Достапни линкови

Задолжувањето не е проблем на банките, туку на Владата


.
.

Банките имаат интерес да направат што е можно повеќе профит и залудни се политичките пораки да бидат општествено одговорни. Проблем е што Владата се задолжува повеќе отколку што создава економијата.

Профитот е основниот интерес на банките, а не општествената одговорност, па затоа се излишни апелите кон нив да бидат внимателни во однос на задолжувањето со државни хартии од вредност, велат економските аналитичари. Тие сметат дека кога станува збор за последното - двојно повеќе од планираното задолжување, не е прашањето за банките, туку однесувањето на Владата која воспостави политика на трошење на државните пари повеќе отколку што реално создава македонската економија.

Банкарскиот сектор во Македонија е олигополен, тоа е најчеста форма на несовршена конкуренција и нивниот интерес е многу јасен, да се направи профит колку што е можно повеќе.
Марјан Николов, Центар за економски анализи.

Поранешниот пратеник и економски аналитичар Слободан Најдовски вели дека задолжувањето кое што Владата енормно го прави во последниве години ќе ја доведе државата во ситуација во која тешко ќе може да ги сервисира своите долгови.

„Од тој аспект банките и сите они кои што купуваат државни обврзници ќе се најдат во една ситуација да се бара што би се рекло начин на нивно одговорно однесување кон парите на нивните клиенти. Пред се, тоа се однесува за пензиските фондови и осигурителните друштва, кои што во овој момент се најголем купувач на долгорочните хартии од вредност“, вели Најдовски.

Заменик министерот за финансии од СДСМ Кире Наумов пред вчерашното задолжување на Владата кај домашните кредитори за 30 милиони евра апелираше до нив да се водат од државниот интерес.

„Како најголеми доверители, банките, пензиските друштва и осигурителните компании мораат да имаат предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност коишто немаат согласност од дополнителниот заменик министер за финансии, ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување, од аспект на нивно третирање како законски јавен долг, вели Наумов во писмената изјава, додавајќи дека „секое задолжување, поголемо од износот потребен за враќање на доспеани долгови по основ на државни хартии од вредност во наредните закажани аукции, ќе се третира како можност за злоупотреба на средства во предизборниот период“, рече Кире Наумов.

Банкарскиот сектор во Македонија е олигополен, тоа е најчеста форма на несовршена конкуренција и нивниот интерес е многу јасен, да се направи профит колку што е можно повеќе, вели претседателот на Центарот за економски анализи Марјан Николов.

„Од друга страна, има некои обиди каде што банкарскиот сектор се повикува од политичари да покаже она што се нарекува општествена одговорност. Таква општествена одговорност никаде во свет, во ниту банкарски систем, јас лично не сум слушнал и не сум видел. Оттука мислам дека се бесполезни апелите кон банкарскиот сектор затоа што тие ниту имаат инструмент, ниту има начин, ниту има механизам правно формално за што би одговарале. “

Најдовски вели дека не очекува банките и останатите домашни кредитори да и позајмуваат на државата пари до изборите.

„Економската ситуација во државата не е поволна за тие да вложуваат во стопанството, па тие нема да останат така да своите пари ги стерилизираат и ги чуваат затворени да не вложуваат. Мислам дека до таа ситуација нема да дојде, туку напротив банките колку повеќе ќе има проблеми во стопанството затоа што немаат сигурност да ги пласираат своите средства во стопанството, тие понатаму ќе купуваат хартии од вредност, дури можеби во овој период еве и сами гледате дека отповеќе отколку што се планираше банките имаа средства на располагање“, вели Најдовски.

Тој додава дека е сосема јасно оти парите од последниот заем ќе бидат искористат за изборни цели доколку изборите бидат во април.

Николов смета дека задолжувањето е една нормална операција која служи за обезбедување на ликвидност на Министерството за финансии.

„ Од тој аспект мислам дека се работи за прикривање со еден шум на политичка дебата за посуштински прашања кои се однесуваат на посуштински прашање кои се однесуваат на јавниот долг на Република Македонија“, вели Николов.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG