Достапни линкови

ЕУ на крстопат, Македонија на две столчиња


ЕУ е под голем притисок од многу страни. Што да прави Македонија, како да се однесува и кои се обврските како земја кандидатка во ова кризно време за Унијата? Ќе има ли бенефити за земјата и како сето ова ќе се одрази на нашата европска иднина?

Кого да побарам ако сакам да и се јавам на Европа? Оваа изјава која долго време му се припишуваше на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер веројатно најдобро ја опишува состојбата во ЕУ денес. Кисинџер пред четири години рече дека не се сеќава дека го кажал тоа, но оти изјавата е добра, па „зошто да не ги преземе заслугите за неа“.

Шегата со телефонскиот број често се повторува да се опише недостатокот на единствена надворешна политика во Унијата. Можеби ЕУ пред неколку години доби единствена дипломатска централа, но се уште мора да притиснете одредена бројка за да се чуе одреден став.

Проблемот е навистина голем затоа што ЕУ нема се уште изградено заедничка надворешна позиција или државите се уште не успеале да се усогласат. Проблемот е исто така голем, затоа што станува збор за тема ги потхранува и ксенофобијата и популизмот во сите држави членки.
Андреја Стојковски, Македонски центар за европско образование.

Македонија меѓу Брисел и Вишеградската група

Последното разногласие во Унијата е за справувањето со кризата со мигрантите. Битката меѓу Брисел и Вишеградската група, директно ја засега и Македонија. Не е првпат земјите членки да се разногласни околу одредени прашања, но овојпат земјата директно е вклучена. За тоа кој пат да го фати Македонија и што да прави како земја кандидатка за членка, зборувавме со Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование. Тој вели дека Македонија, според Спогодбата за асоцијација и стабилизација, е обврзана да води политички дијалог со Унијата. Тоа значи да ги следи ставовите на Унијата, да разменува ставови и позиции и да учествува во градењето на заедничките позиции на државите членки во однос на други прашања.

„Правилниот чекор или вистинската постапка ако Македонија веќе сега учествува во дискусијата, комуницира со министрите за надворешни работи, комуницира со Федерика Могерини и ги истакнува своите ставови и позиции таму. Проблемот е навистина голем, затоа што ЕУ нема се уште изградено заедничка надворешна позиција или државите се уште не успеале да се усогласат. Проблемот е исто така голем, затоа што станува збор за тема која ги потхранува и ксенофобијата и популизмот во сите држави членки, па на слабиот помин на класичните политички партии виз-а-ви популистичките, ова сега им дава уште поголема сила за да се создаваат тие разногласија или да се разјадува ЕУ внатре“, вели тој.

Македонија во овој поглед треба да избалансира многу мудро и да погледне кои се нејзините интереси не само во блиска иднина, туку и во подалечна иднина, затоа што иако нашите тежнеења се кон Европската унија и за побрза интеграција, не можеме ние да бидеме по којзнае кој пат монета за поткусурување за интересите на големите сили, а ние на крај да останеме со куси ракави.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.

Внимателно со бранењето на границите

Минатата недела земјата ја посетија тројца министри за надворешни работи на членки на ЕУ. Првин беше чешкиот министер Лубомир Заоралек, па австрискиот Себастијан Курц и на крај министерот за надворешни работи на Холандија Берт Кундерс, земја претседавач со Унијата. Првиот рече дека Чешка ќе и помогне на Македонијa да не стане камп каде би се задржале сите бегалци, вториот рече дека Австрија ќе ја затвори границата за бегалци и побара тоа да го направи и Македонија, а третиот дека затворањето на границите не е решение.

Кундерс и неговиот македонски домаќин, министерот за надворешни работи Никола Попоски, се согласиле дека од големo значење за Македонија е да не се изгуби од поглед важноста на кредибилни евроинтеграциски процеси.

Проблемот не се решава со бранење на границите, туку со спречување на војната и на причините кои довеле до тоа, вели аналитичарот Соња Стојадиновиќ. А Македонија во целата приказна, додава таа, треба да се однесува многу внимателно.

„Македонија во овој поглед треба да избалансира многу мудро и да погледне кои се нејзините интереси не само во блиска иднина, туку и во подалечна иднина, затоа што иако нашите тежнеења се кон Европската унија и за побрза интеграција, не можеме ние да бидеме по којзнае кој пат монета за поткусурување за интересите на големите сили, а ние на крај да останеме со куси ракави“, вели Стојадиновиќ.

Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Австрија, Никола Попоски со Себастијан Курц.
Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Австрија, Никола Попоски со Себастијан Курц.

Различни пораки и за „Пржино“

Различни пораки пристигнаа и за спроведувањето на Договорот од Пржино, кога на сцена исплива некоординираност меѓу надворешниот фактор. Еврокомесарот Јоханес Хан за бугарскиот неделник Капитал на прашањето за изборите во Македонија изјави дека не е важно дали сите партии ќе учествуваат, туку е важен квалитетот на изборниот процес. Потоа неговата портпаролка коментираше дека изјава на Хан била извадена од контекст. Холандскиот олеснувач Питер Ванхауте, пак, истакна дека за кредибилни избори е потребно време и најпрвин треба да се обезбедат сите предуслови.

Германскиот дипломат Михаел Рот при посетата на Македонија рече дека не се зборува само за избори, туку за фер и слободни избори и порача да си ја завршиме домашната задача. Тој нотираше дека Македонија изгуби многу кредибилитет на европската сцена, но и во самата земја и посочи дека целосна имплементација на Договорот од Пржино ќе ја стави земјата во добра позиција за ревитализирање на европската интеграција. Откако се формираше преодна влада, се распушти парламентот и власта одлучи изборите да се одржат на 24 април, Хан даде зелено светло дека избори може да има, иако, како што напиша тогаш, повеќе ќе му се допаднело одлуката да е консензуална. Потоа Претставниците на меѓународната заедница излегоа со став дека дополнително ќе соопштат дали има услови за фер и демократски избори на 24 април.

„Очигледна е и таа некоординираност меѓу надворешниот фактор, иако тие во глобала земено истапуваат од заеднички позиции, нивната цел е демократизација на македонскиот политички систем, создавање услови за фер, демократски, транспарентни, отворени избори. Во реализацијата, јас лично имам впечаток дека како да немаат некоја најдобра комуникација“, вели професор Денко Малески.

Мигрантската криза ќе го забрза евроинтегрирањето?

Разногласието за политичката криза ги зголемува стравувањата во дел од македонската јавност дека Европа повторно е подготвена да се пазари за принципи на сметка на мигрантската криза која во моментов им е најважна.

Исмет Рамадани, претседател на Евроатланскиот совет на Македонија, вели дека пред колкава и да е криза, ЕУ нема да отстапи од базичните вредности, но ако Македонија се докаже како добар партнер можно е да има бенефити.

„ЕУ има капацитет, има потенцијал во одредено време да донесе некоја политичка одлука која ќе оди во прилог на Република Македонија, затоа што ќе бидеме земја која веројатно ќе проценат дека заслужува да биде дел од ЕУ“, вели тој.

ЕУ има капацитет, има потенцијал во одредено време да донесе некоја политичка одлука која ќе оди во прилог на Република Македонија, затоа што ќе бидеме земја која веројатно ќе проценат дека заслужува да биде дел од ЕУ.
Исмет Рамадани, претседател на Евроатланскиот совет на Македонија.

Стојадиновиќ вели дека може да се случат големи политички отстапки за побрзо интегрирање на земјата во ЕУ, но притоа треба да се види која е цената што треба да се плати.

„Примањето на илјадници и илјадници бегалци финансиски треба да биде поддржано и од ЕУ, прашање е дали сега таква авантура можеме да си дозволиме уште еднаш без поголеми економски последици. Притисокот е тука да се стави во влог македонската иднина во Европската унија, но сепак се сомневам во чесноста на европската заедница, дали ќе ги исполни ветувањата во поглед на притисокот, односно на кантарот и пресметката која сакаат да ја направат и можеби тие сметаат дека треба да не стават пред момент на свршен чин – бирајте дали сакате да станете членка на ЕУ, ако сакате тогаш бидете браник на надворешните граници или ќе во оставиме пак да бидете последната дупка на свиралото на Балканот“, вели таа.

Стојковски, пак, вели дека треба да се разграничат двете работи, мигрантската од внатрешно-политичката криза.

„Не можеме да го искористиме тоа како инструмент за наша промоција дека ете ние ќе бидеме сега тие што ќе се справат со кризата, ќе и помогнеме на ЕУ и заради тоа ќе преживееме на власт, не можеме да го сметаме тоа како инструмент за наше идно евроинтегрирање или напредов во процесот на евроинтеграции. Напредокот ќе дојде само ако ние си ја завршиме домашната задача“, вели тој.

Не е првпат земјата членки на ЕУ да се разногласни. Таков пример беше кога се воведува санкции кон Русија поради кризата во Украина. Унгарија, како и повеќето источноевропски членки на ЕУ се противеа на тоа . Од земјите кандидатки за членки беше побарано да го следат примерот на Унијата. Тогаш властите во Македонија се декларираа дека земјата ја следи надворешната политика на Европската унија, но како земја кандидатка нема обврска да се придружи до сите конкретни чекори. Министерот за надворешни работи Никола Попоски тогаш рече дека како земја кандидат Македонија се усогласувала со ставовите на ЕУ, но имало и клучна разлика во тоа што земјите кои не се во Унијата не учествувале во креирањето на политиката, туку само во спроведувањето.

Рамадани вели дека кризи во Унијата имало и ќе има, а Македонија треба да си го изоди патот на евроатланските интеграции.

Европа на крстопат

Гоце Атанасов

Од Лондон до Атина, Европа е под прашалник. Некои, како бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан умираат да стигнат до Европската унија. Некои британски конзервативци се борат да излезат од неа. Други, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин, заговараат нејзино поткопување. Има и такви на кои ЕУ им е досадна. Ова го оценува Роџер Коен, во написот објавен во „Њујорк тајмс“, додавајќи:

„Двата најмоќни симбола на европската интеграција, еврото кое ги врзува економиите на 19 земји и Шенгенските договори за слободно патување на луѓето меѓу 22 земји се во опасност под притисокот на поларизираната политика, различните економски показатели и приливот на над милион разочарани мигранти и бегалци во минатата година“.

Тука, како што се наведува во написот, постои и криза на идентитетот. Христијанската Европа, поим кој унгарскиот премиер Виктор Орбан го претвори во некаков вид на илузорен фетиш, всушност е се помалку христијанска. Околу 6 отсто од европската популација денес се муслимани.

ЕУ повторно на крстопат
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:39 0:00

Проценките се дека до 2030 година ќе бидат 8 проценти. Нападите во Париз и Брисел од џихадисти кои биле во Сирија придонесоа до ширење на поделбите и демагогиите. Ксенофобичните десничарски партии веќе не се на маргините, почнувајќи од Шведска, па се до Грција.

Европската унија е извонредно достигнување на модерното државништво. Со изградба на заеднички вредности е создаден простор на мир, прогрес и слобода каде што се надминати националните непријателства што со векови водеа кон конфликти. Сепак, во последно време овој заеднички дом се повеќе се двои меѓу старите западни и новите источни членки, се наведува во текстот на Шломо Бен Ами, поранешен израелски министер за надворешни работи и потпретседател на Меѓународниот центар за мир, објавен во „Проџект сидикејт“.

Растечкиот национализам ги стави сите овие вредности, а со тоа и иднината на европската интеграција, пред најтешкиот тест досега. Во источна Европа демократијата станува се помалку либерална. Води Унгарија со премиерот Виктор Орбан кој веќе шест години ја спроведува неговата визија на „нелиберална држава“. Следува Полска со десничарската партија на Јарослав Качински која ја презеде контролата врз националната радио телевизија и врз Уставниот суд и тоа веднаш откако победи на изборите во октомври лани. Европската унија веќе покрена официјална истрага за потенцијалните нарушувања на европските стандарди во таа земја. Кон ова се и различните ставови во врска со квотите за прием на мигрантите, односно за тоа на каков начин да се спречи огромниот бран бегалци во Унијата. Поделбите во врска со ова прашање ги рефлектираат фундаменталните несогласувања и разлики на двете страни во историјата, вели историчарот од Јеил, Тимоти Снајдер.

Една од причините е тоа што источноевропските земји не го делат наследството од колонијализмот, а со тоа и миграцијата која е негова последица. Земјите од источна Европа кои се ново дојденци во несигурниот економски прогрес што им го даде членството во Европската унија, не веруваат дека имаат некакви обврски во врска со ова прашање. Од друга страна, критиките на Европската унија за она што се случува во Полска го покажува морето промени во последниве неколку години кога таа земја беше лидер на проширувањето на Унијата кон Исток. Ако Полска ја предводи оската на своеволни земји членки, капацитетот на ЕУ за заштита на граѓанските слободи во рамките на своите граници ќе биде значително намален. Со оглед на недостигот обврзувачки инструменти на ЕУ за спречување на земјите членки да се движат на пример кон авторитаризам, избегнувањето на таков исход нема да биде лесно. Европа е континент заситен од историја и прогонуван од духот на нејзиното повторување. Меѓутоа, минатото треба да биде само предупредување, а не цел, се наведува во коментарот, објавен во „Проџект сидикејт“.

Според истражување на ИРИ објавено кон крајот на минатата година паѓа поддршката за членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Процентот на граѓаните кои го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ и натаму е висок, но во опаѓање. Во јуни 2015 изнесува 80 проценти, а во октомври 72 проценти.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG