Достапни линкови

Афирмација на затворањето на балканската бегалска рута


Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ
Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ

Претседателите на Хрватска и Словенија доаѓаат во Македонија да ги афирмираат одлуките на Брисел за мигрантската криза и за затворањето на балканската бегалска рута.

Претседателите на Хрватска и на Словенија, Колинда Грабар-Китаровиќ и Борут Пахор, попладнево пристигнуваат во дводневна работна посета на Македонија на покана на претседателот Ѓорге Иванов. Тие денеска одржуваат трилатерална средба со претседателот Иванов, а за подоцна се предвидени средби со лидерите на политичките партии. За утре е предвидено тројцата претседатели да го посетат транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија, каде што ќе се сретнат со полициските службеници на Хрватска и на Словенија кои им помагаат на македонските колеги во справувањето со мигрантската криза на јужната граница. Предвидено е претседателот Иванов да ги одведе неговите гости и до котата 59 на самата гранична линија со Грција.

Не треба да се очекува нешто ново во однос на ставовите во врска со бегалската криза, туку афирмација на ставовите на ЕУ и веројатно размена на мислења и искуства за тоа што досега направиле земјите од балканската рута.
Благоја Марковски, Балкански форум за безбедност

Иако средбата била планирана порано, посетата на претседателите на овие две земји од ЕУ, кои се наоѓаат на таканаречената балканска мигрантска рута, доаѓа два дена по инцидентот на грчко-македонската граница, кога неколку илјади мигранти организирано се обидоа насилно да ја преминат граничната ограда и да влезат на македонска територија токму кај котата 59 во околина на пругата која ги поврзува Македонија и Грција. Мигрантите сакаат да го продолжат патот кон Западна Европа.

Македонските власти обвинија дека невладини организации им делеле летоци на арапски јазик на мигрантите во Идомени со кои ги повикуваат да тргнат кон границата.

Токму мигрантската криза и затворањето на балканската рута ќе бидат тема на разговор меѓу тројцата претседатели.

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека претседателите на Словенија и на Хрватска доаѓаат во Македонија да ги афирмираат заклучоците на Брисел за враќање на мигрантите во Турција и затворањето на балканската бегалска рута.

„Не треба да се очекува нешто ново во однос на ставовите во врска со бегалската криза, туку афирмација на ставовите на ЕУ и веројатно размена на мислења и искуства за тоа што досега направиле земјите од балканската рута“, вели тој.

Минатиот месец, повеќе од 1.000 мигранти исто така организирано ја заобиколија жичената ограда на границата со Грција и влегоа во гевгелиското село Моин. И тогаш на мигрантите им биле делен летоци на арапски јазик и мапа со упатство како да се заобиколи границата. Претседателот Иванов три дена по инцидентот телефонски разговараше со европските челници, со лидерите на земјите од Вишеградската група и со лидерите на земјите од балканската рута за да ги информира за инцидентот, меѓу кои и со претседателката Грабар-Китаровиќ. Тој им се заблагодарил на сите земји кои имаат свои полицајци на јужната гранична линија на Македонија.

Претседателот Иванов ги информирал дека Македонија и во иднина ќе постапува во согласност со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји долж балканскиот коридор и нема да дозволи илегален влез на мигранти во Македонија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG