Достапни линкови

Анкетната за прислушувањето запна уште пред да почне


Анкетната комисија во Собранието која треба да го расчиси скандалот со прислушувањето запна уште на првата седница и не успеа да го донесе ниту деловникот.

Пратениците и членови на собраниската анкетна Комисија за скандалот со прислушувањето денеска на првата одржана седница не успеаја да го усвојат деловникот за работата на Комисијата, што беше првата точка на дневниот ред. Претседателот на Комисијата Петре Шилегов рече дека им го испратил деловникот на 19 ноември на сите членови и оти до денеска за него не добил никакви забелешки од членовите. Но, пратениците на ВМРО – ДПМНЕ рекоа дека тој им бил пратен на приватни мејл адреси и дека мислеле оти забелешките требале да ги изнесат на денешната седница.

До денешен ден, до отворањето на седницата, од ниту еден од членовите немаме добиено никаква забелешка.
Петре Шилегов, СДСМ.

„Предлог деловникот до сите членови на Комисијата, заедно со барање за произнесување од вас како членови поедничечно, беше доставен во четвртокот на 19-ти овој месец, со напомена во самата покана дека евентуалните забелешки треба да бидат предмет на усогласување и токму затоа ви е доставен. До денешен ден, до отворањето на седницата, од ниту еден од членовите немаме добиено никаква забелешка“, рече Шилегов.

Неговиот колега од ВМРО – ДПМНЕ, Павле Саздов реплицираше:

„Прво, не е точно дека сте испратиле барање за наше произнесување. Еве ја поканата којашто е пристигната до мене како пратеник и тука вие никаде во поканата не барате наше произнесување во поглед на самиот деловник. Јас го добив на 19-ти ноември деловникот заедно со покана и согласно тоа сметав дека забелешките треба да ги произнесам токму на седницата“, рече Саздов.

Но, и покрај тоа пратениците дадоа забелешки за деловникот. Главната беше во однос на тоа дека е предвидено претседателот на Комисијата да има два гласа во случај кога за некоја одлука ќе има еднаков број на гласови. Независната пратеничка Роза Топузова Каревска забележа на одлуката Комисијата да има парен број на гласови, како и на тоа дека е предвидено расправите на Комисијата да се водат без оглед на тоа колку членови се присутни.

„Јас мислам дека минимум членови мора да одредиме. Може двајца члена да си дојдат и да си почне расправата. Минимум на членови ќе мора да ставиме“, рече Каревска.

Претседателот на Комисијата Петре Шилегов истакна дека очекувал пратениците од владејачкото мнозинство да ја одолговлекуваат работата на Комисијата, а пратениците од ВМРО – ДПМНЕ предложија пратеничките групи да определат по еден координатор од членовите на Комисијата и претседателот со нив да има комуникација за да се усогласат околу забелешките за деловникот. Шилегов побара од членовите да изберат свои координатори и да се сретнат утре во 12 часот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG