Достапни линкови

Откажани разговорите во Виена


Најавените преговори за утре се откажуваат, потврдуваат за Радио Слободна Европа извори и од опозициските и од владејачките партии. Тензичната атмосфера на политички план, но и на улиците, не ветуваше голем успех на евентуалната средба, велат експертите.

Се откажа средбата во Виена, најавена за утре, на која, во организација на еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници - Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл, требаше да се направи обид за надминување на кризата во земјава, потврдуваат за Радио Слободна Европа извори и од опозициските и од владејачките партии. До ова дојде откако СДСМ вчера постави два услова за да замине во европскиот град - повлекувањето на одлуката за аболиција што ја донесе претседателот Иванов и состанување на Собранието и повлекување на одлуката за одржување на изборите на петти јуни. Вториот услов веднаш беше одбиен од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски кој рече дека свикување на седница би било грубо кршење на Уставот.

Виена мислам дека ништо нема да произведе затоа што условите што ги бара Заев се реални, но не може да се спроведат. Според правниците, ниту претседателот може да ги врати своите одлуки, ниту според толкувањето на експертите, парламентот може повторно да се состане. Без тоа мислам дека нема потреба да се оди во Виена.
Алајдин Демири, аналитичар.

По откажувањето на средбата први реагираа од ДУИ. Од таму велат дека „кризата треба да се реши во Скопје веднаш од страна на одговорните политичари“.

„Ние ги поддржуваме и сме конструктивен дел од добронамерните напори на меѓународната заедница за да се стави крај на кризата“, нагласуваат од партијата на Ахмети.

Тензичната атмосфера на политички план, но и на улиците, не ветуваше голем успех на евентуалната средба. Кризата не може да ја реши Брисел преку Виена за еден ден, оти тоа не се случи со месеци па затоа сега состојбата ескалираше, вели аналитичарот Алајдин Демири.

„Виена мислам дека ништо нема да произведе затоа што условите што ги бара Заев се реални, но не може да се спроведат. Според правниците, ниту претседателот може да ги врати своите одлуки, ниту според толкувањето на експертите, парламентот може повторно да се состане. Без тоа мислам дека нема потреба да се оди во Виена“, вели Демири.

Од СДСМ и денеска тврдат дека Вељаноски сепак имал можност за свикување седница додека траат пратеничките мандати, а очекуваат и Иванов да се произнесе. ВМРО-ДПМНЕ одлуката на Заев ја оцени како уцени и условување и соопштија дека се подготвени да учествуваат на разговори кои ќе значат излез од сегашната состојба, а дека ќе оди во Виена потврди и првиот човек на ДУИ Али Ахмети. Четвртиот потписник на пржинскиот договор, ДПА, засега нема соопштено јавен став.

Според аналитичарот Сашо Клековски, важно за разврската на кризата сега било ВМРО-ДПМНЕ да направи чекори кои ќе ја гарантираат правната разврска и работата на Специјалното јавно обвинителство, а СДСМ да прифати скоро одржување на изборите.

„И едните и другите мора да ги гарантираат двата столба на договорот - и политичката разврска и правната разврска, и дека СЈО ќе работи и дека ќе има избори. Значи тие две работи се суштински за исполнување на Пржино. Не може да ја има само едната, односно само избори, или само другата“, вели Клековски.

Покрај опозицијата, и движењето Протестирам во чија организација се протестите, деновиве излезе со свои барања. Велат дека ќе протестираат сè додека меѓу другото итно не се повлече одлуката за аболиција, Иванов да си поднесе неотповиклива оставка, да се формира специјално одделение на Кривичниот суд и итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG