Достапни линкови

Наместо цвеќе на свадба - пари за „Порака Наша“


Млад брачен пар од Куманово подари пари на Дневниот центар „Порака Наша“. Тие побарале од гостите на нивната свадба да не носат цвеќиња, туку да донираат пари за „Порака Наша“.

Не е тешко да си хуман кон некого кому му е најнеопходна помош. Понекогаш вниманието е доволно, а чувството е неописиво од благодарноста на оние кон кои е покажан мал хуман гест, вели младата брачна двојка Милена Спасовска Колевска (25) хемиски инженер и Денис Спасовски (28) информатичар, двајцата од Куманово. Тие хуманоста ја искажале кон корисниците на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост на над 18 годишна возраст „Порака Наша“.

Мислевме дека е добро да се искористи еден таков организиран настан на кој има многу луѓе и ние како поединци да можеме да помогнеме да се искористи во хуманитарни цели. Наместо цвеќе, парите да бидат за хуманитарни цели.

Овие млади луѓе на поканите за неодамнешната нивна свадбена веселба на гостите им предочиле да не носат цвеќе, како што е вообичаено, туку парите за таа намена да ги стават во кутија. Поканетите биле малку изненадени, но прифатиле.

Идејата за донирање пари од свадба била заедничка.

„Мислевме дека е добро да се искористи еден таков организиран настан на кој има многу луѓе и ние како поединци да можеме да помогнеме да се искористи во хуманитарни цели. Наместо цвеќе, парите да бидат за хуманитарни цели.“

И се надеваме дека на ваков или на други слични начини многу млади луѓе ќе го следат примерот. За „Порака Наша“ секоја помош е добредојдена, а нам многу ни значеше вниманието.
Дејан Стојановски, педагог во Дневен центар „Порака наша“.

Милена и Денис кога ги донеле кутиите со пари во „Порака Наша“ велат дека се чувствувале прекрасно.

„Од една страна неописиво кога ги видовме овие деца-луѓе весели, насмеани, не бакнуваа, велат дека ве сакаат. Тие се толку невини суштества и навистина е убаво да се донира.“

Милена и Денис сметаат дека ова е само мал чекор, дека со него ќе ги поттикнат и останатите млади луѓе да бидат хумани, а за тоа не треба многу.

„Мислам дека ќе ги поттикнеме и другите млади луѓе да размислуваат како нас и на сличен начин да помагаат во хуманитарни цели. На овој начин сакавме еден голем број луѓе да се запознаат со постоењето на „Порака Наша“, а чувството е одлично.“

Дејан Стојановски педагог во овој Дневен центар, вели дека овој чин на младата брачна двојка е за поздравување.

„И се надеваме дека на ваков или на други слични начини многу млади луѓе ќе го следат примерот. За „Порака Наша“ секоја помош е добредојдена, а нам многу ни значеше вниманието. Средствата се важни,но вниманието е пред се. Значењето пак е уште поголемо што некој во таков момент од својот живот помислил на оваа категорија луѓе.“

Широката насмевка на корисниците од „Порака Наша“ кон Милена и Денис, за оваа младата брачна двојка ќе биде уште поголем поттик да иницираат и да реализираат уште многу хуманитарни акции. Се надеваат дека ќе имаат следбеници, зашто не е тешко да си хуман и внимателен кон секого, особено кон немоќниот.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG