Достапни линкови

Сани со деби книга - „Моите стории – мојот LIFE“


„Моите стории – мојот LIFE“ е насловена книгата на Снежана Јаначкоска Богдановска – Сани, што како издание на „Табернакул“ се појави неодамна и чија пред-промоција е планирано да се одржи во рамките на престојниот „Скопје моден викенд“.

Извонредна, ретка, врвна книга, една од оние најретките во која и ликовите во книгата, и читателите, и авторот (авторката), знаат повеќе и за светот и за себе откако ќе ја прочитаат, отколку што знаеле пред тоа! И следствено, една од оние не помалку ретки книги, кои, доколку не ги прочитате, ќе ве соочат со сигурна загуба на едно крупно интелектуално доживување и естетско задоволство.

Ова ќе го напише Ферид Мухиќ во текстот насловен „Помирување со Сократ“ во кој на виделина го изнесува сопственото размислување кон „Моите стории – Мојот LIFE“ од дихотомното издание на Снежана Јаначкоска Богдановска – Сани, што како издание на „Табернакул“ се појави неодамна.

А, Јагода Михајловска Георгиева, во својата рецензија озаглавена како „Нејзиниот орман“, пишува: „Моите стории“ не се само остроумни, продуховени промисли за светот на модата и облекувањето, туку и патокази низ тој интригирачки универзум кој заведува, привлекува, опседнува, често водејќи нè и на слепи патишта. А, таму, од заседа нè` демне незадоволството поради сопствениот изглед, незаситниот копнеж по облеката што недостига во нашиот орман, фрустрацијата од неможноста да бидеме попривлечни, подотерани, повеќе „ин“...сенешто нè начекува на слепите патишта. „Прогледувањето“ е главната цел на „Сториите“. Како и чекорењето по својот сопствен Пат. „Вратете ѝ

се спокојно на својата несовршеност, порачува авторката, вие сте такви какви што треба да бидете, доколку можеби поради вашата погрешна грижа не сте се претвориле во нешто друго. Почитувајте ја, негувајте ја и уживајте во својата уникатна даденост и обидете се да го разберете вистинското значење на нужноста „сакај се себеси“. Флоскула? Не е.

И, после ваквите промисли на нашите еминентни творци за ова „единствено аналитичко четиво кое претставува неизбежна литература за сите модни вљубеници, но и за оние кои би сакале да дознаат нешто повеќе за оваа тема освен нејзината појавна страна, за животот воопшто“, останува да бидат спомнати уште неколку факти.

Во дихотомната „Моите стории – мојот LIFE“, Снежана Јаначкоска Богдановска поместува две различни содржини. Во книгата таа ги документира практично своите новинарски трудови, колумните и разговорите со културни дејци ( од Милчо Манчевски кој и бил „огнено крштевање“, преку Венко Андоновски, Елена Мисиркова, Тони Китановски, Оливер Белопета, Кирил Џајковски, Слободан Унковски, Игор Тошевски, Никола Ефтимов...и се до нејзе блиските ЛЕБ И СОЛ) континуирано објавувани во магазинот LIFE, во периодот 2006 – 2007 година, кога зад него со својот авторитет и умешност стоеше маркантната Радица Величковиќ, некогашната водителка во Ноќната програма на Радио Скопје и потем сопственичка на култното Радио Равел ( Радио за душа).

„Целата идеја беше тоа да остане некаде забележано затоа што јас во некаде повеќе од 20 мои новинарски години немам буквално никакви документи за тоа што сум работела. Едноставно трошејки го своjот професионален век во навидум ефемерни професионални ангажмани како манекен и телевизиски моден новинар , многу мали беа можностите а уште помали шансите за такво нешто. Во првиот случај орудието за работа (физикусот) ќе се потроши во времето, во вториот (зборот) во етерот. И едното и другото одвеано во неповрат. И со оглед на благодарноста на медиумот, магазинот LIFE, мислев дека треба да оставам нешто зад себе и дека тоа би требало и дека можеби заслужува да се најде на едно место, да биде меѓу кориците на една книга. Тоа беше така фактички повеќе скромен обид, но ете од „Табернакул“ почувствуваа дека може да биде и нешто повеќе од тоа и израсна во еден малку посериозен проект чија што сериозност конечно се гледа и од начинот на којшто е изработена објавата“, вели Богдановска.

Сани дополнува дека во животот ништо не е случајно и дека му се радува на моментот што нејзината книга се појавува во мигот кога треба да биде одбележана 10-годишнината од излегувањето на првиот број на „LIFE“, магазинот во кој се има форматирано како моден новинар, колумнист.

„Мислам дека колумните станаа фактички мој заштитен знак. Но излезе дека тоа не се само колумни, обраќања...туку и еден вид есеи со определена тематика. Некои дури и безвременски колку што јас можам тоа да го почувствувам. “

Инаку во меѓувреме, како што вели Богдановска, текстовите толку се намножиле што таа сега е пред слатката одлука да почне да размислува и за својата втора објава.

А, дотогаш, како што вели, ќе треба да ја дообмисли големата промоција на „Моите стории – мојот LIFE“ која што планира да биде за некаде дваесеттина дена во скопскиот клуб МКЦ и на која очекува да се измешаат општествени групи и поединци кои во принцип и не се мешаат во градов. Несекојдневен настан на кој ги очекува соговорниците во публикуваните разговори и каде ќе биде сторен микс од различни хепенинзи и уметности.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG