Достапни линкови

Рекорден број Руси побарале азил во САД


Бројот на барања на државјани на Русија за добивање азил во Соединетите Американски Држави, годинава е најголем во последниве две декади. Главни причини се политички притисоци, корупција, дискриминација и насилство врз луѓето со поинаква сексуална оријентација.

Според податоците до кои дојде Радио Слободна Европа, до 30-ти септември оваа година, 1454 руски државјани побарале азил во САД, што е за 50 отсто повеќе во однос на претходната година. Притоа, треба да се земе предвид дека во едно барање за азил се вклучени повеќе лица, бидејки станува збор и за цели семејства. Ова е трета година по ред во која се зголемуваат барањата на државјани на Русија, односно, од почетокот на третиот мандат на рускиот претседател Владимир Путин.

Според американските адвокати за имиграција, голем дел од барателите се од ЛГБТ заедницата, особено откако Путин го потпиша контроверзниот закон со кој се забранува пропагандата на нетрадиционалните сексуални релации. Западните влади го критикуваа овој закон, а групите за човекови права оценија дека со тоа се содава атмосфера за насилство врз геј популацијата.

Политика и корупција

Друга причина за барањето азил, според адвокатите, е што многумина Руси изјавиле дека биле жртви на политички притисоци и закани или пак жртви на корупција.

Алена Шауцова, адвокат за имиграција од Њујорк, во изјавата за РСЕ вели дека многу Руси сакаат да се населат во САД поради нивните спротиставувања на политиките и акциите на Путин, вклучувајќи ја и анексијата на Крим.

„Ми се јавуваат и прашуваат: Како да емигрираме, веќе не можеме да живееме овде?“, вели Шауцова. Таа наведува дека моментално работи со клиент кој тврди дека е предмет на постојани притисоци и закани од полицијата поради тоа што бил на демонстрации по убиството на опозиционерот Брорис Немцов.

И адвокатот Исмаил Шахтакински вели дека работи со баратели на азил од Русија кои тврдат дека биле принудени од властите да даваат мито, да даваат лажни признанија или сведочења.

„Руските власти често градат случај против некој поединец и притоа собираат изнудени сведочења, лажни докази“, вели Шахтакински.

Од 1994-та година, над 17 илјади руски државјани побарале азил во САД, а над 6 илјади добиле, покажуваат податоците од Департментот за национална безбедност. Оваа година, бројот на баратели на азил е најголем од 1994-та, кога се распадна Советскиот Сојуз, Тогаш 2127 Руси побарале азил во САД.

Сепак, многу повеќе руски државјани бараат азил во земјите на Европската Унија. Тоа годинава го сториле 14 илјади Руси, а во минатата година азил во ЕУ побарале 35 илјади, покажуваат податоците на Еуростат.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG