Достапни линкови

Сè повеќе луѓе носат очила


Современиот начин на живот влијае врз сè почести очни заболувања, велат очните лекари. Препорачуваат редовни контроли и заштитни очила.

Техничко-технолошкиот напредок, динамичниот живот, исхраната се дел од причините за се почести појави на очни заболувања кај луѓето,особено кај младата популација, иако од ова не се поштедени ниту возрасните, вели доктор Елизабета Спасиќ офталмолог во Општата болница во Куманово. За полесно и побезболно надминување на сите компликации и тешките последици од очните заболувања, таа препорачува редовни контроли еднаш или двапати годишно. Според доктор Спасиќ, офталмологијата е во понапредна фаза во оперативниот дел, но во одредување диоптер се чини, се уште се користат пооддамна востановените стандардни методи.

„Се зголемува бројот на заболени од катаракта, во народот познато како перде, што можеби е последица на начинот на живот, модерната технологија, исхраната. Кај младата популација се зголемува бројот од потреба на носење очила, најповеќе поради компјутерите, изразено какокомпјутерски синдром. Се појавува и патологија на суво око, исто така поради често користење компјутери, а во последно време и на мобилните телефони на кои децата играат игри и други современи забави“, вели таа.

Како можат децата да ги заштитат очите, оти за нив е незамисливо да не поминуваат поголем дел од денот пред компјутер или со вклучен мобилен телефон.

„Секогаш апелирам дека децата треба да одат на преглед до пет години, за да не се дојде до ситуација на седум години да не може да се третира соодветно“, вели таа.

За возрасните, како што вели, доктор Спасиќ постојат специјални очила, стакла со ултравиолетова заштита кога се пред компјутер, како и стандардна терапија за суво око. За оние кои ќе добијат препорака да носат очила треба сериозно да го сфатат тоа, порачува др Спасиќ.

„Редовно носење очила го забавува растот на диоптријата, а од друга страна му помага на пациентот. Кај популацијата до 24 години, контроли треба да има на секои шест до 12 месеци. Во тој период диоптријата се зголемува,може да биде и неправилна, има периоди кога таа и неправилно се зголемува. Кај повозрасните над 40 години, се појавува потреба за очила за гледање од блиско. И тие треба да го контролираат видот поради очниот притисок, превенција на глауком“, вели таа.

Во Куманово, меѓу помладата популација се чини се почесто се споменува очното заболување кератоконус, оштетена рожница. Дали во минатото таа болест не била толку присутна или пак, не се обрнувало доволно внимание на неа.

„Мислам дека кератоконус постоел и порано, но не се дијагностицирал. Лично со голем број пациенти се сретнувам и затоа и претходно реков дека треба контрола до 24 години. Тоа заболување најчесто се појавува на 19 или 20 годишна возраст и ако тој период се пропушти, тогаш настанува проблем при третирање. Инаку, актуелноста на кератоконусот е поради внимателно дијагностицирање, односно барање на кератоконусот, што во изминатиот период веројатно не било така“, објаснува офталмологот Спасиќ.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG