Достапни линкови

Балканската рута останува затворена за мигранти


Границите остануваат затворени
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:37 0:00

Границите остануваат затворени

Границите долж балканската мигрантска рута ќе бидат затворени се додека крајните земји од Европа не се изјаснат поинаку, заклучија претседателите на Македонија, Хрватска и Словенија при посетата на кампот Винојуг во Гевгелија.

Границите долж балканската мигрантска рута ќе бидат затворени се додека крајните дестинации на мигрантите, односно земјите од Западна Европа, не се изјаснат поинаку, заклучија претседателите на Македонија, Хрватска и на Словенија, Ѓорге Иванов, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ. Тие денеска го посетија транзитниот центар Винојуг во Гевгелија. Иако беше најавено дека ќе го посетат и граничниот камен 59 на македонско-грчката граница, од безбедносни причини тоа не се случи. Претседателите влегоа во комбе што требаше да ги однесе до граничната линија, но воопшто не тргнаа. Додека нашата екипа беше на граничната линија, таму беше мирно, но новинските агенции јавуваат дека 50-тина мигранти од грчка страна повторно се собрале на жичената ограда меѓу двете земји, по што македонската полиција употребила солзавец за да ги растера. Додека се чекаше претседателите да дојдат на граничната линија, грчки хеликоптер ја надлетуваше границата, но немаше мигранти околу оградата, тие беа повлечени во кампот во Идомени.

Во кампот во Гевгелија се сместени 139 мигранти. Мигрантите им се пожалија на претседателите дека, иако условите во кампот се добри, тоа не е трајно решение за нивниот проблем. Претседателот Иванов ги сослуша, рече дека им ги разбира маките, но не понуди решение.

„Се надеваме дека луѓето што се останати во кампот наскоро ќе заминат затоа што по последните инциденти имаме притисок од мигрантите кои сакаат повторно да се отвори коридорот. Меѓутоа, коридорот е во ваква состојба со одлука на Брисел и ние ќе ја почитуваме таа одлука се додека е на сила, односно ќе остане затворен просторот низ кој досега минаа речиси милион мигранти“, рече Иванов.

Мигрантите со кои ние поразговаравме се надеваат дека балканската рута ќе биде отворена и тие ќе можат за заминат во некоја од западно европските земји.

Претседателите на трите земји кои се наоѓаат на таканаречената балканска мигрантска рута изјавија дека границите се затворени по одлука на Брисел и оти така и ќе остане.

„Ситуацијата на границата со Грција е тешка поради тоа што мигрантите од грчка територија и понатаму се обидуваат да поминат и да ја отворат балканската рута, но таа ќе биде затворена се додека државите кои се посочуваат како крајна дестинација на бегалците не се изјаснат дали ќе ги примат или не“, рече Грабар Китаровиќ.

Похор и Грабар Китаровиќ се сретнаа и со полицајците од Словенија и од Хрватска кои им помагаат на македонските колеги во справувањето со мигрантите на македонско-грчката граница. Претседателите на Словенија и на Хрватска од вчера престојуваат во посета на Македонија, но нивната посета доаѓа во турбулентен период за земјава. Тие побараа политичко решение на кризата за Македонија да може да напредува во евроинтеграциите.

„Македонија веќе подолго време не напредува, но не поради Европа и НАТО, туку поради домашните случувања, политичката криза и нерешени прашања со некои од соседите. Јас сум убеден дека преку демократски процеси сите тие може да се решат и потоа да се бара компромис за евроатлантската интеграција на Македонија. Благодарен сум што Македонија моментно е главен браник на својата, но и на нашата земја и ЕУ“, рече Пахор

Синоќа имаа средба со својот домаќин, но и со лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не дојде на планираната средба со гостите од Словенија и Хрватска.

Претседателот Иванов вчера им пренел дека земјата ќе ги почитува заклучоците на Европскиот совет за целосно затворање на Балканскиот коридор, а ги информирал и за инцидентот пред неколку денови кога неколку илјади мигранти се обидоа насилно да влезат од Грција во Македонија. Претседателите Пахор и Китаровиќ го осудиле инцидентот и се согласија дека мора да се спречат и да престанат обидите за илегална и насилна миграција. Иванов апелирал ЕУ да и помогне на Грција со цел да се затвори импровизираниот камп кај Идомени, стои во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Земјите долж балканскиот коридор се договорија и кон средината на февруари ја затворија бегалската рута, односно не дозволуваат илегален влез на мигранти на нивните територии. Оттогаш на двапати мигрантите кои се на грчка територија се обидуваат да ја пробијат жичаната ограда и да влезат во Македонија. А поради затворањето на рутата, стотици мигранти останаа заглавени во Табановце, на македонско-српската граница.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG