Достапни линкови

Пoлитичката криза во полза на радикалните структури


Експертите се децидни дека моменталната политичка криза не оди во полза кон контрола и разбивање на приврзаниците на радикалниот ислам. Македонија со нејзината политичка и поширока институционална криза дозволува широка лепеза на активности на вакви групации, особено и поради проблемот со миграциската криза.

Македонија заедно со земјите од Западниот Балкан е плодно тло веќе повеќе години за создавање и ширење приврзаници на терористички организации кои промовираат радикален ислам. Иако засега нема нивни конкретни активности со кои директно ќе ја засегнат безбедноста на државата, тоа не значи дека во иднина не може да се појавата такви опасности и дека приврзаниците на радикалниот ислам нема да се активираат и во Македонија.

Долги години просторот на Македонија во однос на ИВЗ и контролата на нивните активисти, ниту од ИВЗ, ниту од службите за безбедност не се под добро воспоставена контрола. Самите процеси овој период и поврзаноста со ИЛИС и од аспект на ИВЗ и службите за безбедност треба да се интензивира нивната контрола и да биде секојдневна.
Стефан Буџаковски, професор по разузнавање.

Податоците од надлежните институции говорат дека ширењето на радикалниот ислам во државава се врши во верски објекти, џамии и некои импровизирани објекти како и во невладини организации и приватни домови. Според анализите што институциите ги направиле, досега биле регрутирани околу 130 македонски државјани кои се бореле на страната на Исламска држава и на Ал Каеда. Проблемот со исламскиот радикализам во јавноста го популаризираше ИВЗ од каде посочија дека две џамии не се под нивна контрола веќе четири години, а не е непознато дека таму досега проповедале двајца имами познати по своите радикални ставови и блискост со вахабистички групи во Босна и Косово. Ваквата слика укажува дека Македонија е кревка и оти треба да се води смета за овие движења и можни терористички активности во време кога светот го бранува бегалската криза во Сирија и од која е погодена и Македонија, анализираат експертите.

„Долги години просторот на Македонија во однос на ИВЗ и контролата на нивните активисти, ниту од ИВЗ, ниту од службите за безбедност не се под добро воспоставена контрола. Самите процеси овој период и поврзаноста со ИСИС и од аспект на ИВЗ и службите за безбедност треба да се интензивира нивната контрола и да биде секојдневна, бидејќи причините кои условуваат нивно интензивирање во однос на некои активности посебно на Балканот и европските држави се токму лоцирани во земјите од Балканот како што се Македонија, Косово, Албанија, дел од Црна Гора и Босна“, коментира професорот по разузнавање Стефан Буџаковски.

Во Македонија има кампања, но тој процес на регрутирање постои преку фејбуск и социјалните мрежи и има други начини. Најопасно е доколку некои од џамиите се користат за регрутација на борци.
Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.

Не се контролира ширењето на радикалниот ислам

И поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека надлежните институции немаат целосна контрола со состојбата на ширење на радикалниот ислам во државата и укажува на потребата од поголема консолидираност.

„Во Македонија има кампања, но тој процес на регрутирање постои преку фејсбук и социјалните мрежи и има други начини. Најопасно е доколку некои од џамиите се користат за регрутација на борци. Темата е присутна и треба да има општествена акција за овие луѓе да одат таму и да учествуваат. Главно останува обврската на контра разузнавачките служби доколку има борци кои се враќаат во Македонија или да подготвуваат активности во други држави од Европа кои се цел на напади на организации кои поддржуваат тероризам“, вели тој.

Сиромаштијата ги тера на странски боишта

Ранлива група на граѓани и кои се лесно употреблива цел од приврзаниците на радикалниот ислам често се оние со понизок стандард зашто полесно е идеолошки да се делува врз граѓани кои ги мачи сиромаштија. Добар дел од нив се приклучуваат кон вакви активности заради лична заработувачка што ќе им ја осигура нивната лична економска состојба, вели професор Буџаковски.

Поранешниот министер Павле Трајанов смета дека поголема улога во приклучувањето кон радикалниот ислам одигрува фанатизмот и тоа колку станува збор за целосно изградена личност, а дека стандардот како фактор е присутен, но не е пресуден момент за приклучување кон овие терористички организации.

Експертите се децидни дека моменталната политичка криза не оди во полза кон контрола и разбивање на приврзаниците на радикалниот ислам. Тие велат дека во здрава социјална, општествена и политичка средина тешко може да дојде до израз дејствувањето на вакви групи и дека Македонија со нејзината политичка и поширока институционална криза дозволува широка лепеза на активности на вакви групации, особено и поради проблемот со миграциската криза.

Експертите апелираат дека разгледувањето на проблемот треба да биде во тесна соработка со безбедносните структури од регионот, но и од регионот на дејствување на ИСИЛ во Сирија и Ирак и на тој начин да се доаѓа до релевантни податоци за тоа кој се доаѓа во Македонија, отишол во Сирија и се враќа во земјава со можност за создавање терористички активности.

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека не само Македонија, туку воопшто регионот на Западен Балкан се подложни на вакви влијанија и ова е плодна почва за создавање на вакви терористички групации.

„Македонија е навистина ранлива и од тој аспект треба строго да води сметка за ваквите движења и можните терористички активности врз основа на тоа“, вели Марковски.

Откако неколку македонски граѓани загинаа на странски боишта на Блискиот Исток, Собранието изгласа измени на кривичниот законик со што се зголемени казните за учесниците во странските паравојски. Минатата година МВР имаше акција после која беше кажано дека била разбиена ќелија на ИСИЛ која со години функционирала во Македонија. Во акцијата на МВР беа поднесени кривични пријави против 36 лица од Скопје, Гостивар, Тетово Куманово и Струга и беа приведени 9 лица, а останатите 29 лица се надвор од државата. Приведените се осомничени за учество во странски војски, полиција и паравоени формации. Останаа нејасни одговорите за полициската акција во кумановската Дива населба во која загинаа осум полицајци, а 37 беа приведени. Во јавноста се појавија информации дека од таму се планирале поголеми напади во Скопје, но истите подоцна според мислењата на експертите не беа сериозно потврдени.

Македонија не е имуна на тероризам

Според последните информации од МВР Македонија не е имуна на опасност од терористички закани, но во моментов земјава не е приоритетен интерес на меѓународните терористички организации.

Од МВР додаваат дека во континуитет ја интензивираат соработката со сродни институции и органи на национално и меѓународно ниво, пред се на планот на брза и редовна размена на информации и преземања заеднички акции со акцент на изнаоѓање механизми за навремена идентификација на странски борци и спречување на извршување терористички акти.

ИД е опасност, но не за слободните општества

Гоце Атанасов

Минаа 14 години откако американскиот претседател Џорџ Буш објави „глобална војна против тероризмот“. Денес по потрошени над билион ипол долари за таа војна и по убивањето стотина терористички лидери, од Осама бин Ладен до Џихади Џон, Западот останува исто толку ранлив, ако не и повеќе, од екстремистите кои можат да регрутираат борци и да напаѓаат во секој град во светот.

„Се сомневам дека сега откако таква војна објавија и некои европски лидери изгледите за победа се подобри од порано“, оценува Хернандо де Сото, претседател на Институтот за слобода и демократија, додавајќи дека екстремистите силата ја црпат од разочараноста од постојниот систем и сиромаштијата кои пак доведоа до познатата Арапска пролет во која за неколку месеци паднаа четири влади, а се уште го тресе целиот регион.

ИД е закана, но не за слободните општества
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:37 0:00

Неуспехот на Западот да ги охрабри арапските влади да воспостават и да го заштитат правото на граѓаните на нивна сопственост формираше вакуум во кој влегоа националисти и нивните терористички филијали кои сега испраќаат војници во Европа. Секако дека овие фанатици нема да бидат способни да го подобрат животниот стандард на сиромашните како што се наведува во правилата на милитантите на Исламската држава во самопрогласениот калифат. Но, во атмосфера на оскудност и разочараност, оние што даваат лажни ветувања лесно привлекуваат приврзаници. Затоа Западот мора да му помогне на 80 насто од тамошното население.

Од друга страна, масакрите што ги прават застрашуваат, но тие, како што наведуваат аналитичарите, не претставуваат егзистенцијална опасност за цивилизацијата. Задача на политичарите е да покажат решеност и немилосрдност против нив, а граѓаните да бидат претпазливи, но и рамнодушни. Милитантите на Исламската држава ја презедоа одговорноста и за многуте терористички напади низ светот, главно врз трговски центри, хотели, ресторани. Нормална човечка реакција е да шпекулира во врска со мотивите зад ваквите напади. Како и да е, станува збор за политичка грешка. Во реалноста едно плуралистичко општество не може да избегне провокации од теократски фанатици. Нивниот бес е, меѓу другото, против модерното, половата еднаквост, продавање алкохол на странски туристи. Секако дека за вакви барања не се можни никакви преговори и оти единствен разумен курс е тие да бидат отфрлени. Тоа може да потрае долго време, но цивилизираните општества, според некои експерти, ќе опстојат. За повеќето од нив периодот по Втората светска војна, заканата од нуклеарно уништување беше скоро секојдневна. На крајот, западните либерални демократии ја надминаа Студената војна без да се откажат од нивните вредности или од нивната одбрана. Според некои аналитичари, не е точно дека вооружувањето претставува закана за цивилизацијата. Опасноста доаѓа од тоа таквата воена моќ да не дојде во рацете на владари чија филозофија е тоталитарна и кои се параноични. Единствен претпазлив курс за слободните општества е да имаат доверба во нивната моќ слободно да носат одлуки. Токму на ваков начин политичарите треба да му се спротивстават на терористичката идеологија, која, како што велат, не може да се спореди со слободните општества.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG