Достапни линкови

Градинката „Сонце“ во Струга ќе се реновира


Ќе се замени стариот азбестен кров на градинката во која учат 150 деца. На Граѓанскиот форум одржан неодамна проблемот со детската градинка беше посочен како еден од приоритетните за градот.

Четириесет години старата градинка Сонце во Струга во која учат 150 деца конечно ќе се реновира, односно азбестниот покрив ќе се заменува со нов. За таа цел веќе се одобрени и средства. Граѓани на Струга, претставници на невладини организации, на Граѓанскиот форум кој се одржа неодамна, проблемот со детската градинка го посочија како еден од поприоритетните за градот, бидејки азбестниот покрив е опасен по здравјето на децата, но и на вработените, а според кажувања на родители прокиснувал при секој посилен дожд.

„За овој проект се одвоени 2 милиони и 400.000 денари кои ќе бидат финансирани од страна на Општина Струга и Фондацијата Отворено општество во Македонија. До крајот на оваа година треба да се завршат сите формалности и се надеваме дека на почетокот на наредната година да се започне со реконструкција на кровот“, рече Катерина Талеска Скепароска проектен координатор во Центарот на заедницата на Општина Струга.

Талеска вели дека од 1984 година не биле направени никакви поправки на кровот на градинката.

„Овој кров е многу стар, а градинката е основана во 1984 година. Од тогаш не се направени никакви санации на таа кровна конструкција и цело време прокапува , излегува мувла по зидовите на градинката и тоа е многу штетно за здравјето на децата. Граѓаните увидоа дека тој проект треба да се финансира и се одлучија за имплеметација на тој проект наредната година“, рече Талеска од Центарот на заедницата на Општина Струга.

Од таму се надеваат дека во наредните години ќе можат да финансираат и други проекти кои се од значење за граѓаните на Струга.

„На тие граѓански форуми беа претставени многу важни проекти. Самото гласање кое резултираше со тој избор и со тоа што видовме дека сите заминаа среќни претпоставувам дека сите се согласуваат за една таква инвестиција да се направи во Струга. Имаше други проекти кои беа предложени како што е реконструкција на спортски сали, набавка на опрема за кабинети за настава за кои што ќе гледаме наредната година да се имплементираат“, рече Фљака Положани, координатор во овој Центар.

XS
SM
MD
LG