Достапни линкови

Бербата во ек, откупната цена на јаболката неизвесна


Откупувачите не истакнале цени по кои ќе се откупуваат јаболката. Овоштарите бараат откупната цена да не биде пониска од 15 денари за килограм.

Во ек е бербата на јаболката во Преспа, но откупната цена се уште не е дефинирана. Овоштарите се жалат дека трговците не истакнале цени по кои планираат да го откупуваат годинешниот род.

Се уште не е истакната цена по која локалните трговци ќе ги откупуваат јаболката. Цената во изминатите седум до осум години е непроменета и имаме главоболки.
Менде Ивановски, задруга на овоштари „Ресгруп“ од Преспа.

„И оваа година нема дефинирано пласман на јаболката. Се уште не е истакната цена по која локалните трговци ќе ги откупуваат јаболката. Цената во изминатите седум до осум години е непроменета и имаме главоболки. Продаваме 80 илјади тони јаболка, а добиваме 15 милиони евра како девизен прилив, се гледа дека откупната цена за јаболото е ниска“, вели Менде Ивановски од задругата на овоштари „Ресгруп“ од Преспа.

На прагот е нова откупна сезона, а има јаболкопроизводители кои се уште не ги зеле парите за продадените овошки од минатите години.

Нема да дозволиме во ниеден момент да биде оштетен производителот, а ќе организираме и разговори, средби на заедничка маса со откупувачите. Диви откупувачи нема да дозволиме.
Ванчо Костадиновски, заменик министер за земјоделство.

„Има нелиценцирани откупувачи. Тие немаат никакви обврски да го платат јаболкото. Има производители кои им дозволиле без склучени договори да им го земат јаболкото, а потоа овие нелиценцирани откупувачи да им ги дадат парите кога тие сакаат. Без договори не можеме ни судски процес да поведиме против ваквите откупувачи. Има овоштари на кои парите за откупаните јаболка не им се исплатени две години“, додава Ивановски.

Овоштарите бараат откупната цена на јаболката да не биде пониска од 15 денари за килограм.

„Родот е подобар од минатите години и можеме да кажеме дека имаме рекордно производство годинава. Количините се над 100 илјади тони. Цените кои ги очекуваме се од 15 до 20 денари за откуп на килограм. Производната цена е 11 денари и за земјоделците да се офајдат откупната цена треба да биде над 15 денари“, вели Љубе Пампулевски од Ресен.

Заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски вели дека нема да дозволат земјоделците да бидат оштетени со договорите од страна на откупувачите, ниту ќе дозволат да станат жртви на диви трговци.

„Како Министерство будно ќе ја следиме состојбата на она што значи договор за откуп меѓу производителите и регистрираните откупувачи на јаболка. Нема да дозволиме во ниеден момент да биде оштетен производителот, а ќе организираме и разговори, средби на заедничка маса со откупувачите. Диви откупувачи нема да дозволиме“, рече Костадиновски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG