точки за објавување на стотици илјади доверливи документи.

Судот во Лондон се очекува да одлучи дали САД ги исполниле бараните гаранции пред да одлучи дали да дозволи нова жалба.

Минатиот месец, Високиот суд во Лондон пресуди дека, без одредени американски гаранции, на Асанж ќе му биде дозволено да поднесе нова жалба против екстрадицијата. Тие гаранции вклучуваат дека во случај на судење во САД, Асанж ќе има право да се повика на првиот амандман и правото на слобода на говор, и дека нема да има нови обвиненија кои би можеле да доведат до смртна казна. Документот до кој имаше увид Ројтерс ги потврдува овие гаранции, отворајќи го патот на судот во Лондон да одлучи за негова екстрадиција.

Според сопругата на Асанж, Стела, судот би можел да одлучи да дозволи екстрадиција, да му даде дозвола да се жали или дури да го ослободи.

"Џулијан би можел да биде екстрадиран или да биде ослободен. Важно е да се запамети дека ова трае повеќе од пет години. Џулијан цело време беше во најозлогласениот затвор во Велика Британија. И седум години пред тоа во Еквадорската амбасада една година и во домашен притвор, всушност, секој ден од 7 декември 2010 година е во еден или друг облик на притвор“, вели неговата сопруга.

Таа додаде дека Асанж се бори да преживее во затвор и дека доказите за неговото ментално здравје укажуваат на сериозен ризик од самоубиство.

Педесет и двегодишниот Асанж, кој се наоѓа во затворот Белмарш, планира да присуствува на сослушувањето.

Одлуката би можела да стави крај на правната битка на Австралиецот што трае повеќе од 13 години во Британија. Пред да оди во затвор, Асанж помина седум години затворен во малата еквадорска амбасада во Лондон, каде што се засолни за да избегне екстрадиција во Шведска под обвинение за сексуален напад. Овие обвиненија подоцна беа отфрлени.

Откако му беше укинат еквадорскиот азил во 2019 година, тој беше затворен поради кршење на условите за кауција, а Соединетите Држави го започнаа процесот на екстрадиција. Американските власти велат дека неговите постапки биле непромислени, наштетиле на националната безбедност и ги загрозиле животите на агентите. Неговите поддржувачи велат дека обвиненијата се напад врз новинарството и слободата на говорот.

Минатата недела американскиот претседател Џо Бајден рече дека го разгледува барањето на Австралија да се откаже од кривично гонење, што адвокатот на Асанж рече дека е „охрабрувачки“. Волстрит журнал, исто така, објави дека се водат дискусии за потенцијален договор за признавање вина. Доколку судиите се согласат на екстрадиција, само интервенцијата на Европскиот суд за човекови права би можела да ја блокира. Но, судот веќе двапати ги отфрли барањата на основачот на Викиликс.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG