Достапни линкови

Да се казнат одговорните за смртта на Тамара


Протест за одговорност за смртта на Тамара
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Протест за одговорност за смртта на Тамара

Пред Основното јавно обвинителство граѓани го искажаа својот револт, бидејќи како што соопштија, не се казнети одговорните лица за смртта на Тамара. Тие го обвинуваат министерот за здравство Никола Тодоров дека не обезбедил навремено лекување за девојчето.

Со извиците „Правда за Тамара, „Оставка“ и „Убијци“, граѓаните на годишнината од смртта на малата Тамара Димовска од Велес го изразија својот револт пред Јавното обвинителство, бидејќи, како што соопштија, не се казнети одговорните лица. Тамара почина чекајќи го решението од Фондот за здравство за да замине на операција во Турција. Таа боледуваше од сколиоза, односно потребно беше да и се направи операција на рбетот. По нејзината смрт оставки поднесоа директорите на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнаџиева Змејковска и Џемали Мехази, но граѓаните и нејзините родители бараа оставка и од министерот за здравство Никола Тодоров.

Мајката на Тамара, Жалина Димевска, истакна дека очигледно некој го попречувал Обвинителството да преземе мерки, бидејќи една година им била малку да сработат нешто. Таа праша зошто е изземен најодговорниот, министерот Тодоров и побара помош за 11 годишната Ханита која се соочува со истата болест.

„Едно единствено сакам да заврши оваа голгота да се казни виновникот и да престане сето ова и никогаш да не се повтори. Денеска сум многу потресена од малата Анета, бидејќи во нејзините очи си ја видов мојата Тамара. Јас не знам зошто министерот Тодоров седи во таа фотелја и зошто не помага на дечињата кои се нашата иднина. Ми ја зеде мојата Тамара да не се случи повторно нова Тамара“, рече Жаклина Димевска.

Таткото на Ханита, Сабдула Салиу рече дека неговата ќерка е ист случај како и Тамара и два пати побарал помош од државата и бил одбиен, со образложение дека сколиозата е вродена. Но нејзиниот татко тврди дека во Турција му кажале поинаку.

„Операцијата е многу скапа, која јас немам можност да ја исплатам. Веќе немам сила. Четири пати одам за Турција на мој трошок и со помош на другарите“.

Граѓанскиот активист Огнен Јанески го повика Јавното Обвинителство виновниците за смртта на Тамара да ги побара во Министерството за здравство.

„Не молчете затоа што токму министерот Никола Тодоров, министерот за смрт е тој кој што ја излажа целата нација во Македонија. Тој е тој што кажа дека Министерството за здравство ќе ги обезбеди средствата за покривање на трошоците за операцијата на малата Тамара. Основно Јавно Обвинителство не мора да кажувате дека имате осомничени и да не ги наведувате со име и презиме. Ние ги знаеме кои се. Прв во нив е министерот Тодоров“, рече Јанески.

Обвинителството соопшти дека повеќе лица се осомничени за кривично дело „несовесно работење“ во службата и оти истрагата продолжува во насока на целосно расветлување на случајот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG