Достапни линкови

Слободата на медиуми тоне – новинарите немоќни


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Според Фридом хаус Македонија падна во групата неслободни земји за медиумите. Новинарите велат дека можеле малку да направат за да го спречат падот, зашто моќта е кај власта, а таа не сака слободни медиуми.

Македонија со години тоне на сите меѓународни листи за слобода на медиуми. Власта смета дека тоа не е точно и оти листите се фингираат за да се оцрни нејзината работа, новинарите и нивните здруженија се жалат и го нотираат падот, но се наметнува прашањето дали можеа да направат повеќе за за да се спротивстават и да го спречат тој пад, односно да ги задржат веќе освоените слободи по осамостојувањето на Македонија.

Единствениот паметен начин е да создаваме нови медиуми, ако можеме моќни медиуми и на тој начин да го плурализираме пазарот и да ја покажеме разликата.
Бранко Героски, новинар

Новинарот Бранко Героски вели дека новинарската заедница треба да си признае дека е соучесник во убивањето на медиумските слободи, но оти проблемот не може да го решат медиумски и новинарски здруженија. Проблемот се решава во новинарството, а не околу него, вели тој.

„Единствениот паметен начин е да создаваме нови медиуми, ако можеме моќни медиуми и на тој начин да го плурализираме пазарот и да ја покажеме разликата. Инаку, да се надеваме дека со убедување со владата, со убедување со делот од новинарската заедница, кој е всушност истурена пропаганда на режимот, дека во дијалог со нив нешто ќе постигнеме, дека ќе успееме да направиме некаква едукација или подигнување на свесноста, тоа е само губење време и трошење пари, обично на странски фондации и странски даночни обврзници“, вели Героски.

Новинарот Ерол Ризаов вели дека секогаш можело подобро, но оти проблемот не може да го решат само новинарите, зашто слободата на медиуми не е само нивен проблем, туку на целото општество.

„Она што било професионално, особено во делот на телевизиите, насилно и со пресија беше уништено. Оставено е она што може да се контролира и е негувано едно лошо и апологетско новинарство и против такво новинарство тешко дека може да се борите само со новинарски асоцијации и само со новинари. Погледнете колку главни уредници и колку уреднички тимови се сменети во сите медиуми во овие десет години, тоа не е природна смена“, вели Ризаов.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, вели дека одговорност кај здружението би можело да се бара ако молчело за проблемите, но оти тие не може да ги решат зашто власта не сака слободни медиуми.

„Ние за ова време гласно зборувавме, предупредувавме, посочувавме кои се изворите на кризата и на крајот на краиштата нудевме решенија како да се излезе од оваа ситуација. Вие знаете дека нашите ставови практично станаа ставови и на меѓународната заедница“, вели Селмани.

Најголемите критики на сметка на ЗНМ беа за договорот со владата за законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда во 2012 година, за кој имаше и европска поддршка. ЗНМ тогаш изрази надеж дека законот нема да се злоупотребува, но дел од новинарите и медиумските организации критикуваа дека се носи лош закон со „европско соучесништво“.

Во извештајот на организацијата Репортери без без граници за 2016 година се наведува дека од крајот на 2014 година се поднесени најмалку 580 тужби за клевета, а неколку десетици од нив се против новинари. Како резултат на тоа, според анкетата на Македонскиот синдикат на новинари и медиумски работници, повеќе од половина новинари во Македонија велат дека самите се цензурираат. Македонија на оваа листа е на 118 место, а пред девет години беше рангирана 83 места погоре.

Во Договорот од Пржино за надминување на политичката криза меѓу другото беше предвидено донесување на нов закон за медиуми, но тој не беше донесен. Новинарските здруженија беа на линија со посредникот од ЕУ, Питер Ванхојте, но владата не ги прифати неговите предлози. Второто новинарско здружение, МАН, пак, беше на линија со владата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG