Достапни линкови

Попустливоста на тие што имаат поголема моќ единствено решение, оценуваат експертите


По се изгледа тешко е да се верува дека судирот-власт опозиција од пред одморите ќе има среќен крај како што најави разврската од пред дваесетина дена кога по аболицијата на Зоран Заев опозицијата реши да се врати во парламентот. Лутите противници ја продолжуваат битката и во овој дух се очекува да продолжи нивната работа и на првата седница по одморите закажана за 25 август а на која како што се договорија претседателот на парламентот Трајко Вељановски и шефот на државата Бранко Црвенковски, спорните пет закони кои за момент се претворија во сериозна политичка криза, ќе се гласаат уште еднаш, а тоа значи трет пат во Парламентот. Ваквите очекувања ги најави известувањето на Вељановски до пратеничките групи дека опозицијата сепак нема да има право да поднесува амандмани на овие закони што е крајно неприфатливо, според првичните реакции, за партиите од опозициониот блок.

„Нема никаква логика, еден предлог на влада, којшто не добил потпис од претседателот, токму поради извесни недостатоци, воедно критикуван од стручната фела, да се врати во парламентот, без при тоа да се стават амандмани, или да може да има подобрување на текстот. Тоа форсирање на моќ во парламентот, за жал, очекувам да продолжи и во иднина“

изјави Андреј Жерновски од ЛДП.

Потпретседателот на собранието Рафиз Алити како образложение зошто в понеделник нема да се дозволи амандманска расправа ги наведува досегашните практики и деловникот.

„На закон не се поднесуваат амандмани, затоа што расправата за законот е во втора фаза.“

Опозицијата најави дека сепак ќе подготви амандмани и дека в понеделник ќе инсистира и на амандманска расправа по петте закони. Сето овга најавува според експертите продолжување на трендот. По цена на негативен извештај на европската комисија не постои волја да се надмине меѓусебната нетрпеливост меѓу опозицијата и власта во борбата за политички поени, вели политикологот Жидас Даскаловски.

„Јас очекувам и натаму препирки меѓу опозицијата и власта, коишто ќе преминат и во недржавни политики во земјава,“

додава политичкиот аналитичар Жидас Даскаловски.

Од друга страна крајно е време да се консолидираат политичките елити во земјава, додава Даскаловски:

„Сега веќе е прашање на популарност, отстапките од власта се перцепираат дека секоја отстапка кон опозицијата ќе води кон губење на поени во јавноста. Единствено решение е попустливоста на тие што имаат поголема моќ.“
XS
SM
MD
LG