Достапни линкови

Царот и Султанот


Дојде на власт ветувајќи дека ќе ги врати традиционалните вредности. Тој е авторитарен и не толерира опозиција. Стана непогрешлив. Путин или Ердоган?

Ваквиот опис одговара и за рускиот претседател Владимир Путин и за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. И двајцата имаат многу сличности.

И двајцата се имаат чувство на империјалистичка носталгија. Путин за Советскиот Сојуз, Ердоган за Отоманската империја.
Герет Џенкинс, политички аналитичар.

Со години и двајцата авторитарни лидери оддаваа впечаток дека лесно се разбираат. Но сега, нивните односи се компликуваат поради соборувањето на рускиот воен авион од страна на Турција.

Во изминатата декада, Путин и Ердоган често си оддаваа меѓусебни признанија и ги зајакнаа економските односи меѓу двете земји. Путин, во минатата година оцени дека Ердоган е човек со цврст карактер. Ердоган, пак, во Москва, заедно со Путин ја отворија најголемата џамија во Европа. Денес, се чини дека симпатиите помеѓу двајцата лидери се претвораат во непријателство, а истите квалитети кои до скоро ги зближуваа, сега се клучни во нивното непријателство.

Империјалистички орнаменти

„Доколку Путин има сличности со цар, тогаш Ердоган е султан“, оцени турскиот новинар Хилми Торош.

Има многу сигнали за апсолутистичкиот карактер на двајцата лидери, а тие карактеристики, со текот на годините на нивното владеење, само се зголемуваа. Путин е на власт 16 години, а Ердоган 12.

„И двајцата се имаат чувство на империјалистичка носталгија. Путин за Советскиот Сојуз, Ердоган за Отоманската империја“, смета Герет Џенкинс, политички аналитичар.

И двајцата во надворешната политика се однесуваат во стилот на 19-иот век, според кој, ако си победник, другиот е губитник.
Бил Парк, Кралски колеџ во Лондон.

Колкаво е тоа чувство покажуваат и нивните палати. Ердоган во минатата година ја доврши претседателската палата со 1000 простории, вредна 615 милиони долари, изградена во отомански стил. Путин, пак, изгради Зимска Палата во Сант Петерсбург, во вредност од милијарда долари.

Путин и Ердоган внимателно го градеа својот имиџ и на „мачо мен“. Истовремено, постојано ги потенцираат и своите морални и религиозни вредности. Ердоган е посветен муслиман, а Путин се прикажува како длабоко религиозен и разви блиски врски со Руската православна црква. И двајцата се претставуваат како бескомпромисни во домашната политика, но со истиот пристап и во надворешната.

„И двајцата во надворешната политика се однесуваат во стилот на 19-иот век, според кој, ако си победник, другиот е губитник“, вели Бил Парк од Кралскиот колеџ во Лондон.

Простор за дијалог?

По инцидентот со рускиот воен авион, и Путин и Ердоган зазедоа позиции согласно нивните карактери. Путин оцени дека тоа е „забивање нож во грб“, сугерирајќи дека добил удар од пријател. Ердоган нагласи дека Турција ја штити својата безбедност и „правата на браќата во Сирија“, мислејќи на туркоманските бунтовници кои се борат против Асад, а Русија им ги бомбардира позициите. Сепак и Русија и Турција сигнализираа дека нема да превземаат воени акции една против друга. Но, тешко дека и двете земји ќе се вратат на досегашните добри меѓусебни односи.

„Веројатно нема да има воена ескалација, но ќе следува студена војна меѓи Русија и Турција. Путин нема да го заборави овој инцидент, а му стојат на располагање многу инструменти за да и го отежне животот на Турција“, смета Џенкинс.

Турција е голем пазар за извоз на рускиот гас, а руските туристи имаат големо учество во турската туристичка индустрија.

Од друга страна, Турција има малку контра мерки на располагање. Турција е важна за Русија во врска со плановите за изградба на гасоводот кон јужна Европа, наречен Турски тек. Но, и овој проект моментално е блокиран поради обиненијата од Европската унија дека руски Газпром применува монополизам на европскиот пазар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG