Достапни линкови

Дејв Вилсон – SCPS Jazz ensemble е уникатен проект


Со премиерната изведба на композиции од проектот „Encounter“, оваа среда, на 29 јули, во 20.30 часот, на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, концерт ќе одржи интернационалниот CSPS JAZZ ENSEMBLE. Станува збор за дружина што ја сочинуваат Дејв Вилсон – баритон саксофон, Стелиос Цаѕикилеас – труба, Кирил Кузманов – алт саксофон, Иван Иванов – тенор саксофон, Бојан Петков – гитара, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Ратко Даутовски – перкусии, а нивниот настап е во рамките на актуелното Скопско лето.

Дејв Вилсон е Американец. Музичар. Саксофонист и композитор. Во последнава декада живее и твори во Лос Анџелес, а мнозина во градов го поимаат како вистинска „скопска урбана фаца“. Честопати можете да го сретнете со разни постави од музичари на подиумите на главноградските клубови и познат е по соработките со Тони Китановски, Александар Секуловски, Васил Хаџиманов. Течно говори македонски и трпеливо работи на својата докторска дисертација, која е всушност анализа на жанровското шаренило и музичките сцени во нашава земја. Конечно тој плени со својата непосредност и со незгасивата потреба за дружба и размена на енергии.

Со дел од композициите од албумот настапивме и на манифестацијата „Виртуози“ што ја организира СОКОМ и кога ги видовме реакциите од публиката воопшто не се двоумевме дека треба да се влезе во студио и сето тоа да се документира, да се стави на некаков носач на звук.
Дејв Вилсон, музичар.

И, кога ова е веќе познато, безмалку никого, а најмалку познавачите и проследувачите на културните настани, и да не изненади најавата за концерт на неговиот CSPS JAZZ ENSEMBLE на Скопско лето. Перформансот ќе се одржи оваа среда, на 29 јули, во 20.30 часот, на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, а дружината ќе го промовира материјалот од проектот „Encounter“ чии автори се Вилсон и контрабасистот Кирил Туфекчиевски. Покрај нив, составот го сочинуваат извонредните сакасофонисти Кирил Кузманов и Иван Иванов, гитаристот Бојан Петков, Стелиос Цаѕикилеас на труба и Ратко Даутоски на перкусии, музичари со бројни изданија, сопствени бендови и повеќе од завидна репутација не само во домашни туку и во регионални рамки.

„Овој проект е доста интересен и многу важен за нас како музичари. Го работевме главно во 2013 година додека бев тука во Македонија, а го снимивме лани во септември. Со дел од композициите од албумот настапивме и на манифестацијата „Виртуози“ што ја организира СОКОМ и кога ги видовме реакциите од публиката воопшто не се двоумевме дека треба да се влезе во студио и сето тоа да се документира, да се стави на некаков носач на звук. Инаку, луѓето со кои соработувам се врвни инструменталисти. Тие се кремот од најдобрите млади музичари во Македонија. Според оние коишто го чуле она што досега сме го сработиле станува збор за убаво спакуван модерен џез и за материјал кој држи вода. Нешто кое е дел од вкупната овдешна дискографска понуда, но и музика која слободно може да се пласира било каде во светот“, вели Дејв Вилсон.

Американското образование остава простор и има средства за мултинационални проекти кои не се комерцијални, а се доста важни за традицијата и културата воопшто. Затоа во иднина се надевам на што почести доаѓања во Македонија и на активности врзани со овој и некои идни обмислени проекти.
Дејв Вилсон, музичар.

Тој дополнува дека за него како автор, како уметник, не е важно само да собира информации додека е во Македонија, туку и да и дари нешто на локалната сцена, а овој проект го смета како дел од таквата негова филозофија. Истакнува дека самиот моментално е распнат помеѓу промотивните активности и одбраната на неговата докторска дисертација којашто треба да се случи за неколку месеци, но убеден е дека едното нема да трпи поради другото и дека потем пред нив ќе се отворат и нови можности.

„Јас сум во Лос Анџелес последниве 10 години и сега сум во еден вид транзициски период. Откако ќе ја одбранам дисертацијата пред мене ќе се отворат нови можности. Дај боже, потем ќе бидам професор на некој од американските универзитети, а тоа подразбира простор за развивање и реализација на бројни проекти. Посебно од овој тип – уникатни. Американското образование остава простор и има средства за мултинационални проекти кои не се комерцијални, а се доста важни за традицијата и културата воопшто. Затоа во иднина се надевам на што почести доаѓања во Македонија и на активности врзани со овој и некои идни обмислени проекти. Знаете, што почестите контакти и средби со уметници и музичари надвор од твојата држава, надвор од твојот круг, донесуваат поквалитетни и повозбудливи проекти“, вели тој.

Кон ова само уште информациите дека снимател и продуцент на материјалот на албумот „Encounter“ на CSPS JAZZ ENSEMBLE е искусниот Ален Хаџи-Стефанов од ЏЕЗ ФМ РАДИО. Во моментов течат преговорите за која домашна продуцентска куќа ќе биде публикуван, а не е исклучено понудата да се најде на европскиот и на американскиот дискографски пазар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG