Достапни линкови

Експертска влада - најпрактична за Македонија


Експертска влада, според политиколози, е најдоброто решение за транзицискиот период до изборите во април 2016

Преодна влада, без разлика во каков состав ќе биде, треба да ги организира следните избори, сметаат дел аналитичари, според кои, тоа е неопходно бидејќи опозицијата и дел граѓани веќе немаат доверба дека актуелната владејачката гарнитура можела да спроведе фер и демократско гласање.

Не верувам дека опозицијата ќе прифати влада во којашто премиерот и најголем дел од министрите ќе бидат сегашните и затоа мислам дека влада којашто ќе може да спроведе фер и демократски избори е некоја друга влада, не сегашната.
Никола Дујоски, универзитетски професор.

И според професор Никола Дујоски, владата која би ги спроведувала изборите не треба да биде актуелната.

„Не верувам дека опозицијата ќе прифати влада во којашто премиерот и најголем дел од министрите ќе бидат сегашните и затоа мислам дека влада којашто ќе може да спроведе фер и демократски избори е некоја друга влада, не сегашната“, вели Дујоски, кој не навлегува во тоа дали таа би била експертска или партиска, оти, како што додава, најважно било да е прифатлива за партиите.

Најпрактичен пристап би бил да се формира влада која би била составена од експерти, од видни личности прифатливи за сите политички партии кои добро ја знаат својата работа и нема да поттикнуваат сомнеж кај која било партија дека тоа го прават од партиски интерес.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

И според анкетата поставена на нашата интернет страница, на прашањето кој треба да ги организира предвремените избори, најголем дел од оние што одговориле, односно речиси 78 отсто, се изјасниле дека тоа треба да биде преодна или техничка, за сегашната се определиле нешто повеќе од 20 отсто, а со не знам одговориле речиси три отсто.

„Еден голем дел граѓани го спори нивниот капацитет да спроведат фер и демократски избори. Мислам јасно беше потенцирано и од опозицијата дека оваа влада тоа не може да го стори. Истата оваа опозиција не ги признава резултатите на последните избори кои оваа влада ги спроведе. Оваа влада сигурно не е таа која би била прифатлива за голем број граѓани“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Тој додава и дека најдобра и најприфатлива опција би била преодната влада да биде составена од експерти.

„Најпрактичен пристап би бил да се формира влада која би била составена од експерти, од видни личности прифатливи за сите политички партии кои добро ја знаат својата работа и нема да поттикнуваат сомнеж кај која било партија дека тоа го прават од партиски интерес“, вели Муслиу.

Неколкутемина граѓани што ги анкетиравме, пак, се со поделени мислења околу тоа кој треба да ги организира следните избори.

„Со Груевски никако, таа може да биде преодна, може да биде техничка, може да биде каква било влада, само тој да не е таму.“

„Не преодна. Нека си одат како што си одеа досега, нека си ги измерат силите и Заев и другите“, велат анкетираните граѓани.

Идната недела по состанокот во Брисел се очекува да стане и појасно каква влада ќе има земјата до април идната година за кога според договорот од вторникот од Скопје треба да се одржат изборите. Од опозицијата велат дека ако на тој состанок не биде договорена и преодната влада, тогаш немало да важи ниту договорот за избори во април.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG