Достапни линкови

ДУИ не успеа да го зацементира 5 јуни како датум за избори


Случувањата со ДУИ ги ставија во втор план актуелните теми. Зад наводното излегување на партијата од власта, според аналитичари, излезе дека стои само смена на старите кадри поради страв од СЈО. Опцијата да се зацементира 5 јуни како датум за избори не успеала поради влијание на странскиот фактор.

Од четвртокот вечерта до неделата јавноста се занимаваше со анализи за потегот на ДУИ, па претходно актуелните теми поврзани најмногу со истрагите на Специјалното јавно обвинителство, паднаа во втор план. Недореченоста во партиското соопштение во кое немаше причини, ниту пак насоки за тоа што ќе се случува во иднина, а и изјавите од партијата дека само лидерот Али Ахмети знае што ќе следи ги поттикнаа шпекулациите за што се работи - распаѓање на владеjачкото мнозинство, или пак само партиски маневар за поставување на нови лица кои не се компромитирани. Сега е извесно дека испадна второто- Ахмети предложи за министри седум нови лица кои во политичката јавност речиси никој не ги знае.

„Апсолутно не измами сите - и аналитичарите и политичарите. Зад мистериозноста со која играше мислам дека во суштина стоеја и неговите двоумења како ќе се извлече од целата работа. Направи една криза која одеднаш се постави како сериозна на дневен ред во Македонија. Јас мислам дека да не беа контактите викендов пред се со странските дипломати и фактори не се знаеше дали тој ќе се одлучи за оваа варијанта“,

вели аналитичарот Алајдин Демири, според кој претседателот на ДУИ со овој потег се обидел да постигне две работи - едната да го зацементира петти јуни како датум за избори што било во договор со ВМРО-ДПМНЕ во што, како што нагласи, не успеал поради странците и другата да расчисти со старите партиски кадри.

Веројатно претпоставуваат дека во идниот период кон нив ќе бидат поведени некакви обвиненија и за партијата да не трпи штети од актуелните министри кои би седеле се уште во Владата, а кон нив би се повеле некакви обвиненија се одлучија на ваков чекор викендов.
Митко Гаџовски, политиколог.

И според политикологот Митко Гаџовски требало да се има предвид дека во одлучувањето на ДУИ важно влијание имал странскиот фактор. Но тој смета дека причината не се само претходните материјали со кои се наруши угледот на актуелните кадри на ДУИ, туку со ова се прави обид да се намали и негативниот ефект на нешто што би следувало.

„Досега немаше ниту едно обвинение од Специјалното јавно обвинителство за функционери на ДУИ кои исто така се десет години на власт со ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно претпоставуваат дека во идниот период кон нив ќе бидат поведени некакви обвиненија и за партијата да не трпи штети од актуелните министри кои би седеле се уште во Владата, а кон нив би се повеле некакви обвиненија се одлучија на ваков чекор викендов“, вели Гаџовски.

До ваквиот потег на Ахмети дојде непосредно откако во јавноста се појавија приватни разговори кои се тврдеше дека се меѓу пратеничка и досегашен министер од ДУИ.

Арбер Адеми, Фестим Халили, Валдет Џафери, Пиштар Лутфиу, Дритон Кучи, Башким Ахмети и Шухрете Елези, односно новите министерски кадри на ДУИ ако не се отстапи од сега договореното на позициите ќе бидат само два месеца, односно до изборите на петти јуни.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG