Достапни линкови

Дневен печат – Соборен авион, војна со зборови меѓу Русија и Турција


Соборувањето на руски воен авион од страна на Турција е главна тема во дневните весници, кои посветуваат внимание и на мигрантската криза.

Усложнувањето на руско-турските односи е главната тема што го преокупира Утрински весник, па оттаму јавноста дознава дека е „Напнато по соборувањето на рускиот Сухој“ и дека Москва ги прекинала воените контакти со Турција, а руски крстосувач опремен со систем за воздушна одбрана ќе биде распореден во Средоземно Море со цел да уништи какви било цели кои претставуваат потенцијална опасност за руските сили во Сирија.

По инцидентот - војната ќе биде со зборови.
Утрински весник.

Утрински во исто време објавува и мислења на експерти дека „По инцидентот - војната ќе биде со зборови“ и дека тој нема радикално да влијае врз економската соработка меѓу двете земји - инаку, дури 60 отсто од природниот гас во Турција доаѓа од Русија, пишува весникот. Вечер ја објавува изјавата на турскиот премиер Давутоглу дека лично тој наредил соборување на рускиот авион кој според турските власти го нарушил воздушниот простор на Турција.

Втора тема која доминира во сите домашни печатени медиуми е мигрантската драма на грчко-македонската граница. Се забележува засилен интерес на Вечер и на Дневник за тоа дали и на Македонија ѝ се заканува опасност од терористички напади од ИСИЛ како последниот во Париз. Вечер консултирал експерти кои сметаат дека „Повратниците од боиштата се најголемата закана за Македонија“ и дека „Џихадистите ја користат бегалската рута за да се инфилтрираат во Западна Европа“. Весникот објави и застрашувачки текст дека „ИСИС се закани и до Македонија“, но го пренесува и мислењето на еден експерт кој смета дека Македонија немала причина за да биде цел на џихадистите од Исламска држава. Инаку во заканувачкото видео од борците на ИД Македонија е ставена во редот на „ѓаволовата коалиција“. Дневник оди со наслов: „Македонија ја штити Европа од мигрантите со зашиени усти“.

Дневник информира дека на листата со 35 предмети што Јавното обвинителство ги доставило до специјалната обвинителка Јанева, а кои се поврзани или произлегуваат од незаконското прислушување, како што пишува, го немало случајот „Пуч“ во кој се обвинети Заев и Верушевски. Тоа не било случај за Јанева, пренесува весникот мислење од Обвинителството на Зврлевски.

Слободен печат сумира: „Груевски најави 8 и пол милијарди, донесе само 2 милијарди странски инвестиции“, а Вечер дека бил „огромен интересот на граѓаните да достават своја идеја која би станала дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG