Достапни линкови

Системски или краткорочни решенија за медиумската сфера?


Илустрација.
Илустрација.

ЗНМ смета дека мора да се донесат системски и одржливи решенија за медиумите во преговорите меѓу политичките партии, додека Центарот за развој на медиуми смета дека нема време за тоа.

Краткорочни решенија до изборите поради комплицираноста во која функционираат македонските медиуми, или, пак, решенија кои ќе ја подобрат ситуација на долг рок се двете различни позиции на дел од учесниците во дебатата за медиумите.

Не може овој процес да се затвори со промена на двајца-тројца луѓе во МТВ и двајца-тројца во Агенцијата за медиуми. Тие институции треба да им служат на граѓаните на Македонија, не на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Минатата недела посредникот во преговорите за спроведување на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, ги повика претставниците на медиумската фела да ги слушне нивните мислења, а според некои најави дебатата за реформите би требала да заврши во следниве три дена.

Според претседателот на ЗНМ Насер Селмани, единствена опција се системски и одржливи решенија кои ќе обезбедат подобрување на состојбата на долг рок, за што, како што тврди, има време.

„Не може овој процес да се затвори со промена на двајца-тројца луѓе во МТВ и двајца-тројца во Агенцијата за медиуми. Тие институции треба да им служат на граѓаните на Македонија, не на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Ќе направиме сè што е во наша моќ тоа да го спречиме. Мислам дека сè може да се заврши и денеска ако има политичка волја. Се знае точно што треба да се направи во Македонија за да имаме одржливи решенија. Тврдам дека како што можеа да донесат пет закони за еден ден, може да сменат еден закон за еден ден“, вели Селмани.

Според Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, сепак времето е прекратко и затоа треба да се стави фокус на известувањето за изборите.

„Преговорите пред сè треба да се фокусираат за тоа како ние да добиеме фер и објективно известување за наредната изборна кампања, а проблемите што ги имаме ние во медиумскиот сектор се толку големи и имаат толку широк опсег што за нив ќе мора дури после тие избори, какви и да се резултатите, да се води една поширока јавна расправа во која ќе учествува цела медиумска заедница и пошироката јавност да се вклучи за да дојдеме до некакви практични решенија“, вели Георгиевски.

Македонската асоцијација на новинари(МАН) која исто така е дел од процесот на дебати, пак, веќе излезе со соопштение во кое наведе дека сметаат оти медиумските закони веќе се однапред подготвени и како такви ќе бидат сервирани и доставени до политичките партии кои потоа треба да ги усвојат, како и до медиумите кои се најзасегнати од истите.

И Георгиевски и Селмани се со ист став дека нема да дозволат четворицата лидери зад затворени врати да ја кројат судбината на медиумите.

„И на крајот на краиштата има медијатори во тој процес, медијаторите не смеат да прифатат каков било договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кој е спротивен на препораките на Европската комисија“, вели Селмани.

Посредникот Ванхауте веќе посочи дека реформите во медиумите подразбираат осум прашања - елиминирање на насилството против новинарите, слободен пристап до информации, избегнување на пријави за клевета, преиспитување на политичкото и владиното рекламирање, само-регулација на медиумите преку етички совет и промени во работата на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги и на Јавниот сервис.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG