Достапни линкови

Преговори за медиумите без новинари


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Продолжуваат разговорите на работните групи на партиите за медиумите. Новинарските организации побараа да учествуваат во преговорите.

По неколкудневна пауза во разговорите на работната група за медиумите со олеснувачот Питер Ванхауте, тие продолжија денеска и за првпат се очекува суштински да почне дебатата за неопходните промени во системот. Извори вклучени во разговорите велат дека досега партиите ги изнесувале своите предлози за неколку клучни прашања како промените во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во Македонската радио телевизија, во Македонската информативна агенција и владините реклами, а се отворило и прашањето за заштита на новинарите и нивната безбедност. Но, дебата за тие проблеми не била отворена па таа се очекува да почне од денеска.

Кадровските промени се многу важен дел во однос на реформирањето на медиумскиот систем, но сметам дека покрај кадровските промени паралелно треба да се реализираат и реформи во однос на легислативата и во однос на почитувањето на веќе постоечката.
Сефер Тахири, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Поголемо несогласување се јавило само за финансирањето на владините кампањи по изборите, па СДСМ барале тие да запрат, а ВМРО-ДПМНЕ идната влада да има таква можност, но со построги услови. Истите извори велат дека не е премногу оптимистичка најавата на Ванхауте дека до петок ќе има договор, бидејќи очекувањата се дека по два дена засилена дебата ставовите ќе се приближат, па олеснувачот ќе може да претстави готово решение. Засега воопшто не биле отворени разговори за кадровските решенија во јавниот сервис и регулаторното тело, кои според досегашните информации ќе бидат по предлог на опозицијата.

„Кадровските промени се многу важен дел во однос на реформирањето на медиумскиот систем, но сметам дека покрај кадровските промени паралелно треба да се реализираат и реформи во однос на легислативата и во однос на почитувањето на веќе постоечката“, вели професорот на универзитетот на Југоисточна Европа Сефер Тахири.

Минатата недела Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници пред Клубот на пратениците одржаа, како што нагласија, предупредувачка прес-конференција на која рекоа дека бараат да бидат вклучени во разговорите за медиумите, а во спротивно се заканија со протест.

„Секако дека треба да бидат вклучени бидејќи се работи за прашања што ги тангираат медиумите односно новинарите и мислам дека за професионалните стандарди и етичките норми незамисливо е да одлучуваат политичари без разлика дали се од власта или од опозицијата“, вели Тахири.

Покрај разговорите на претставниците на четирите партии потписнички на договорот од Пржино, Ванхауте на одделни средби викаше и претставници на новинарската фела, но тие средби беа само консултативни.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG