Достапни линкови

Одложени избори, победници се сите


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Од денеска па натаму има уште многу работа да се заврши оти не сме ни блиску до фер и демократски избори ако остане состојбата како што е сега, оценуваат дел од аналитичарите.

Победничките прес-конференции по полноќ на двете страни ставија крај на неизвесниот вчерашен ден. Прво, лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за одложување на изборите е уште еден пораз на Никола Груевски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, кусо потоа му порача на Заев - до 5 јуни може да глумите победници, но тогаш ќе видите кој е победник.

Доколку ДИК има капацитети избирачкиот список да го направи како што треба и целокупниот процес како што треба мислам дека со волја на сите чинители има време да се стигне до петти јуни.
Никола Дујоски, универзитетски професор

Без разлика на еуфоријата на лидерите, аналитичарите посочуваат дека не треба да се бараат партиските победници. Според поранешниот пратеник Насер Зибери, сепак од вчерашниот ден добија граѓаните, а не опозицијата или власта, оти јасно било дека нема услови за фер избори и добро е што тие се одложиле.

„Сепак мислам дека товарот за носењето на оваа одлука ќе падне врз власта, бидејќи тие ја донесоа таа одлука без поширока консултација, ниту со меѓународниот фактор, ниту со опозицијата и од тие причини тие ќе ги сносат и евентуалните последици“, вели Зибери.

До доцна вечерта не беше извесно кој сè ќе гласа за одлуката за поништување на распуштањето на Собранието, а 15 минути пред полноќ „за“ беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, односно тие кои ја изгласаа и претходната одлука за распуштање на Собранието на 24 февруари. СДСМ, пак, не гласаше.

Од денеска па натаму има уште многу работа да се заврши оти не сме ни блиску до фер и демократски избори ако остане состојбата како што е сега, смета професор Никола Дујоски, кој инсистира во дополнителните шест недели за колку што всушност се одложија изборите сите партии да се посветат посериозно на процесот.

„Видовме дека речиси девет месеци од потпишувањето на Договорот од Пржино не беа доволни ниту да се поместиме од почетната позиција за изборите. Некои работи се завршија се разбира, но капацитетите на Државната изборна комисија, однесувањето на медиумите во општеството и некои други прашања останаа отворени. Доколку ДИК има капацитети избирачкиот список да го направи како што треба и целокупниот процес како што треба мислам дека со волја на сите чинители има време да се стигне до петти јуни“, вели Дујоски.

Според него во периодов што следи сè позначајна улога ќе има и Специјалното јавно обвинителство, бидејќи, како што додава, вкупниот изборен процес ќе зависи од некои предмети кои што ќе ги води.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG