Достапни линкови

Боувиевата порака „Биди различен“ - мото на Танц-фест 2016


Транс ла вало
Транс ла вало

Со премиера на претставата „Стапнувајќи на земја“ на Скопје танцов театар, в среда, на 6 април, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе биде отворено 12-то издание на „Танц фест“. Фестивалот ќе се одвива со боувиевата максима како мото - „Ајде да танцуваме! Бидете различни!“ и до 29 април - Светскиот ден на танцот, во Скопје, Велес и Битола ќе донесе најобемна програма досега.

Скопје, Велес и Битола, во периодот од 6 до 29 април – Светскиот ден на танцот“, ќе пулсираат во ритамот на 12-то издание на „Танц фест“. Манифестацијата овој пат ќе започне со одбележувањето на еден мал, но значаен јубилеј. Петте години на Скопје танцов театар, како прва современа танцова компанија во Македонија, премиерно на сцената на МНТ ќе ја донесат претставата „Стапнувајќи на земја“. Делото е убав спој на три различни кореографии: „Кој и да е“ на Андријана Андреева, „Најди некој...“ на Матеа Киселичка и „Тишината на пчелите“ на гостинката од Холандија, Џоан ван дер Маст, за која оригинална музика ја потпишува италијанската композиторка Сара Замбони.

Минатата година имавме кунг-фу танц, некаде во ноември прикажавме претстава којашто се изведуваше со класичен кинески танц, таканаречена нивна традиционална форма на танцување, а сега за прв пат ќе видиме компанија од Пекинг која го негува современиот танц.
Рисима Рисимкин, уметнички директорка на Скопје танц-фест

Три дена по премиерата на 6 април во Скопје, оваа претстава ќе биде прикажана и во Народниот театар во Велес и на 25 април во Народниот театар во Битола.

„Првата официјална танцова современа компанија во Македонија егзистира веќе пет години и за мене тоа е многу значајно, бидејќи ние создадовме 13 танчери коишто на најинспиративен начин во специјално подготвената претстава ќе се претстават на сцената. Промовираме и две нови кореографки, Андријана Андреева и Матеа Киселичка, за кои може да се каже дека се развиваат како значаен подмладок во компанијата и пред кои допрва претстојат деновите исполнети со инвентивност и креативност на домашната танцова сцена“, вели Рисима Рисимкин, уметнички директорка на Фестивалот.

Таа со гордост ја најавува и втората премиера на Скопје танцов театар - „Волшебен свет“, а на отворањето на манифестацијата, традиционално ќе биде доделена наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот. Годинашен добитник на признанието е кореографот Милко Шпаремблек кој, меѓу другото, бил и директор и на Метрополитен балетот во Њујорк.

Инаку, актуелната програма е најобемна досега и таа инкорпорира повеќе од 20-на настани кои ќе се случуваат во три града од земјава и на кои љубителите на танцот ќе имаат можност да проследат гостувања на познати светски танцови компании.

Така на 11 април Балетот на Државната опера и балет од Измир, Турција, ќе ја изведе претставата „Боите на танцот“ во кореографија на прочуениот Мехмед Балкан, на 17 април со „Поетска танцова трагедија“ ќе гостува танцовата компанија АРА од Рига, Латвија, следниот ден ќе настапи компанијата „Руалите“ од Париз, со „Strates” како невиден стил на изразување кај нас - хип-хоп крамп и современ танц и со работилница за младите македонски танчери и хип-хопери, а на 23 април со претставата „Trans la valo“ ќе гостува Beijing Nine Contemporary Dance Company од Пекинг, Кина.

„Ние како Фестивал досега покажавме неколку форми на танц кои што пристигнуваат од Кина. Минатата година имавме кунг-фу танц, некаде во ноември прикажавме претстава којашто се изведуваше со класичен кинески танц, таканаречена нивна традиционална форма на танцување, а сега за прв пат ќе видиме компанија од Пекинг која го негува современиот танц“, истакнува Рисимкин.

Сепак, нагласува дека новината на овој Фестивал е отворената програма, или ако милувате Парадата на танцот, која што ќе се случува на 24 април и на која „се надева дека ќе им се придружат бројни школи за танц од земјава и сите граѓани кои ќе се најдат таму за заедно да танцуваат на улиците низ Скопје“.

Конечно, мотото на 12-то издание на фестивалот е позајмено од рефренот на еден од големите светски хитови на рокенрол камелеонот и влијателниот уметник, неодамна починатиот Дејвид Боуви и гласи: „Ајде да танцуваме! Бидете различни! („Let’s Dance! Be different!“).

„На некој начин сакавме да ѝ оддадеме чест на големата, планетарна музичка ѕвезда. Меѓутоа има тука една посебна причина а тоа е дека Дејвид Боуви беше првиот суперстар кој своевремено на некој начин го изнесе на виделина современиот танц. Тој во 1988 година на еден од своите американски концерти ги донесе танчерите од компанија од Њујорk - Хјуман степс Ла Ла Ла и танцуваше заедно со нив предизвикувајќи воодушевување кај публиката. И сега кога го нема повеќе едноставно сакавме да потсетиме и на неговата синтагма „Let’s Dance! Be different!“, всушност на заложбата секој да биде свој и да биде различен“, ќе рече Рисимкин.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG