Достапни линкови

Новинарите се закануваат со протест


Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Новинарските и медиумски организации бараат вклучување во преговорите за медиумите меѓу политичките партии и измени на Изборниот законот во делот на медиумите.

Измените во Изборниот законик во делот за медиумите се скандалозни и неприфатливи за медиумската заедница, реагираат медиумските организации.

Ако не се преиспитаат казните и ако не бидеме вклучени во разговорите, ќе организираме протести пред Клубот на пратениците.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

На, како што рекоа, предупредувачката прес-конференција пред Клубот на пратениците во Скопје, каде што работните групи на политичките партии и посредникот од ЕУ Питер Ванхојте разговараат за реформи во медиумите во согласност со договорот од Пржино, претставниците на медиумските организации рекоа дека најпроблематична е унифицираноста на казните за медиумите што ќе го прекршат изборниот законик, што за малите медиуми се превисоки, како и вметнувањето на интернет порталите во законот, што според нив е регулација на порталите на мала врата и ограничување на слободата на изразување.

Тие бараат казните за медиумите да бидат скалести во зависност од големината на медиумот, а порталите да не бидат регулирани со посебни медиумски закони.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани го повика посредникот Ванхојте да ги вклучи претставниците на новинарите и медиумите во преговорите меѓу партиите во Клубот на пратеници.

„Со тоа ќе се стави крај на ваквиот нетранспарентен начин на договарање на партиите зад грбот на новинарите, медиумите и јавноста и ќе спречиме лоши решенија кои нема да бидат системски и одржливи, во интерес на слободата на медиумите. Ако не се преиспитаат казните и ако не бидеме вклучени во разговорите, ќе организираме протести пред Клубот на пратениците. Исто така ќе ги повикаме новинарите и медиумите да ги бојкотираат евентуалните решенија што ќе произлезат од разговорите и партиите сами нека организираат фер и слободни избори без новинарите и медиумите“, вели тој.

Селмани посочува дека медиумските организации не ги виделе измените на изборниот законик пред да бидат изгласани и со тоа биле спречени да реагираат.

„Законите беа ставени на веб страна откако беа гласани. За 5 минути донесоа 5 закони. Кој е тој што за 5 минути ќе прочита 5 закони по 100 страни, ќе ги анализира и ќе може да достави сериозни забелешки. Практично ние бевме оневозможени да реагираме и да се обидеме ги поправиме тие слабости“, вели Селмани.

Претседателката на новинарскиот синдикат Тамара Чаусидис вели дека медиумските организации нема да молчат и да дозволат решенија за медиумите зад затворени врати да носат оние што регулацијата ја сфаќаат само како цензура.

„Не сме наивни и нема да дозволиме зад затворени врати, со пазарења, судбината да ни ја кројат оние што немаат елементарна општа, уште помалку демократска, а најмалку медиумска култура“, вели таа.

По нивната прес-конференцијата, изјава даде и пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека ставовите на неговата партија се на линија со барањата на новинарите и дека зголемувањето на казните било поради барање на некоја од другите партии во преговорите. Тој рече дека казните ќе бидат усогласени со Законот за прекршоци.

„Она што ние како политичка партија го застапуваме на овие разговори е на линија со она што организациите го соопштуваат, а тоа е, во согласност со Законот за прекршоци, намалување, односно нивелирање на глобите, односно оние субјекти коишто имаат поголеми приходи, поголем број на вработени ќе имаат одреден поголем процент од тоа што е пропишано како глоба, а оние коишто се помали субјекти ќе имаат следствено помали, што значи дека ефективно ќе има значително намалување на глобите во согласност со веќе усвоениот Закон за прекршоци“, рече тој.

Димовски рече дека во однос на интернет порталите има многу различни ставови и во работните групи, но и во самата ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на барањето на организациите за вклучување во преговорите, тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ постојано разговара со сите организации.

Откако денеска беше пробиен рокот за постигнување договор за медиумската сфера, посредникот Ванхојте изрази надеж дека договор за медиумите ќе биде постигнат до наредната недела.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG