Достапни линкови

Парите од ЕУ за прифатни центри за бегалците


Македонските институции се уште не одговориле како ќе се трошат овие пари. Хуманитарните организации бараат тие да бидат наменети за подобрување на условите во транзитните центри кои се уште се во тек на надградба.

Бегалскиот бран е намален во изминативе неколку дена. Според информациите од МВР во земјава во просек влегуваат помалку од 500 бегалци дневно. Само вчера влегле речиси 250 луѓе.

Mожеби ова е некаква припрема доколку има потреба да транзитните центри да бидат пренаменети како прифатни центри, да има значи некое доуредување на потребите делови.
Кастриот Реџепи, невладина организација „НУН Култура“.

Активистите кои се на терен велат дека причините за намалувањето на бранот се лошите временски услови, разбрануваното море и протестите во Грција.

Кастриот Реџепи од невладината организација „НУН Култура“ вели дека се очекува бројката набрзо повторно да се зголеми поради новиот начин на транспорт на бегалците до Грција, односно исфрлањето на употребата од малите и небезбедни бродови.

„Сега се пуштаа во помали групи од 50- тина луѓе кои се регистрираа што значи е забавено движењето, но сепак најбитно е да не биде попречено движењето, за да не мора да престојуваат повеќе денови, туку да можат во текот на денот да продолжат со транзитот.“

Генералниот секретар на Црвен Крст Саит Саити вели дека поради новиот принцип на регистрација на бегалците кои минуваат низ земјава честопати се појавуваат проблеми.

„Често пати се случува дел од семејството да ја помине границата додека другиот дел останува од другата страна на границата. Во овој случај ние како Црвен Крст на РМ, покрај другите активности кои ги имаме се ангажираме и за соединување на семејството, со помош на нашите активисти кои се на терен.“

Европската унија неодамна најави дека се одобрени 10 милиони евра помош за Македонија за справување со бегалската криза. Според најавата на еврокомесарот Јоханес Хан, целта е да им се помогне на македонските власти во подобрувањето на управувањето со границата и со миграцијата, како и поддршка на нивните трошоци во врска со офицерите-гости испратени од страна на земјите-членки на ЕУ и Србија на јужната граница на земјата.

Македонските институции се уште не одговориле како ќе се трошат овие пари. Хуманитарните организации бараат тие да бидат наменети за подобрување на условите во транзитните центри кои се уште се во тек на надградба.

„Со тоа што можеби ова е некаква припрема доколку има потреба да транзитните центри да бидат пренаменети како прифатни центри, да има значи некое доуредување на потребите делови. Нон стоп се зборува дека во одреден момент границата ќе биде затворена и дека ќе треба и Македонија да прифати одреден број на бегалци кои ќе престојуваат подолго. Тоа е лошо за бегалците и кршење на нивните човекови права, тие не сакаат да останат во ниеден момент во Македонија сакаат да продолжат кон нивните дестицации. Тој ден може да се случи и владата треба да биде транспарентна и да припреми атмосфера на прифатност за да граѓаните на Македонија да знаат дека нема да има лоши последици по однос на екомските и безбедносните прашања“, вели Реџепи.

Реџепи додава дека е потребно да им се овозможи на невладините организации да аплицираат за дел од тие пари кои ќе ги искористат за храна и облека за мигрантите.

Министерот за надворешни работи неодамна изјави дека Македонија нема да биде претворена во бегалски камп. Според последните информации Хрватска започна со враќање на мигрантите кои не доаѓаат од воени подрачја и досега кон Србија вратила над 200 мигранти.

Земјите од балканската рута за транзит на бегалци започнаа со ограничување на бројот на луѓе кои се примаат на дневна основа.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG