Достапни линкови

Весниците фокусирани на мигрантите и кризата


Весниците пишуваат за судбината на мигрантите кои поминуваат низ Македонија и политичката криза на статус-кво позиција.

Најнапред во прегледов за она што во историските записи би требало да остане како најголемата човечка трагедија на 21 век: мигрантите од сопствените огништа, особено оние кои се најдоа во Македонија. „Мигрантите добија 72 часа во Македонија - владата формираше работна група од пет министерства која секојдневно ќе ја следи ситуацијата”, информира Утрински, кој исто така забележува дека „Возовите ги отворија вратите за мигрантите - за два дена на велешката железничка станица е урнат рекордот за продадени возни билети“.

Мигрантите добија 72 часа во Македонија - владата формираше работна група од пет министерства која секојдневно ќе ја следи ситуацијата.
Утрински весник.

Дневник информира дека „Откако ги евакуираа од островите - 2.000 мигранти од Грција тргнуваат кон Македонија“. Ние додаваме: белки нема да ги снајде истата судбина како овие претходниве.

И да грми и да вее и бура да носи... политичката криза во државава на статус кво позиција. Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими отиде во Брисел за да спасува што може, односно да се обиде да ги обнови преговорите, а оттаму, според информациите на Утрински, „За Хан уште важи договорот од 2 јуни; Европската комисија бара податоци колку се должни јавните претпријатија и како Владата го троши јавниот буџет“.

Вечер и Дневник одат со наслови: „Хан достави листа на итни реформи и барање да се почитува договорот од 2 јуни“. Инаку, „Јункер стои зад Хан - ЕУ зеде збор во дворските игри во Скопје“, наслови Утрински, откако портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас потврди дека првиот човек на неформалната влада на ЕУ, Жан Клод Јункер и сите земји членки стојат зад комесарот Јоханес Хан по обвинувањата дека бил пристрасен кон владејачката партија, објавува Утрински. Слободен печат насловува: „Партиите си намигнуваат за нова средба - ќе влезе ли Груевски во преговори за заминување?“

И како за крај, Макстил конечно ги изгради филтрите на своите оџаци, иако со задоцнување. За ова информира Нова Македонија под наслов: „Макстил во целост го исполни ветеното“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG