Достапни линкови

Фестивал на нов германски филм во 10 македонски градови


Десет актуелни продукции со универзални пораки во исто толку градови во Македонија ќе бидат прикажани во рамките на 11-то издание на Фестивалот на новиот германски филм што ќе се одржи од 8 до 31 октомври. Турнејата ќе започне во прилепското кино „Мис Стон“, а потем следуваат проекциите во Битола, Охрид, Скопје, Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Штип и Струмица, а случувањето и овојпат ќе се одвива под мотото „Го сакам филмот!“

Трилерот „Роден во болка“ на Флоријан Шварц, драмата „Феникс“ на Кристијан Пецолд, „Хакери“ на Баран Бо Одар, комедијата „300 збора германски“ на Зили Алагад, детските „Лола на грашокот“ на Томас Хајнеман и „Спасете го Рафи“ на Аренд Агте, историскиот „Љубените сестри“ на Доминик Гарф, дело кое што беше номинирано за оскар во категоријата за „странски филм“, се само некои од филмовите кои што ќе бидат прикажани во рамките на актуелниот 11-ти Фестивал на новиот германски филм што ќе се одржи од 8 до 31 октомври.

„Убедени сме дека филмовите се одличен медиум со кој можеме да допреме до многу луѓе. Кој не сака со задоволство да оди во кино и барем за момент да се нурне во други светови? Големиот интерес го потврдуваат и бројките на гледачи: минатата година нашите филмови ги погледнаа повеќе од 10 илјади луѓе.
Хелга Тајпел, раководител на одделот за култура во германската амбасада.

Годинава синеастичката турнеја ќе започне во прилепското кино „Мис Стон“, а потем следуваат проекциите во културните центри во уште девет македонски градови, а случувањето и овојпат ќе се одвива под мотото „Го сакам филмот!“.

Преку овој несекојдневен пресек на широката палета на актуелната германска кинематографија, љубителите на филмската уметност наново и на свој начин ќе можат да ја доживеат Германија, нејзината култура, историја и општество. Одбирот на филмовите, како што велат организаторите – Амбасадата на Сојузна Република Германија во земјава и Про-кредит банка, е „разнолик исто како и животот“, дека дејствијата се одвиваат во оваа земја, но дека пораките се универзални за сите гледачи.

Скопје има огромна културна понуда, сега во октомври дури и прекумерна. Напросто не знаете каде попрво да одите. Од друга страна во градовите низ Македонија има одлични Центри за култура. Таму пронајдовме прекрасни партнери, кои ни ги ставаат на располагање своите центри и со сите сили се трудат да го промовираат фестивалот и нашата соработка.
Хелга Тајпел, раководител на одделот за култура во германската амбасада.

Г-ѓа Хелга Тајпел, раководител на одделот за култура во Амбасадата, вели дека Фестивалот на новиот германски филм е всушност врв на годишната програмска работа на Германската амбасада. Таа дополнува дека Фестивалот започна како мала манифестација пред повеќе од една декада, но дека оттогаш бележи значителен напредок успевајќи од година во година да анимира сè повеќе љубители на седмата уметност воопшто.

„Убедени сме дека филмовите се одличен медиум со кој можеме да допреме до многу луѓе. Кој не сака со задоволство да оди во кино и барем за момент да се нурне во други светови? Големиот интерес го потврдуваат и бројките на гледачи: минатата година нашите филмови ги погледнаа повеќе од 10 илјади луѓе. Преку најразновидните теми сакаме да пренесеме една слика за модерна Германија, за нејзината култура, историја и општество. На овој начин исто така ги унапредуваме и познавањата на германскиот јазик, бидејќи сите филмови се прикажуваат во оригинал со превод“, вели таа.

Говорејќи за развојот на идејата Фестивалот да опфати што поголем број македонски градови, таа појаснува дека на тој начин едноставно сакаат да ги приближат новиот германски филм и уште повеќе германската култура до што поголем број на посетители.

„Зошто луѓето во градовите не би учествувале во културниот живот? Скопје има огромна културна понуда, сега во октомври дури и прекумерна. Напросто не знаете каде попрво да одите. Од друга страна во градовите низ Македонија има одлични Центри за култура. Таму пронајдовме прекрасни партнери, кои ни ги ставаат на располагање своите центри и со сите сили се трудат да го промовираат фестивалот и нашата соработка. Кога се прикажуваат нашите филмови, салите се секогаш полни. Тоа докажува дека луѓето едноставно и се радуваат на нашата филмска понуда“, вели таа.

Тајпел допочнува дека тие како организатори многу и се радуваат на претстојната „турнеја“ бидејќи на неа вообичаено се среќаваат со фини луѓе со кои разменуваат плодни мислења за прикажуваните филмови. Вели дека по Прилеп заминуваат во Битола и во Охрид, дека потем на 14 октомври во киното „Милениум“ во Скопје ќе биде сторено свеченото отворање и дека до крајот на месецот, по случаен одбир на градовите, ќе бидат опфатени и Куманово, Тетово, Велес, Штип, Кавадарци и Струмица.

Филмовите ќе бидат прикажувани со титл на македонски и албански јазик, а на прашањето за иднината на фестивалот, раководителката на одделот за култура истакнува дека за тоа ќе размислуваат по завршувањето на ова издание на манифестацијата.

„Сега најпрвин ќе му се радуваме на ова издание на Фестивалот. Инаку, неговата организација е поврзана со многу работа за нашиот мал оддел за култура и со значителна сума на финансиски средства. Најнапред мора да се откупат правата за секој филм, па потоа сè друго. Убедени сме дека ќе имаме сили вака да продолжиме и во иднина – ако се разбира тоа го сакаат и гледачите. Ние не сме професионалци. Се надеваме на убав „фидбек“, интересни предлози и желби, исто и од страна на медиумите, па ќе видиме што ќе можеме да понудиме за следната година“, вели Тајпел.

Кон ова само уште информацијата дека оние што имаат интерес за филмовите програмата можат да ја погледнат на интернет страницата на амбасадата www.skopje.diplo.de или на онаа на Фестивалот на новиот германски филм која гласи www.fngf.mk.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG