Достапни линкови

Лабуништа собира помош за мигрантите


Жители на струшкото село Лабуништа собираат хуманитарна помош за бегалците и мигрантите во Гевгелија. Најмногу носат вода, храна и хигиенски препарати.

Група граѓани на струшкото село Лабуништа самоиницијативно собираат помош за бегалците кои се наоѓаат во Гевгелија и ја дистрибуираат директно до нив. Велат дека ова го прават со цел да им помогнат на овие луѓе кои во потрага по подобар и побезбеден живот бегаат од своите домови во Сирија и другите држави. Најмногу носат вода, храна и хигиенски препарати. Досега 17 пати однеле помош за овие лица на кои, како што велат, им е неопходна.

Досега сме биле седумнаесет пати. Секој пат сме носеле по 1500 пакетчиња кои се состојат од вода, леб, прехранбени производи, конзервирана храна, детска храна, овошје и друго.
Мусо Тафилоски, жител на Лабуништа.

„Досега сме биле седумнаесет пати. Секој пат сме носеле по 1500 пакетчиња кои се состојат од вода, леб, прехранбени производи, конзервирана храна, детска храна, овошје и друго. На овој чекор се одлучивме бидејќи кога бевме таму првиот пат видовме дека нема никој кој се грижи, освен неколку хуманитарни организации. Глетката беше лоша. Ние тоа го пренесовме во нашите места. Граѓаните се солидаризираа со тоа и дадоа голем придонес и сè уште даваат голем придонес“, вели Мусо Тафилоски, жител на Лабуништа.

Собирањето на помош не запира. Во тек е подготовката на нова пратка хуманитарна помош.

Тука во Лабуништа ги пакуваме пакетчињата, оваа ни е 18-та тура која ја носиме по 1500, па некогаш и по 2000 пакетчиња, така што ние лично ја доставуваме храната на сите оние на кои им е потребна.
Авдираман Шерифоски, жител на Лабуништа.

„Тука во Лабуништа ги пакуваме пакетчињата, оваа ни е 18-та тура која ја носиме по 1500, па некогаш и по 2000 пакетчиња, така што ние лично ја доставуваме храната на сите оние на кои им е потребна. Oткако ќе се соберат потребните средства се пристапува кон другата фаза, а тоа е пакување на пакетчињата, па ги носиме во Гевгелија со комбе. Во соработка со Легис од Скопје имаме пристап до кампот во Гевгелија и така секое пакетче го доставуваме од рака во рака на сите оние на кои им е потребно“, вели Авдираман Шерифоски, жител на Лабуништа.

Шерифоски вели дека она што се случува во Гевгелија е навистина жално да се гледа.

„Имајќи предвид дека имаш сè и во еден момент во животот да загубиш сè. Тие што бегаат од Сирија и Пакистан бегаат со едно ќесе и буквално целата куќа ја носат во тоа ќесе. На нив им е потребна секаков вид на помош. Од храна, обувки, маици, за малите деца памперси, кашички за бебињата, крем за лицата. Во Гевгелија е многу топло и е жално да ги гледаш бебињата, бидејќи нивната кожа е многу нежна“, вели Шерифоски.

Жителите на Лабуништа најавуваат дека ќе продолжат со оваа хумана акција сè додека има потреба од тоа.

XS
SM
MD
LG