Достапни линкови

Бројките на Хан и на Пешевски - не ја бива работава


Дали растот е 0 проценти, според Јоханес Хан, или е повисок, според Пешевски, е помалку важно. Никој не треба да има илузии дека политичката криза нема да го намали економскиот раст, велат аналитичарите.

По одбивањето на вицепремиерот Пешевски да му поверува на еврокомесарот Хан дека наместо 4 отсто, економскиот раст ќе биде 0, дел од економистите коментираат дека е разбирливо оти моменталната политичка ситуација во Македонија ќе предизвика последици во економијата. Пешевски ја отфрли оценката на Хан, нарекувајќи ја неточна и изјави дека и натаму очекува македонската економија оваа година да има раст и тоа да биде еден од највисоките во Европа.

Нашиот раст одамна се движи во границата меѓу нула и три отсто, што за една економија како Македонија е сосем недоволно.
Никола Поповски, поранешен министер за финансии.

Поранешниот министер за финансии Никола Поповски коментира дека вистината е на средина, но смета дека загрижува она што Пешевски го пласира во јавноста, бидејќи стапката на раст и долги години наназад не е доволна за да има придвижувања во економијата.

Прогнозата на Хан укажува на фактот дека политичката криза невозможно е да не влијае врз стопанството, додека изјавата на Пешевски е во рамките на политиката на партијата на власт која и натаму се обидува да одржи некој оптимизам.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

„Далеку од тоа дека ќе имаме нула. Мислам дека господинот Хан, и покрај тоа што претставува една сериозна европска институција, не е доволно координиран со економските сектори во комисијата за да може да оцени што се случува во Македонија. Но, од друга страна, загрижува изјавата на нашиот потпретседател на Владата, кој исто така делува недоволно информиран. Нашиот раст одамна се движи во границата меѓу нула и три отсто, што за една економија како Македонија е сосем недоволно“, вели Поповски.

Во споредба со развиените држави во Европа кои имаат бавен раст меѓу нула и два проценти, Македонија има поголем раст, но тоа не споредливо зашто тие се многу развиени земји и имаат поинакви проблеми од нашите, дополнува Поповски. Според него, во Македонија во наредниот период растот ќе биде меѓу нула и три проценти и ќе зависи и од развојот на настаните во Грција, но потенцира дека 3 проценти не може да ги реши проблемите во економијата.

Не треба да имаме илузија дека Македонија може да живее подобро со неуспех на преговорите за излез од политичката криза, изјави поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

„Прогнозата на Хан укажува на фактот дека политичката криза невозможно е да не влијае врз стопанството, додека изјавата на Пешевски е во рамките на политиката на партијата на власт која и натаму се обидува да одржи некој оптимизам. Навремените политички мерки треба да помогнат во спречување на ризиците од приближување кон нула“, смета Џевдет Хајредини, додавајќи дека во спротивно штетите врз македонската економија само ќе се зголемат.

„Ништо ведро не може да се очекува оваа година и наредните доколку Македонија дефинитивно не го најде правиот пат. Министерот за надворешни работи на Словачка во Европскиот Совет изјави дека Македонија е единствена земја во Европа чија состојба е полоша денеска отколку пред 10 години. Инаку, и ММФ ја намали проекцијата на растот од 3,8 на 3,4 отсто.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG