Достапни линкови

Младите бегаат од Македонија и не се обѕрнуваат назад


Според евиденцијата на МВР во 2015-та се иселиле дури 78 илјади лица. Истражувањата пак покажуваат дека повеќе од половина од младите сакаат да заминат во странство, а дури една третина од нив воопшто и не помислуваат некогаш да се вратат дома.

Лични контакти, можности за студиски престои, работа на брод или, пак, бугарски пасош за малку повозрасните се најчестите начини преку кои македонските граѓани се одлучуваат да ја напуштат земјата. Нивната бројка воопшто не е мала, па според податоците на меѓународна Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД) објавени во нивниот лански извештај, за само една година земјава ја напуштиле најмалку 20.562 граѓани, што е рекордна бројка на иселени луѓе во последните 15 години. Според извештајот на ОЕЦД, најмногу Македонци се иселиле во Германија, Австрија, Швајцарија, САД, Канада, Австралија и во Нов Зеланд.

Јас сум единствен студент во мојата насока, 90 отсто од студентите кои биле во мојата насока претходно веќе не се во Македонија, а тенденцијата во генерациите што следуваат по мојата е слична, сите се наоѓаат во некое поубаво и поуспешно место отколку што би биле во Македонија.
Кирил Арсовски Пржо, студент.

Субхи Јакупи од Државната изборна комисија неделава, пак, објави уште позагрижувачки бројки. На седницата на ДИК, тој рече дека според евиденцијата на македонското Mинистерство за внатрешни работи, во 2015-та се иселиле дури 78 илјади лица.

Ваквиот тренд најмногу е присутен кај младите, а причините се различни. Еден од младите кои размислува да ја напушти државата е Кирил Арсовски Пржо, студент по екологија, кој вели дека и досега заминувал да работи во странство, па повторно се враќал во Македонија, а сега има план за подолгорочно заминување. Неговата причина е неможноста да ја остварува својата професија како биолог-истражувач во Македонија.

„Јас имам тесна соработка со дел од научните институции во Бугарија и таму често патувам. Немам бугарски пасош бидејќи сум немал потреба да го извадам, одам како Македонец и кога одам престојувам одредено време па се враќам тука повторно, зашто тука се уште имам обврски кон студиите, но штом завршам, нема да имам нешто што многу ме врзува од професионален карактер да останам во државата“, вели тој.

Едната категорија лица се оние кои имаат помеѓу 18 и 22 или 23 години кои не се запишале и кои не планирале да се запишат на некакви студии во Македонија и таа категорија лица е во просек од 20 до 30 отсто од барателите. Втората категорија лица се над 25 години кои не успеале да се снајдат во општеството кои имаат формално или немаат образование и бараат начин и форма како да заработат.
Зоран Кочовски, агенција Коузон.

Пречките на кои наидувам при остварување на моите амбиции не се само типични за мојата професија, вели тој, прецизирајќи дека за такви ги смета непотизмот, корупцијата и неадекватните луѓе ставени на важни позиции. Арсовски, кој е член и на Студентскиот пленум, вели дека се повеќе млади луѓе размислуваат да ја напуштат државата.

„Јас сум единствен студент во мојата насока, 90 отсто од студентите кои биле во мојата насока претходно веќе не се во Македонија, а тенденцијата во генерациите што следуваат по мојата е слична. Сите се наоѓаат во некое поубаво и поуспешно место отколку што би биле во Македонија, бидејќи со тоа се соочуваат луѓе кои имаат други специфични професии како мојата и добиваат обука и диплома за занимање кое тука не може да го работат“, вели Арсовски.

Веќе не е потребен бугарски пасош

Како што нагласи и самиот, нему не му било потребно вадење на бугарски документи, тренд кој особено беше присутен како начин на иселување од земјава до 2009 година, односно до визната либерализација. Дотогаш тоа всушност им беше една од најчестите опции на македонските граѓани за заминување во странство. Според некои процени, меѓу 2009 и 2010 година, за речиси 90 проценти се намалува бројот на доделени пасоши од Бугарија за Македонците. Во 2009 година биле доделени вкупно 4.406 државјанства на Македонци, додека во 2010 Бугарија доделила само 444 државјанства. Бугарското Министерство за правда, пак, објави дека од 2001 година до почетокот на 2014 вкупно околу 51 илјади македонски државјанин добиле бугарско државјанство.

Оние, пак, кои не заминуваат за високобразовни цели или пак преку добивање странски пасош, одат и на времени вработувања како на пример на брод или, пак, во угостителскиот сервис на Блискиот Исток. Но, Зоран Кочовски од агенцијата Коузон, која 19 години посредува за таков тип вработувања, вели дека трендот во последниве години е намален. Причината за тоа, меѓудругото, тој вели и дека е во тоа што кандидати од Македонија имаат преголеми очекувања од работата во странство.

Најголем дел од младите луѓе со поголемиот дел од своите пријатели комуницираат преку скајп наместо да се видат во живо, затоа што си заминале во странство. Во МОФ како младинска организација чест е случајот на млади луѓе коишто по завршувањето на средното образование или на дипломските студии одат во странство.
Дона Костуранова, Младински образовен форум.

„Во еден период од 2002 до 2007 година имаше навистина поголем интерес, но тоа беше период кога Македонија беше на црната листа на шенген-зоната, беше многу потешко излегувањето од Македонија. Мислам дека визната либерализација е еден од условите за намалување на интересот на младите генерално да бараат работа преку агенции за посредување при вработување, бидејќи со можноста да се патува пред се низ европските држави, мислам дека дел од младите во Македонија се обидуваат самостојно да најдат работа“, вели Кочовски.

Ако треба да направи профил на оние кои бараат работа кај нив, тој нагласува дека најчесто се работи за две категории луѓе.

„Едната категорија лица се оние кои имаат помеѓу 18 и 22 или 23 години кои не се запишале и кои не планирале да се запишат на некакви студии во Македонија и таа категорија лица е во просек од 20 до 30 отсто од барателите. Втората категорија лица се над 25 години кои не успеале да се снајдат во општеството кои имаат формално или немаат образование и бараат начин и форма како да заработат“, вели Кочовски.

ЕУ и слободниот трансфер на трудот
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:10 0:00

Младите заминуваат засекогаш

Дека повеќето млади сакаат да ја напуштат државата покажува и студијата на Фондацијата Фридрих Еберт и Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања објавена минатиот месец. Според неа, повеќе од половина од младите во Македонија сакаат да заминат во странство, а дури една третина од нив воопшто и не помислуваат некогаш да се вратат дома.

Резултатите од истражувањето покажале дека над 50 отсто од младите сакат да ја напуштат земјата, 71 отсто се незадоволни од економската и финансиската ситуација, 65 проценти од проблемите со вработување, 80 отсто од реформи во образованието.

Но, од друга страна, оние што би останале во земјава, најдобра можност за вработување гледаат во јавната администрација, односно 40 отсто од испитаниците.

Ваквата тенденција ја потврдува и Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум.

„Најголем дел од младите луѓе со поголемиот дел од своите пријатели комуницираат преку скајп наместо да се видат во живо, затоа што си заминале во странство. Во МОФ како младинска организација чест е случајот на млади луѓе коишто по завршувањето на средното образование или на дипломските студии одат во странство. Причините што ги тераат да го прават тоа е што станува збор за млади, активни, капацитетни луѓе коишто сакаат да помогнат на заедницата и да придонесат на средината околу себе. Ако не можат да го направат тоа во земјата, тогаш може да го направат тоа во странство“, вели Костуранова, која од контактите кои ги имаат со веќе иселените млади во западноевропските земји вели дека тие добро се снаоѓаат.

„Ние имаме пример на млади луѓе кои кога отишле на друг факултет отвориле дебатен клуб за студентите на тој факултет, успеале да учествуваат во организирање на избори за студентски парламент и студентска заедница, воделе, основале младински организации коишто работат на специфични прашања. Успеале да се реализираат во области и да добијат поддршка од институциите што не ја добиле во сопствената земја. Најчесто станува збор за луѓе кои заминале да го усовршат своето формално образование. Голем дел од остануваат, успеваат да најдат работа или да го продолжат образованието на друго ниво“, вели Костуранова.

ЕУ искуства за слободниот трансфер на трудот

Гоце Атанасов

Источноевропските мигранти два пати побрзо наоѓаат работа од невработените жители во западните европски земји. Во големиот извештај на Европската комисија се додава дека масовната миграција ги погодува економиите во поранешните комунистички земји. На пример во Романија еден на десет работноспособни млади луѓе заминува на Запад. И покрај тоа во Извештајот се потенцира дека слободното движење мора и натаму да се охрабрува со цел да се намали големата невработеност предизвикана од кризата во еврозоната.

Истражувањето правено од 2011 до 2013 година се чини им дава тежина на популарните стереотипи за полските и чешките мигранти во Британија како најтрудољубиви. Полскиот премиер Беата Шидло минатиот месец го прекори британскиот премиер Дејвид Камерон, наведувајќи дека полските граѓани повеќе придонесуваат во бруто домашниот производ на Британија отколку на Полска. Ова доаѓа како резултат од тоа што мигрантите се помлади и подобро едуцирани од повеќето од домашното население. Исто така, тие се помотивирани да најдат работа.

Британија и Германија се најпосакувани дестинации за источноевропјаните каде што стапката на вработеност од 2011 година е околу пет насто. Во преостанатиот дел на Европската унија стапката изнесува 0,8 проценти. Од друга страна, мигрантите не го оптоваруваат системот за социјална заштита на земјите домаќини. Но, се додава: Потенцијални и големи притисоци врз обезбедувањето услуги може да се случи на локално ниво.

Извештајот подготвен од еврокомесарот за труд Мариане Тисен искрено се признава дека особено силни бранови од некои земји ги зголемија страхувањата за нивниот потенцијален развој, демографскиот баланс, јавните финансии и ризикот од одлив на мозоци. Откако источноевропските земји влегоа во унијата, тие бележат големо заминување на млади професионалци во поразвиените западни држави. Просекот е некаде околу 7 отсто. Само десет проценти од мигрантите се враќаат дома по една година, а некои и им праќаат пари и на нивните семејства. Британскиот премиер Дејвид Камерон го потегна аргументот со одливот на мозоци при барањето за кратење на бенефитите за мигрантите од Унијата со цел да ја направи Британија помалку атрактивна.

„Можете да учите за медицинска сестра во Бугарија и да работите нешто друго во Британија поради нашиот врвен социјален систем. Тоа не е добро ни за Бугарија ни за Британија“, рече Камерон, наведувајќи дека основачите на Европската унија никогаш не претпоставувале дека нивото на миграција ќе биде толку големо.

Сепак, во извештајот на Тисен се наведува дека 15 милиони работоспособни Европјани, односно 4 отсто, живеат надвор од нивната татковина и оти тоа е мала бројка. Како споредба се посочуваат Соединетите Држави каде што скоро 30 отсто од луѓето живеат надвор од државата во која биле родени. Во Извештајот се потенцира дека поголема миграција ќе помогне во намалувањето на високата стапка на невработеност во Грција, Италија и Шпанија, што дојде како резултат на финансиската криза. Што се однесува до мигрантите од другите делови на светот, тие далеку потешко може да најдат работа во Европа. Сепак, големиот бран од над милион бегалци и мигранти што дојдоа во Европа само во минатата година ги зголемува страхувањата дека тие ќе донесат поголема конкуренција на пазарот и ќе ја намалат цената на работната сила, што, пак, ќе се одрази и врз ефектите од политиката на слободно движење на трудот во рамките на Европската унија.

Прогнозите за Македонија лоши

И додека земјите од западна Европа се соочуваат со прилив на млада работна сила, прогнозите за Македонија се лоши. Имено, во студијата за светската популација на Обединетите нации објавена неодамна, земјава во 2050 година ќе забележи демографски пад за 6,8 отсто, а во 2100 година ќе има околу милион и петстотини илјади жители. Ако во перспектива Македонија стане членка на Европската унија па се олесни работата за младите, како што тоа се случи со Бугарија и Романија по нивното влегување во западниот сојуз, очекувањата се дека уште повеќе ќе се намали бројот на млади во Македонија, бидејќи се повеќе ке заминуваат професионално да се остварат во западна Европа.

Сега македонските граѓани, како државјани на земја која не е членка на унијата, можат слободно да патуваат во Шенген зоната, но имаат право на престој максимум до 90 дена во текот на една година, а за тоа време ако најдат работа, можно е работодавачот да им обезбеди документи за работно подолготрајно останување.

Официјални бројки на државата за иселувањето досега нема, затоа што не е спроведен попис од 2002 година. Според истражувањата на Светска банка, како што јавија некои медиуми, до крајот на 2013 година од Македонија се иселиле околу 630 илјади луѓе. Статистичката служба на Европската унија - Евростат, пак, пресметала дека во периодот од 1998 до 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230 илјади граѓани, најголем дел од нив млади.

Истражувањата главно покажуваат дека најчести причини за ваквите одлуки се подобрување на стандардот на живот, пристап до подобри можности за вработување и подобро образование.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG