Достапни линкови

Димовски - Најдобро е измените да ги барате во изборна година


Димовски - Најдобро е измените да ги барате во изборна година
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:05 0:00

Димовски - Најдобро е измените да ги барате во изборна година

Најдобро е одредени измени што ги барате, да ги барате во предизборна година, тогаш сè ќе добиете. Јас мислам дека ќе проработи совеста и разумот кај одговорните дека образованието мора да претрпи коренити промени, вели Владо Димовски, просветен работник и член на Наставнички пленум, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Димовски, со почетокот на школската година повторно се актуализираат проблемите во образованието. Минатата година тие ескалираа со протести и на Наставничкиот и Средношколскиот пленум. Што очекувате дека годинава ќе ви задава најголема главоболка?

Проблемите во образованието не се нови и тлеат повеќе од десетина години, но минатата година нас повозрасните наставници и професори нè разбудија прво студентите, а подоцна и средношколците па наставниците. Нè разбудија за да го искажеме своето незадоволство од лошите реформи во образованието. Не очекувам дека оваа година со почетокот на годината ќе има некакви измени, бидејќи влегуваме во една нова учебна година каде не се направија никакви измени, се направија одредени отстапки кај средношколците со матурата, а другото остана сето исто, дури и она што се направи со матурата кај средношколците пак ќе биде проблем, освен ако средношколците со протести пак не го одложат тоа за некоја друга година. Но, она што како наставниците го направивме, не вроди со плод, затоа што не бевме ниту повикани на некои разговори кај министерот. Иако министерот за образование во некои негови изјави во подоцнежно време велеше дека во август ќе се консултирал со Наставничкиот пленум и со некои други здруженија, како Здружение на просветни работници и со средношколците, такви разговори нема, не се објавија досега. Учебната година почнува исто како и мината година со апсолутно истите проблеми. Со истите проблеми со учебниците, оваа година е веќе шеста година како се употребуваат истите учебници кои веќе не се учебници за употреба. Знаете дека во Законот за основно и средно образование, тие учебници, по третата година откако се користат, треба да бидат обновени. Тоа не се направи, па во Законот се пролонгираше до петта година, но еве ја сега и шестата година. Потоа дека учебниците ќе се наплаќаат од учениците доколку се искинати, ако ученикот ја врати скината книгата и слично, тоа не се спроведе во дело, затоа што не можете вие после пет или шест години користење на некој ученик да му наплатите учебник ако тој таков го добил. Ова се само примери, проблемите си останаа во образованието, а се надевам дека ќе смогне сили Министерството да ги надмине проблемите, барем кога ќе започне учебната година, кога во пракса ќе се почувствуваат последиците од лошите реформи во образованието па дел по дел ќе ги решаваат.

Ги спомнавте учебниците, премиерот најави веќе обновување на учебниците, но дали суштинскиот проблем е во тоа што се стари или пак во нивниот квалитет, во она што имаат во нивната содржина?

Самите учебници прво имаат лош квалитет, почнувајќи од содржините внатре, лоши преводи на јазиците на заедниците, лоши историски податоци, измешани, неточни и така натаму, до квалитетот во изработката на самите учебници на хартијата. При самата дистрибуција на учебниците тие се распаѓаат. Дали е тоа така затоа што набрзина се работи или нешто друго, не можам да судам. Верувам дека издавачите си ја завршиле својата работа, а како било тоа договорено да биде нивото на квалитетот си знаат само одговорните во Министерството.

Дали просекот од екстерното тестирање кој изнесува 3,26 покажува дека македонското образование е добро, но далеку од одлично?

Од одлично дека е далеку, далеку е. Тоа е сигурно, а и овој просек кој произлезе од екстерното не е вистинската слика од екстерното тестирање, затоа што знаме како се спроведува екстерното тестирање кај нас. Во голем дел од руралните средини дури не се ни спроведува екстерно тестирање. Екстерното таму го спроведуваат наставниците, а не учениците, затоа што онаму каде што нема компјутери, каде што учениците не ни работеле или не го ни познаваат компјутерот, како може да спроведе екстерно тестирање ако не ни знае како изгледа компјутерот. Можеби за учениците што се во урбаните средини не преставува проблем, но за учениците што се во руралните средини навистина претставува проблем. Тука се и проблемите со спроведувањето на екстерното, со немањето интернет, слаб интернет, слаба струја, во некои дури воопшто нема. Имаме ние пример, во едно училиште од нашето истражување што го правевме, дека откако е изградно училиштето до ден денеска нема внесено струја. А имавме и една комуникација со една од одговорните во Државниот испитен центар каде јас и објаснував дека ние во училиштето немаме струја. Таа ме праша како мислите нема струја во 21 век. Нема, нема струја.

За кое училиште станува збор и колку години нема струја, како функционира?

Четириесет години и повеќе нема струја. Тоа е подрачно училиште во село Малчиште. Значи нема струја. Тоа е и со писмо доставувано, тоа е подрачно училиште на училиштето во кое јас работам, значи нема струја воопшто. Не е ниту врзана струјата од училиштето за бандера и тоа е со писма до Министерствата барано и од сегашниот и од поранешниот директор на училиштето, но останува статус кво ситуацијата. Малку биле ученици, ни велат, а 11 ученици во едно подрачно училиште не се малку да се разбереме. Во некои училишта во мариовскиот крај имаме по двајца ученици или по еден, па си функционира училиштето.

Што е она што е потребно да се направи како промена во делот на екстерното тестирање? За што се залагате?

Она што е во делот на екстерното оценувањето што треба да претрпи измени, во текот на летото и минатата година имаше одредени барања за укинување, за промени на формулацијата, за промена на системот на евалуација и така натаму. Во текот на летото од неколку здруженија на просветни работници кои се официјално регистрирани според законот за здруженија на граѓани, каде што членуваат наставници и професори, дојдовме до една варијанта да се предложат измени и дополнувања на законот за основно и средно образование. Во текот на септември ќе бидат доставени до Собранието, имаме поддршка од поголем број на пратеници, бидејќи тие ќе го поднесат, ние како здружение не можеме да го поднесеме. Тука за екстерното тестирање, покрај сите оние други измени за казни, награди и така натаму, екстерното тестирање има најголем простор заземено. Се предлага да биде нов систем на екстерно проверување, а не екстерно тестирање, формативно екстерно проверување кое ќе служи за статистички податоци за да се види каде недостасува нешто во образованието или каде треба да се дополни. Тука ќе бидат споредбите рурална – урбана средина, или само урбана – урбана и рурална - рурална средина, национален состав на учениците, социјалниот статус на учениците, каде и зашто е послаб некаде успехот и предлагаме во тој дел оценката добиена на екстерното проверување да не влегува во севкупниот просек на учениците и не влегува во свидетелството, бидејќи тоа е небулоза, во свидетелство да имате единица и да го преминете учебната година од едно во друго одделение.

Дали се надевате дека сега во подготовката на владејачката гарнитура за избори ќе може да ги остварите своите барања токму поради предизборен популизам?

Најдобро е одредени измени на што било да ги барате во предизборна година, тогаш сè ќе добиете. Јас мислам дека ќе проработи совеста и разумот кај одговорните во министерството и во Владата на Македонија, дека образованието мора да претрпи коренити промени. Образованието е столбот на ова општество, не е столбот чешмата во Чешиново што ќе ја пуштите со сечење лента. Образованието е столбот. Ако тој столб не го зацврстите на здрави основи, тогаш немате ни здраво општество.
Какви коренити измени се потребни во образованието?

Законот за образование, според кој денеска се работи, е многу стар од времето на социјалистичкото општество, само што во транзицискиот период која партија доаѓаше на власт додаваше некои измени кобајаги за подобро, но се отиде на лошо. Во последните седум до осум години, катастрофа е. Почнавме со измените за коефициент на образование, нема сега градација на наставници и професори според коефициентот на образование, туку сите се водат под една капа - наставник, без разлика дали само средно школо завршил и станал наставник, што ги има такви случаи. Нашето истражување покажа дека 22,7 проценти од наставниците во Република Македонија имаат само средно училиште завршено што е нон-сенс. Тие работат со свои врсници, така речено. Па сè до одлуките на големиот „реформатор“ во образованието, министерот Тодоров, кој ја донесе одлуката сите наставници, без разлика какво образование имаат завршено, да земаат иста плата, што е чиста глупост. Девалвирањето на високото образование токму тогаш дојде до израз. Јас како високо образован кадар земам иста плата со некој таму колега што едвај матурирал со двојка во некоја гимназија и сега ми е колега и предава пет до шест предмети и зема иста плата, тоа е небулоза невидена. Потоа делот кога се внесуваа колективни договори, вакви па такви, сè тоа одеше на штета на образованието, компјутеризацијата која не се спроведе до крај, компјутеризација во училиштата ако се спроведеше до крај, како што беше замислена, ќе беше идеална. Тоа е најголема грешка кај нас, никој пат ниту до половина не се реализираат таквите работи и остануваат отворени прашањата. Компјутери нема во сите училишта, сите деца не знаат да работат на компјутери, банкоматите, јас ги викам банкомати по селата, кои беа поставени покрај училиштата за бабите да сурфаат со своите синови, отидоа во старо железо, потоа законите предвидоа казни за наставници, а тоа требаше да го предвидат правилниците на самите училишта и тие си постоеја и си функционираа како такви, па се отиде на драстични казни за наставниците од 15 проценти, па дури имавме случаи во кои наставник кој работи во две училишта во едното е награден, а во другото е казнет. Невидена работа е тоа, мора законот да ги претрпи тие измени.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG