Достапни линкови

Ако Преспанското Езеро се загадува 10 години, ќе се чисти 30


Со години Преспанското Езерот завршувал отпадот од јаболката, остатоци од пестицидите и дел од комуналниот и друг отпад.

Квалитетот на водата во Преспанското Езеро последните години се подобрува, но потребно е подолго време за да се врати во првобитна состојба, зашто со години трпеше загадување, вели Димитар Сековски, раководител на проектот за заштита на Преспанското Езеро.

Ако сме загадувале 10 години, ќе бидат потребни 30 години езерото да се врати во првобитна состојба.
Димитар Сековски, раководител на проектот за заштита на Преспанското Езеро.

„За подобрување на еколошките процеси во езерото потребно е подолго време. Најчесто по правило еден спрема три. Ако сме загадувале 10 години, ќе бидат потребни 30 години езерото да се врати во првобитна состојба“, вели Сековски.

Преспанско Езеро.
Преспанско Езеро.

Години наназад во езерото завршувал отпадот од јаболката, со понирање и остатоци од пестицидите, дел од комуналниот отпад и друго. Езерските води се црпеа и за наводнување во земјоделството, а и глобалното затоплување го стори своето па го намали нивото на водата. И покрај ваквите промени, до годинава Ресен не располагаше со мониторинг станица која ќе даде точни податоци за загадувањето.

Промените во езерото не се знаеше до кое ниво се природни, до кое се одговорност на човекот и какви мерки треба да се преземат.
Димитар Сековски, раководител на проектот за заштита на Преспанското Езеро.

„Иако Преспанското Езеро е исклучително уникатен еко систем, кој поради комбинација на природни и човечки фактори се соочуваше со бројни предизвици во изминатите децении, сепак немаше свој локално организиран мониторинг систем. Во негово отсуство, одговорот на надлежните институции кон тие промени на системот не биле доволно ефикасни. Промените во езерото не се знаеше до кое ниво се природни, до кое се одговорност на човекот и какви мерки треба да се преземат“, додава Сековски.

За првпат во постоењето на Преспанското Езеро годинава поставена е современа мониторинг станица преку која секојдневно го анализира квалитетот на езерските води. Станицата е со седиште во село Стење, а се состои од брод за земање примероци и објект со лаборатории. Станицата чини еден милион франци, средства инвестирани од швајцарската влада преку проектот Заштита на Преспанското Езеро, чии имплементатори се УНДП, Министерството за животна средина и Општина Ресен.

„Мерењата што ние ги вршиме врз водата во Преспанското Езеро покажуваат во последните години постепено подобрување на квалитетот. Тоа го поврзуваме со преземените мерки во рамки на сливното подрачје кои се навистина многу, од изградба на нови канализациони системи, прочистителни станици, нови системи за управување со отпадот, одржливи мерки во земјоделството, со што се спречува загадувањето што завршувало во езерото и вршело притисок врз него“, вели Сековски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG