[ АРХИВА ВЕСТИ ]
[ 8 Мај 2008 ]
Меѓународната управувачка група за Косово по синоќешниот состанок во Приштина соопшти дека е против одржувањето српски локални избори на Косово и оти резултатите од нив треба да бидат неважечки. На состанокот раководеше претседателот на Меѓународната група, специјалниот претсавник на Европската Унија Питер Фејт. Русија не е дел од оваа група, бидејќи е против независноста на Косово.
Русија би требало да се воздржи во спорот меѓу Грузија и нејзината провинција Абхазија, изјави советникот на американскиот претседател Џорџ Буш за национална безбедност Стивен Хедли. Многу сме загрижени во врска со тоа што Русија прави во Грузија. Станува збор за активности кои ги оценуваме како провокација,, прецизира Хедли. Во меѓувреме, Москва најави дека би можело да го зголеми бројот на војниците во Абхазија доколку Тбилиси продолжи да распоредува војници на абхазиската граница.
Воената хунта на Мјанмар им дозволи на Соединетите држави со воени авиони да доставуваат хуманитарна помош во областите загрозени од циклонот Нагрис, потврдено е во американската амбасада во Банкгок која прецизира дека во разговорите меѓи соединетите држави и Мјанмар посредувал Тајланд. Се страхува дека во ударот на циклонот во минатиот викенд загинале над сто илјади луѓе.
Долниот дом на рускиот парламент, Државната Дума на денешната вонредната седница го потврди изборот на Владимир Путин за премиер на Русија. Тој по осум години шеф на државата и официјално вчера таа функција му ја предаде на неговиот наследник Дмитри Медведев. Путин во говорот пред пратениците изјави дека приоритена задача на идната влада ќе биде справување со инфлацијата во земјата. Партијата на Путин Единствена Русија има повеќе од дво третинско мнозинство во парламентот.
Во сараевскиот кварт Пале денеска бил извршен претрес на домовите на Борис Баричанин и Душко Михајловиќ кои за време на војната беа членови на обезбедувањето на Радован Караџиќ, јавуваат српските медиуми. Акцијата ја спроведувале припадници на полициската единицата за посебни истраги и на Министерството за внатрешни работи на Република Српска.
Денеска во Хашкиот трибунал со соочување на аргументите од завршните зборови на одбраната и на обвинителството, ќе финишира судскиот процес против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски. Во изминатите два дена одбраната побара ослободителна пресуда, бидејќи обвинителството не понудило докази за нивна вина во случајот Љуботен. Хашкото обвинителство пак, побара дванаесет години затвор за Бошковски и петнаесет години за Тарчуловски. И двајцата пред Судот се изјаснија за невини. По завршните зборови, вообичаено е Судскиот совет да ја донесе пресудата во рок од три месеци
Се очекува Рускиот парламент денеска да го потврди назначувањето на Владимир Путин за иден премиер на Русија. Путин формално ја напушти претседателската функција вчера кога беше назначен Дмитри Медведев за негов наследник. Кусо по неговата инаугурација во Кремљ , Медведев го номинираше Путин за премиер. Медведев е трет претседател на Русија. Тој на граѓаните им вети поголема граѓанска и економска слобода и борба против широко распространетата корупција во земјата.
Република Македонија и САД потпишаа Декларација за стратешко партнерство и соработка . Декларацијата, која содржи три основни елементи, во Стејт Департментот во Вашингтон вечерва ја потпишаа шефот на дипломатијата на Македонија Антонио Милошоски и државниот секретар на САД Кондолиза Рајс. Декларацијата содржи елементи кои се донесуваат на зајакнување на соработката во однос на трговијата и економијата, зголемување на соработката во рамките на безбедносниот сектор, и за изнаоѓање поконкретен начин за доближување и поинтензивни контакти на општествено ниво меѓу Македонија и Америка. Изградбата на стратешко партнерство, се наведува во документот, бара интензивирање на високо ниво на нашите цивилни и воени контакти, вклучувајќи и заеднички тренинг и можност за воени вежби.