Достапни линкови

Катица Јанева доби канцеларии и пари, но нема тим


Работата не ја вршат ни буџетот ни канцелариите, туку луѓето, така што без избран тим, специјалната обвинителка Катица Јанева не може ефективно да почне со работа.

Специјалната обвинителка Катица Јанева не може вистински да почне со работа додека не се избере нејзиниот тим и покрај тоа што веќе се обезбедени материјалните услови за функционирање на обвинителството, односно изгласан е буџетот и доделени се простории за работа, велат правни експерти.

Катица Јанева не може да почне со работа сè додека не се исполни формалниот услов, а тоа е давањето заклетва на веќе избраните јавни обвинители. Обезбедувањето на просторни и материјални услови е еден од условите, ама за да почне со работа мора да има луѓе, носители на функција кои ќе може да одговорат на функцијата.
Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

Јанева предложи 14 обвинители што треба да бидат дел од нејзиниот тим, но Советот на јавни обвинители избра само седуммина. Таа ги повика избраните помошници да не даваат заклетва додека не се изберат и другите седум колеги и со тоа практично се закочи договорот од Пржино.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека без тим, обвинителката практично не може да почне со работа.

„Катица Јанева не може да почне со работа сè додека не се исполни формалниот услов, а тоа е давањето заклетва на веќе избраните јавни обвинители. Обезбедувањето на просторни и материјални услови е еден од условите, ама за да почне со работа мора да има луѓе, носители на функција кои ќе може да одговорат на функцијата. Мислам дека тоа е една пат позиција којашто ќе мора да се реши со договор и јас не очекувам Јанева да прифати да почне со работа со овој кадар, затоа што не ќе може да одговори на обврската којашто ја чека“, вели Трпеновски.

Поранешниот уставен судија, професор Бајрам Положани вели дека прашањето кога специјалното обвинителство ќе почне со работа не е од уставно-правен, туку од административен карактер.

„Де јуре вршењето на таа функција е почнато со стапувањето на законот во сила, а де факто од моментот на почетокот на остварувањето на сите сите техничко-технолошки услови. Кога ефективно ќе започнат со работа, кога ќе почнат да работат на предметите, тоа го проценува Јанева, оти така е поставено во системот“, вели тој.

Положани наведува дека формирањето на специјалното јавно обвинителство има сомнителна уставно-правна основа и оти намерно е направено така, за да му се остави можност на Уставниот суд да го укине доколку работите од политички аспект „не одат добро“.

Министерството за правда соопшти дека Специјалното јавно обвинителство ќе биде сместено во поранешната зграда на Агенцијата за спорт и млади во Скопје. Освен простории, специјалната обвинителка деновиве го доби и буџетот кој го бараше за да ги гони делата поврзани и кои произлегуваат од прислушуваните разговори.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG