Достапни линкови

Снеговите го наполнија Охридското Езеро


На електронска дисплеј табла јавно достапни ќе бидат информациите поврзани со нивото на езерото, како и температурата на водата и воздухот.

Охридското Езеро во Охрид доби хидролошка станица со електронска дисплеј табла со која во иднина јавно достапни ќе бидат информациите поврзани со нивото на езерото, како и температурата на водата и воздухот.

Затоа еден апел до сите кои управуваат со езерото да внимаваат на неговите води, бидејќи не е битно неговото искористување, туку е битен неговиот опстанок.
Васко Стојов, Управа за Хидрометеоролошки работи од Скопје.

Васко Стојов од Управата за Хидрометеоролошки работи од Скопје вели дека податоците, покрај на дисплејот, ќе бидат достапни и на страната на УХМР. Стојов вели дека дождливата зима влијаела позитивно врз Охридското Езеро.

„Врнежите секогаш се добредојдени за покачување на нивото на езерото затоа што знаеме дека ова езеро е контролирано вештачки кај излезот кај Струга. Во зависност од тоа како ЕЛЕМ ги користи водите од езерото, така и езерото ќе опстојува. Затоа еден апел до сите кои управуваат со езерото да внимаваат на неговите води, бидејќи не е битно неговото искористување, туку е битен неговиот опстанок“, вели Стојов.

Тој посочува дека е нормално до јуни водостојот на езерото да е во покачување, но оти дождливата зима ќе го одржува нивото на езерото константно сè до август.

„За тоа поголемо покачување виновни беа почестите врнежи кои ги имаше во месеците јануари, февруари и март, кои донесоа и снег на планините. Овие врнежи постепено од планините се симнаа и до езерото. Нормално е дека тие резерви не одат многу брзо и затоа очекуваме до месец август езерото да го одржува своето ниво нормално и постепено ќе се намалува сè до октомври и ноември кога очекуваме езерото повторно со новите врнежи да го продолжи своето покачување“, вели Стојов.

Дејан Паноски од Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро вели дека во начинот на менаџирање со Охридското Езеро една од најважните компоненти која досега недостасувала била мониторингот врз езерото.

„Без тие резултати од мониторингот ние не можеме да носиме квалитетни одлуки кои се однесуваат на Охридското Езеро и без тие резултати не можеме да ги следиме промените кои се случуваат на екосистемот, биодиверзитетот и квалитетот на водата. Затоа е значајно покрај тоа што е оваа табла, многу е позначајно и другите параметри од биолошки, физички, хемиски карактер да се следат да се разменуваат од македонска и албанска страна и да се споделуваат и на крај врз основа на тие параметри да се носат правилни политички одлуки за иднината на Охридското Езеро“, вели Паноски.

XS
SM
MD
LG