Достапни линкови

Груевски без поддршка за изборните измени


Премиерот сам ги турка предлозите за изборни измени, досегашните поддржувачи имаат други интереси. За нив изјавите на Груевски се преговарачки трик. Дали ВМРО ДПМНЕ е се по осамена?.

Изјавите на премиерот Никола Груевски дека ВМРО-ДПМНЕ предлага, прво 17 пратеници бонус за победничката партија, па потоа и место тројца, 20 пратеници од дијаспората, не останаа актуелни долг период. Тие јавно не наидоа ниту на голема поддршка од други партии и структури кои се блиски до најголемата владејачка партија и кои досега вообичано и даваа поддршка на предлозите.

Јас мислам дека тоа е само преговарачки трик, дека ниту колегите од ВМРО-ДПМНЕ не мислат сериозно со тие предлози зошто знаат дека се не реални и ги предлагаат само за да може да добијат на време и да на преговарачка позиција.
Лилјана Поповска, ДОМ.

Според пратеничката Лилјана Поповска која е и прв човек на ДОМ, партија која до неодамна беше дел од владината коалиција, ваквите ставови се изолирано мислење и трик во преговорите.

„Јас мислам дека тоа е само преговарачки трик, дека ниту колегите од ВМРО-ДПМНЕ не мислат сериозно со тие предлози зошто знаат дека се не реални и ги предлагаат само за да може да добијат на време и да на преговарачка позиција“, вели Поповска, според која ваквите предлози имале штетни последици оти како што додава се губело време во кое можело да се има аргументирана расправа а не надмудрувања.

Значи поддржувачите вон политичкиот блок не гледаат сериозна издржаност и шанси овие предлози да поминат, а од друга страна политичките партии што се дел од блокот имаат спротивни интереси од ваквите предлози.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

И аналитичарот Алберт Муслиу смета дека ВМРО-ДПМНЕ остана сама да ги турка ваквите предлози во јавноста, оти партиски групации и другите фактори кои важат за блиски до партијата на Груевски во овој случај имаат спротивни интереси.

„Во конкретниот случај причините се различни, значи поддржувачите вон политичкиот блок не гледаат сериозна издржаност и шанси овие предлози да поминат, а од друга страна политичките партии што се дел од блокот имаат спротивни интереси од ваквите предлози, затоа што тоа се помали партии и својот интерес во друг изборен модел а не овој кој го укажа како предлог премиерот“, вели Муслиу.

Тој потсетува дека од досегашниот тек на разговорите поврзани со изборниот процес во јавноста покрај ваквите барања на премиерот, со став за една изборна единица излезе првиот човек на СДСМ Зоран Заев. Таа опција, пак, е далеку по прифатлива за помалите партии, вклучително и за оние што се дел од владината коалиција, бидејќи би им овозможила подобри позиции за разлика од предлогот за 17 пратеници плус за победничката партија која би ја зацврстила позицијата на големите партии.

„Ова се предлози кои верувам дека се дадени без консултација со нивните партнери, а од друга страна се предлози кои според јавноста не се во интерес на целото општество и на граѓаните, туку се во интерес на политичките партии. Овие преговори за изборниот модел кај сите учесници во политичкиот натперевар даваат надеж дека може да се вклучат и директно затоа што имаше предлози да се прогласи Македонија за една изборна единица, да се намали прагот поради што и помалите партии гледаат шанса самостојно да влезат во изборниот процес“, вели Муслиу.

Инаку денеска по неколкудневна пауза поради остуството на олеснувачот Питер Ван Хауте работната група се очекува да продолжи со состаноците на кои најдоцна до шести октомври треба да ги договорните измените поврзани со изборите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG