Достапни линкови

Тешко на маса со аболицирани политичари


Актот на помилување на криминал во највисокиот државен врв ги прави македонските политичари некомпатибилни за разговор со европските и американските колеги, вели професор Денко Малески.

Додека европските посредници во Договорот од Пржино изразуваа жалење за откажувањето на средбата во Виена и најавија многу сериозни последици поради пропаѓањето на договорот, Скопје се спремаше за два протеста- едниот веќе десетти по ред во организација на „Протестирам“ и другиот на провладината организација ГДОМ.

Длабоко жалиме за ретроградните чекори на земјата, кои ја одалечуваат од нејзините аспирации кон членството во ЕУ. Во отсуство на понатамошен напредок, сега сме принудени да разгледуваме дополнителни акции за да се исполнат јасните барања на Советот на Европа, Европската Комисија и Европскиот Парламент.
Писмена изјава на ЕУ.

„Длабоко жалиме за ретроградните чекори на земјата, кои ја одалечуваат од нејзините аспирации кон членството во ЕУ. Во отсуство на понатамошен напредок, сега сме принудени да разгледуваме дополнителни акции за да се исполнат јасните барања на Советот на Европа, Европската Комисија и Европскиот Парламент“, напишаа вчера во заедничката писмена изјава еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Едуард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл.

Подоцна светски познатите медиуми како Вашингтон Пост, Фајненшл Тајмс, Ројтерс повикувајќи се на изјави на дипломат на Европската унија напишаа дека поради амнестијата и другите назадувања од македонската влада Европската унија размислува за санкции за македонските лидери. Од ваквата ситуација доведена до острица и во меѓународните односи и на македонските улици се поставува прашањето дали е можно повторно седнување на маса и како би можело да се надминат тензиите.

Според професорот Денко Малески актот на помилување на криминал во највисокиот државен врв ги прави македонските политичари, како што вели, некомпатибилни за разговор со европските и американските колеги.

„Од таму не може да се очекува што било да продолжи во форма на дебата доколку не се отстапи еден голем чекор назад и не се повлече аболицијата и не се овозможи непречени утврдување на вистината и не се дозволи правдата да земе свој тек“, вели Малески.

На крајот се сепак ќе се заврши на маса, коментира аналитичарот Алберт Муслиу кој не очекува земјава да тргне по патот, на како што вели, други поранешни јужноамерикански решенија. Тенденцијата на контрапротести според него е начин на мерење сила но не верува дека некој се надева дека тоа е и начин за решавање на проблемите. Тензиите на улиците ќе се смират кога ќе има спремност за сериозно влегување во процес на реформи.

„Една охрабрувачка реченица вчера чув, дека нашите партнери од меѓународната заедница ќе се потрудат тие санкции што помалку да влијаат врз обичните граѓани, што значи дека тие санкции, освен повлекувањето на препораката, која пак ќе има рефлексии врз политичарите нема да рефлектира врз обичниот граѓанин, туку токму на тие луѓе кои се и креатори на кризата. Тоа не е нешто што нас треба многу да не разочарува, туку треба да не разочарува во нашите политичари кои не смогнаа сила да ја надминат оваа криза и да се надминат себе си“, вели Муслиу.

Конкретно светски познатите медиуми пишуваат дека Унијата ќе ја разгледува можноста за забрана за патувања и замрзнувања на сметки на политичари кои ќе се оцени дека го блокираат напредокот. Во текстовите се споменува и можноста за одземање на препораката за зачленување во унијата која Македонија ја има од 2009 година, а и доколку ситуацијата не се подобрела отворена била можноста да се повлечат поканите за македонските лидери да учествуваат на важни НАТО и Балкански самити закажани за во јули.

Инаку и покрај силното инсистирање на меѓународната заедница за повлекување за аболиција, претседателот Ѓорге Иванов два пати ја потврди својата одлука, еднаш на прес конференција, а вторпат вчера преку писмено соопштение во кое наведе дека „од досега извршените консултации со врвните правни експерти во државата не е изнајден правен основ за повлекување на одлуката.“

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG