Достапни линкови

Класична политика на припишување свои успеси кога сте дел од власта, сметаат експертите


Опозицијата да настапува со екстремен критицизам, а власта да си припишува успеси. Ваквата политичка култура во Македонија го зафати и Рамковниот Договор. Во очекување да се постигнат што подобри резултати во неговото имплементирање заради меѓународните барања и заради внатрешните потреби на хармонизирање на етничките односи, власта преку вицепремиерот на оваа задача излезе со процент - 95 % од Рамковниот Договор е имплементиран рече Абдулхаким Адеми. Како да се провери точноста на оваа изјава изразена во процент кој во македонската практика е и процент на етничко задоволство и хармонизација на меѓуетничките односи?

„Кога сте во опозиција, тогаш ништо не чини, ништо не се спроведува, додека кога сте дел од власта тогаш многу нешта се спроведени. Значи тоа се реалности кои произлегуваат од нивните позиции и на нив не гледам како на сериозни.“

Коментира аналитичарот Мерсел Биљали. Без било какви поопсежни анализи никој не може да каже колку е спроведен Рамковниот Договор, вели Биљали. Сето тоа пак упатува на карактеристичниот македонски политички амбиент, опозицијата да критикува, а власта да изразува задоволство со цел да си припише подобри резултати, коментира професорката Мирјана Малеска.

„При што се оди и кај едните и кај другите во екстремности, бидејќи ние како нација сеуште сме во едно созревање, исто така и како демократија сме во едно созревање.“

Довчерашната владејачка а сега опозициона партија на Албанците во Македонија, ДПА ја потврдува констатацијата. Илијаз Халими од оваа партија не гледа дека проценките на власта се дел од реалноста.

„Фактите зборуваат нешто сосема поинакво. Фактички ние сеуште имаме многу работа за да се имплементира Рамковниот Договор.“

Вели Халими. Експертите се согласни дека Рамковниот Договор се спроведува со добра динамика како и дека вклученоста на една партија на Албанците во власта го совладува вообичаениот отпор за спроведување на мировните договори. Сепак секакво излегување со проценти го сметаат за политика, а градењето на меѓуетничката доверба како процес кој нема да запре дури и со конечната имплементација на Рамковниот Договор.

„Треба да имаме на ум дека постојано ќе имаме некакви размислувања, договарања во однос на тие односи македонци-албанци во Република Македонија и дека таа приказна никогаш нема да заврши.“

Вели политиколог Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики.
XS
SM
MD
LG