Достапни линкови

Фотографии од затворени дуќани на Мостот во Битола


Изложбата „Распаѓање“ со фотографии од затворени дуќани во битолската чаршија на новинарот Фергим Демири е поставена на мостот во Битола.

Битолскиот новинар Фергим Демири на мостот што општината го реновираше пред влезот на чаршијата постави изложба „Распаѓање“ со фотографии од затворени дуќани во чаршијата. Тој изложи десетици фотографии од спуштени кепенци и ставени катанци на дуќани кои веќе не работат. Авторот на изложбата вели дека ова е негов крик против умирањето на ова градско јадро и слабеењето на битолската економија.

Затворени се 129 дуќани во последниот период од вкупно над 400 дуќани кои се наоѓаат на територијата на чаршијата.
Фергим Демири, новинар и уметник.

„Се работи за изложба која ја претставува вистината за битолската чаршија. Гледајќи ја чаршијата како венее и пропаѓа, ги фотографирав дуќаните, пред сè катанците и спуштените кепенци на дуќаните кои се затворени. Истражувајќи дојдов до информација дека во Битола со изумирањето на занаетите и економската немоќ на граѓаните, затворени се 129 дуќани во последниот период од вкупно над 400 дуќани кои се наоѓаат на територијата на чаршијата“, вели Демири.

Самиот наслов на изложбата „Распаѓање“ доаѓа од тоа што ни се распаѓа ткивото на стопанисувањето во градот.
Фергим Демири, новинар и уметник.

Тој додава дека сме далеку од сјајот што чаршијата го имала во 18 и 19 век кога во Битола пропатувале многу патеписци и пишувале за нејзиниот голем економски подем. Во тоа време старата битолска чаршија со 900 дуќани била дамарот на градот со преку 140 занаети и професии. Чаршијата броела триесетина пазари сместени во различни улички, како Ат Пазар, Овчи Пазар, Житни Пазар, Маст Пазар, Пекмез Пазар и уште многу други.

„Прочитав дека во 1873 година мисионер кој од Америка дошол во Македонија ја опишал како чаршија која можела да се спореди со сараевската и солунската. Денес изумрени се скоро сите занаети, останати се некои кондураџии и уште еден ковач. Па, самиот наслов на изложбата „Распаѓање“ доаѓа од тоа што ни се распаѓа ткивото на стопанисувањето во градот. И тоа е една болка, не само за мене како новинар и уметник, туку за сите граѓани. Има доволно посетители и ја оправдуваат изложбата“, додава Демири, претседател на Здружението за култура, уметност и образование „Конгреси и башкимит“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG